Интервју

Кога ја добив првата внука, ја мирисав цела ноќ и не спиев три вечери – искрено со Ели Танасковска

„Тој, ми ги праќаше моите писанија , а заедно се радувавме на првите места. Потоа.. се беше песна“ вели Танасовска

Реклама
Реклама

Долги години е бренд на МТВ. Важи за една од најнегуваните и многу пријатна дама која е препознатлива посвојата речитост и смиреност. Вели дека професијата ја  учела од дамите владетелки во националната телевизија и научила многу лекции. Мајка на две ќерки, баба и сопруга. „Од оваа дистанца, сега згасна златното веме на МРТ. Времето кога имаше ригорозни критериуми и филтри, да станеш дел од овој медиум. Не се почитуваат брендовите, авторите , внатре. Иако комплиментите и дипломите ги добиваме од надвор. Јас, одев скала по скала. Напорно!“ вели во интервју за Гламур Ели Танасковска

ПРИВАТНА АРХИВА

Долги години сте водителката и уредник во културно – уметничката програма на МТВ. Важите за една од најубавите, најнегувани многу пријатни и нешто кое што јас сум го забележала во Вашата работа е таа смиреност и таква специфична речитост со употреба на метафорични елементи што ретко кој го употребува кај нас во медиумите. Како да везете поезија и проза кога говорите? Од оваа дистанца како Вие гледате на сите овие години поминати во МТВ и изводени илјадници емисии?

Ти благодарам, драга Вики што сме на иста фрекфенција и енергија. Сигурна сум, ете по толку искуство , дека сличните луѓе едноставно се привлекуваат и така посилно зрачат. Мојот карактер е таков. Смирен. Сакам , се да биде до перфекција, сработено. Но , не кревам врева. Сама, ќе ја средам и работата на останатите, но не со помпа. Учејќи од, дамите кои останаа влaдетелки од минатото нa МТВ, успеав да научам многу лекции. Меѓу кои, да најдам малку време за себе , за нега. Козметичар, базен , фризер. Не пијам , не пушам… Но, ништо на сила. Организирано, за се да остане време за посветување.

Маркетинг

ПРИВАТНА АРХИВА

Задоволни ли сте од сето она што досега успеавте да го направите, ми се чини дека сте еден бренд во МТВ?

Од оваа дистанца, сега згасна златното веме на МРТ. Времето кога имаше ригорозни критериуми и филтри, да станеш дел од овој медиум. Не се почитуваат брендовите, авторите , внатре. Иако комплиментите и дипломите ги добиваме од надвор. Јас, одев скала по скала. Напорно!  Никој , не стоеше зад мене. Бев дете на детска радио драма, каде научив се. Тоа беше една академија за правилен  говор, интерпретација, глума, убаво однесување, бон- тон. Се што научив тогаш, сега ми користи. Водев , се! Живи , контактни емисии, теле-мостови, евровизии, фестивали, големи културни настани, репортажи низ светот, дома. И по се…еве , сеуште ме паметат како лик, заштитен на Фолк фест Валандово. За таа сцена, секогаш ми доаѓаат морници и наплив на најубави зборови! Ги прегрнувам, ама од срце, луѓето кои ме препознаваат. Како фамилија, да ми се. Со години сум дел од нив, кога ми дозволуваат преку екраните да бидам гостин, во нивниот дом.

Маркетинг

ПРИВАТНА АРХИВА

Какво е Вашето мислење за младите новинари и водители, што недостасува во денешното водителство и новинарство? Бидејќи ми се чини дека не е како порано?

Генерално, нема политика на одбирање квалитетен кадар. Не се виновни младите, тие добиваат покана и прифаќаат. Најголемата вина е во уредниците , кои прифаќаат секакви кадри. Невозможно е, ако субјективно по твој избор или од некој погоре препорака, примиш лик и за еден месец , го пуштиш на екран. Тоа е страшен бумеранг. Публиката е филтер . Умее да препознае квалитет. Јас , иако бев обучена, од дете, за мене важеше секој конкурс. Немав никакви привилегии. И пак и пак истата школа на однос кон камера, интерпретација на текст, микрофон, подготовка за соговорник, темелна! Има млади , кои имаат потенцијал. Во вистински раце, стануваат одличен кадар. Но повеќето, ги заобиколиле главните влезови и добиле директен билет за екран. Без дикција, став, убав говор, импровизација, подготвеност. И што е најстрашно, брзо имаат некој идол, кој го копираат, безрезервно слепо го слушаат, суетни се, ама супериорни! Да се наметнеш со ароганција, со некое себе видување од висина, не е мој стил, ама сведочам дека, на поединци им успеа. Себеси да се прогласат за ѕвезди и така да креираат слики. Мој став, до крај е… Да се поминат сите скали на воведување, доколку имаш основа. И да се следи секој ден информации, компарации. Пак , ќе речам. Брзиот влез од споредни, скришни влезови, се лош патоказ на некои уредници, кои го уриваат критериумот!

ПРИВАТНА АРХИВА

Во Вашите педесети години сте, и сеуште Важите за една од најубавите жени од медиумите кај нас. Која е тајната на Вашата убавина, имате ли некои посебни ритуали кои ги практикувате?

Од мали нозе, станав самостојна. Моите, едно време живееа во Шведска и јас и брат ми, сами се подготвувавме за училиште, сами се враќавме. И потоа, кога дојдовме, сама, одев во тогашната стара РТС, кои ми беа преку мостот Обединети Нации, во Нерези , а јас во Влае. Сама одев на тренинзи, пливање, карате, хор. И сега сум во истото темпо. Брзам да ги видам на кратко мајка ми и свекрва ми. Одам на работа, Брзам да ги земам децата на ќерка ми, едно од училиште, едно од градинка. Подготвувам ручек за сите. Осумина сме. И вечера. И сето тоа, со голема љубов. Со внуците во кујна. Им давам, мали задачи и садови. И така , подготвуваме низ песна. Наоѓам време, за козметичар, за педикир. Дома вежбам, кога сите ќе  заспијат. Долго време тренирав. Имам периоди , кога ќе се опуштам и во храна и во, поголем одмор. И тоа ми се враќа, како казна, со вишок килограми. Па , потоа  пак турбо вежбање.

ПРИВАТНА АРХИВА

Знам дека имате напишано текстови за некои од нашите фолк пеачи, Од каде љубовта кон пишаниот збор?

Од дете. Се сеќавам бев многу мала. Во Хелсингборг. Небото таму е сиво, како слоевит покрив, кој мислиш ти е шапка над главата. Се залепив до прозорецот, каде се гледаше оџакот од една фабрика. Почна да врне снег. Наеднаш почувствував неке чудно чувство во стомакот, кое како мало дете не го разбрав. Седнав и на празните страници од горе, на некој весник , ги напишав првите мои стихови, за „ Зима“. Песната се најде на многу детски списанија во некогашната СФРЈ. Татко ми , ми беше мој мост , планина и моја душа. Тој , ми ги праќаше моите писанија , а заедно се радувавме на првите места. Потоа…се беше песна. Во основно, во средно…најубавите раскази и песни, беа мои. Тој наплив од несопирливо зборовезење , е и денес. Се будам од сон и запишувам. Возам и на микрофон се снимам. Тоа едноставно надојдува, како слатка плима, од душата. Кире Костов , мојот засекогаш најомилен лик и феномен, еден ден дојде во канцеларија. Ми рече ( испеа  на, на  , на)  дали можеш да напишеш песна за Си До?  Реков , одма! И не беше една, туку три. Тој ми пееше на телефон, јас пишував. Зашто, неговото неверојатно и неповторливо беше… Кире, до кога да бидат текстовите? … До вечер! Можеби и таа работа, под притисок резултирала со ете тој мој талент за пишување! Потоа следеа песни од многу познати композитори, аранжери, пејачи.

Имате ли напишано некое Ваше авторско дело?

Колку што сум ги смислувала најубавите и најсликовити промоции , за поети, писатели…толку за ниту една моја книга, немаше промоција. Имам три детски романи, две книги, „ Култрата и медиумите“, „Седмата врата“. Готови ми се, приспивните песни, Витаминска азбука и … да не откривам се! Многу творам, а ете, немам време да седнам и да ги отпечатам. Сопругот и Леона, иамаат своја печатница. Од подготовка , дизајн , печатење, пластифицирање, се е кај нив, само јас да подготвам. Ке биде!

ПРИВАТНА АРХИВА

Мајка сте на две прекрасни убавици а и баба. Велат родителите особено мајката, се успешни кога децата ќе им успеат во животот и кога ќе се изградат како личности. Колку Ели е горда на своите ќерки?

Не постои збор, да ја објаснам оваа најсилна врска, мајка-ќерка. Млада ја родив Симона. Со неа ги доположив испитите на факултет. Како другарки си растевме. Немаше тајни, ниту казни, ниту повишен тон. Се одеше со многу игра , песна, смеење, патување. Домот ни беше игротека, со многу деца. За викенд спиеа, кај нас. Затоа беше измолена Леона. Разлика се седум години. Кога Леона дојде на свет, како Сонце да се всели во домот. Сите околу неа, а таа бела , кристална. Со црна дури тегет коса, бадем очи и две точки наместо носе. Сум се будела на секој половина час, да видам дали дише, дали спие! Ете, потоа, не беше можно ниту едно патување без неа, Дури и на пат со мене одеше. Додека си ги најдоа своите половини. Своите зетовци ,ги доживеав како мои синови. Нема делба, за сите исто. Кога ја добивме првата внука Изабела. Ја присусвував на бокс. Во Канада. Беше како бајка. Ја мирисав цела ноќ и не спиев три вечери. Ете даде БОГ, одев по неколку месеци таму. Тие доаѓаа овде. Како трета ќерка да беше. Софи помалата е посебна приказна. Како да се роди втора Леона. Бела , снежна со црна коса, зелени очи, љубопитна, прави изрази на лицето, постојано пее и се смее. Фала на цело небо , што по толку години си дојдоа од Канада, да се обидат овде со бизнис. Ништо не продадоа. Се стои таму , ама ние сме сите заедно и сакаме ова да трае вечно!

ПРИВАТНА АРХИВА

Колку ви недостигаше постарата ќерка бидејќи живееше далеку во Торонто Канада? Колку често ја посетувавте и какви спомени имате од таму?

Кога ќе се сетам на тој период, душата ми беше на половина поделена, одземена. Одев често, одевме со сопругот и Леона. Понекогаш во ралично веме, секој од нас посебно. Сите пропуштени веселби, тагував за празните столчиња. Најчесто Изабела во 03.00 ме бараше на вибер. Да ја заспијам. Измислував приказни, во зависност, што и бече интересно. Кога ќе го видев таванот на собата, знаев, заспала. Никогаш, ама никогаш не и одговорив дека спијам. Секогаш , коа ќе ми речеша, што правиш , баби?! Ја со насмевка и велев, еве златнице , те чекам!

Медуимската работа си бара многу енергија и голема посветеност, потребна е релаксација и полнење на батериите. Каде одите за да ја надополните енергијата и да се одморите?

За секоја емисија, се подготвувам, како и првиот ден. За секој гостин, темелно.. Имам еден круг прекрасни харизматични исполнителни и креативни колеги и лесно оди се! Имам многу коференции, панел дискусии, настани. Пишувам текстовои … ама мислам сите клетки ми се во насока на себедавање. И уживам. Се релаксирам секој петок со внуките кои се, до понеделник. Целото семејство на трпеза. А најмногу , во Дојран. Заливот на спокојството и радоста. Опкружена од звуци , кои овде сме ги заборавиле, тишина, убава традиционална храна , музика. Луѓе кои ми се како фамилија. Топли , најтопли.

ПРИВАТНА АРХИВА

Долги години сте во хармоничен брак со Вашиот сопруг? Која е тајната на успешен брак?

Со Златко сум од средношколските клупи. Пак да се родам, пак се исто би го сторила. Растевме заедно, се поддржувавме, се надополнувавме. Учевме, буквално заедно и испити, подоцна постдипломски, специјализации. Ми чукаше срцето како камбана, кога ќе го слушнев како доаѓа по скалите. Со децата, бевме како пријатели. Златко потекнува од традиционално семејство. Се секавам , додека бевме во заедница… сабота и недела дома бевме  16-17 најблиски. Деца, золви , зетовци, свекор, свекрва. Сите празници. Одморите ни беа, полни со авантури. Возење со чамец, салта во вода, балет во вода. Незаборавни одмори. И овде и во егзотични дестинации на светот, кога имаш семејство на куп, имаш се !

ПРИВАТНА АРХИВА

Што ја  прави  Ели среќна?

Многу нешта. Станувам рано. Имам гугутки на тераса. Ги хранам секое утро. Долу ме чекаат маалски кучиња. Се галиме , храниме. Ме испраќаат , по колата се до црквата Св,. Петар и Павле. Потоа пуштам музика, си пеам на цел глас, од срце!

ПРИВАТНА АРХИВА

Доаѓам на работа. Избегнувам негативни и лоши луѓе. Сакам да ми трае убавото утро. Се вракам. Готвам, месам , правам пити , специјалитети. Разнесувам, и во други домови. Се собираме на ручек , вечера и планираме викенди. Ги сакам луѓето, пријателите, ги сакам животните.  Имам толку голем порив, сите да ги прегрнувам. И тоа ме прави неизмерно среќна! Еве сега додека пишувам, слушам коли, сирени. Сватови на свадба. Секогаш плачам од среќа!

Среќна бев , драга Вики и на твојот повик, затоа што ме почести, се сети на мене. Неизмерно сум  ти благодарна!

 

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button