MAMAНега и здравје

Интервју со д-р Дејан Огненовиќ – „Жената е храбра дури и кога ѝ е страв“

Интервју за гламур.мк со гинеколог кој секојдневно ги слуша приказните што другите ги премолчуваат - д-р Дејан Огненовиќ од ПЗУ Св.Алексеј. 

Advertisement

Во ординација каде што времето е скапоцено, а довербата е сè, докторот Дејан Огњеновиќ споделува што значи да се биде гинеколог, кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат жените, и што научил токму од нив.

Искрено, едноставно и со многу душа – ова е неговата перспектива.

Advertisement
фото-приватна архива

Како е кога ќе ве прашаат: „И, како ти помина денот?“, а вие сте прегледале 20 жени?

Искрено? Во такви моменти сакам само да одговорам: интимно. Ако кажам напорно, тоа може да звучи како да се жалам. Ако кажам интересно, ме гледаат чудно. Затоа најчесто велам „супер, сè во ред, и со емоциите на жените на ‘вие’.“ А однатре, мојот мозок е прегреан од ултразвук, а очите веќе прават разлика меѓу ПАП-тест и шопинг листа. Но, сè е тоа дел од работата. Убаво е кога ја сакаш професијата и работата, па затоа и 20 прегледи се 20 нови приказни, а не бројки.

Кои се најчестите гинеколошки состојби кај жените во Македонија и што е тоа што едноставно ќе ги „натера“ жените да дојдат на преглед?

Познат факт е дека поголем број жени не баш сакаат да посетуваат гинеколог од повеќе причини – непријатност, далечината, достапноста и слично. За жал, значаен број на жени доаѓаат на преглед и консултации кога веќе имаат сериозни симптоми и проблеми.

Искуството од нашата ординација кажува дека гинеколошки проблеми со кои се соочуваат жените и бараат лекарска помош се разни вагинални инфекции, полицистични јајници, карциноми и хормонални проблеми. Причината за ваквите состојби најчесто е стресот како и ненавремените гинеколошки прегледи.

Advertisement
фото-приватна архива

Што треба да знае млада девојка пред првиот секс?

Најпрво, треба да знае дека таа има право на избор дали, кога и со кого. Да знае дека секогаш мора да има заштита која што не е само заштита од несакана бременост туку заштита од сексуално преносливи болести. И не помалку важно е да знае дека гинекологот е нејзин сојузник кој ќе ѝ помага со вербален совет и препорака, а преку прегледи ќе го следи и нејзиното репродуктивно здравје.

Значи, секоја млада девојка треба да знае дека матичниот гинеколог е нејзин сојузник, а не судија или некој што ќе ја прекорува и суди.

Мое уверување е дека доколку девојките започнат со редовни прегледи уште пред првиот сексуален чин, доколку отворено разговараат со својот гинеколог за сѐ што ги мачи или интересира, тогаш сме на добар пат да ги надминеме сите болести, стереотпипи и табуа на денешницата.

Што научивте од жените како гинеколог?

Ха, од жените може да научите многу и за животот, но и многу за нив. Тие се прекрасни, уникатни, посебни. Жените се олицетворение на живот, на борба и на храброст. Тие се толку силни затоа што во себе носат многу повеќе од тоа што го кажуваат: болка, сила, надеж. Сѐ во едно.

фото-приватна архива

Дали ја носите работата дома?

Не носам папки, но размислувам за пациенти, особено кога станува збор за дијагнози што менуваат животи. Впрочем, кога си ја сакате професијата и работата, логично е дека вие имате и емпатија кон своите пациенти. Многу често, особено кога имам пациентка со некоја покомплесна дијагноза, знам да ја мислам и размислувам и после работно време. Да се советувам и да се консултирам и со други колеги, да се едуцирам ако има потреба и дополнително, сѐ со цел да најдам побрзо и поефикасно решение за мојата пациентка.

Видете, убаво е да се работи со луѓе, со жени, но работата на лекарот бара многу висок степен на професионалност, одговорност и пожртвуваност.

Освен што се добар гинеколог, пријателите за Вас велат дека сте и одличен другар. Но, како изгледа да сте гинеколог во друштвото? Имате сигурно многу прашања и од пријателите и од пријателките? Како се носите Вие со тоа?

Да бидете медицинско лице во круг на луѓе, јасно е дека за било што ќе бидете консултирани. За оние што повеќе ме познаваат, јас сум Дејан, другар, па доктор. И нормално е дека за блиските секогаш сум достапен да помогнам со сѐ што можам и знам, формално или неформално.

Инаку, на поголемиот број пријатели, јас сум матичен гинеколог на нивните сопруги и тоа е еден посебен однос во кој постои јасна граница помеѓу приватното и службеното. Не постои срам и непријатност туку напротив, има поголема доверба и искреност.

фото-приватна архива

Како гинеколог кој што има работено долги години во Словенија, во Дубаи, надвор од нашите простори, како гледате на нашиот здравствен систем и што, можеби, треба да се промени?

Каков и да е здравствениот систем, па и најдобар да е, секогаш ќе се јавува потреба од некакви промени или подобрувања. Од моја перспектива, сметам дека системот генерално треба да се темели на хуманост, да имаме систем кој нема само да лекува, туку да имаме систем и свест да спречуваме болести. Здравјето почнува со знаење и со доверба. Пациентите не се само бројка во капитација, туку тие се човечки суштества и со нив треба да се разговара, сочувствува и да им се помага.

Односно, на здравството да не гледаме како на институција туку како на однос. Посакувам да ја вратиме довербата, да градиме комуникација и да не го заборавиме најважното – човекот од другата страна на столчето.

А до сите жени еден совет: Редовните прегледи не значат дека нешто не е во ред со Вас, туку тие значат дека Вие се грижите за самите Вас.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button