Реклама
Интервју

5 МИНУТИ СО АНТОНИЈА РИСТОВСКА: „Клучниот тренд за секоја, па и за оваа сезона е индивидуалноста“

Реклама

Антонија го отвори своето ателје во 1994 година, додека нејзината прва ревија со која се претстави пред македонската јавност се случи во 2002 година. 

Таа сиве овие години го гради нејзиниот бренд, а неодамна ја претстави и нејзината последна капсулна колекција На полноќ со која повторно ја воодушеви нашата публика. Еве што вели самата Антонија за нејзината кариера, инспирација, за клучните парчиња од нејзината колекција и секако.. за совршената новогодишна комбинација.

Маркетинг

Како започна Вашата модна приказна, кога прв пат во животот посакавте да бидете модна дизајнерка?

Афинитетите за моден дизајн се појавија на многу рана возраст, ги облекував моите кукли, им изработував разни фустанчиња, модни додатоци, шапки, чизмички… Исто така отсекогаш сум сакала да изгледам уникатно, убаво и облеката што ја носам да ја чувствувам удобно. Па така се наметна потребата да дизајнирам облека за себе. Набрзо наидов на одлични реакции од мои другарки, роднини… Иако тоа беше само мое омилено хоби, со текот на годините се разви до тоа да стане моја вокација.

Маркетинг

Како го стекнавте потребното искуство во професијата и кога одлучивте дека треба да стартувате со сопствен бренд?

Станува збор за една специфична професија во која треба да бидете и добар занаетчија. Многу сакав да истражувам и да правам многу експерименти. На почетците своето знаење ми го пренесе мајка ми и баба ми кои уште многу оддамна се занимавале со одлгледување на свилена буба и производство на ткаенини од свила, памук и волна. Од тие платна  ги правеле убавите чеизи и облеки што во тоа време биле скапоцени. Веројатно големата желба кон модно создавање ми го трасираше патот. А секако желбата не е сама по себе доволна. На секое мое патување надвор од државата си купував стручна литература со која можам да го надоградувам моето знаење. Кога го отворив своето ателје во 1994 година тоа беше место за дружење и за создавање на многу парчиња облека. Првите искуства за изработка и дизајнирање на облека од природна кожа ги стекнав додека живеев во Ниш, а тие искуства ми се навистина драгоцени. Пред македонската јавност како  моден дизајнер се претставив со првата  ревија во 2002 година и сите овие години успешно се гради брендот.Од тогаш создавам по 2 колекции годишно.

„Што се однесува до Нова година, најважно е да се пронајдете во стилот во кој се чувствувате најудобно. Нека биде парче што е ИН во моментот,  бидете уникатни и  комбинирјте парчиња кои ви се допаѓаат. Нека другите се инспирираат од вашиот изглед …“

Дали сте се обиделе да ги презентирате Вашите производи на странски пазар и што мислите дека е потребно за да се постигне успех и надвор од нашите граници, секако, покрај квалитетниот производ? Кои се пресудни фактори – врските, маркетингот, познавањето на пазарот?

Модата не познава граници. Облеката зборува универзален јазик. Особено последните неколку години преку интернет сме достапни интернационално. Веќе една година се претставуваме преку сопствена онлајн продавница. Исто така имаме продажба преку онлајн продавницата Бастетноар, кои се пласираат надвор од Македонија. На мое задоволство сме имале продажба надвор од Македонија, што значи дека се препознаваат квалитетот кој го нуди брендот Антонија Ристовска. Веќе неколку месеци венчаници со мој потпис се продаваат во бутик за венчаници во Ниш. Инаку поединечни клиентки имаме од цела Европа и пошироко. Постојано добивам покани за учество на модни недели во Њујорк, Москва, Белград… Досега имам учествувано во Истанбул и Приштина. Секако дека целта ми е проширување на пазарот и поголема присутност во регионот. На прашањето кои се пресудни фактори, мислам дека кога веќе има квалитетен производ треба и поголем маркетинг.

Од каде ја црпевте инспирацијата за вашата последна капсулна колекцја „На полноќ“ и кое е Вашето омилено парче од неа?

Ноќта во зима има некоја своја магија која буди посебни чувства. Снежната прекривка на дрвата, одсјајот на месечината од улиците, небесните ширини после првиот снег… Тој спектар на студени бои е инспирацијата за оваа колекција наменета за модерната жена која е моја вечна инспирација. Романтизмот кој е карактеристичен за нашето ателје се појавува овојпат преку нежните силуети и кроеви кои се нагласени со тенко каивче со мини машна – како заштитен знак за оваа колекција.  Мене ми се омилени сите парчиња, а посебно би го издвоила белото безвременско сако со богата текстура.

„На почетците своето знаење ми го пренесе мајка ми и баба ми кои уште многу оддамна се занимавале со одлгледување на свилена буба и производство на ткаенини од свила, памук и волна. Од тие платна  ги правеле убавите чеизи и облеки што во тоа време биле скапоцени …“

 За какви жени всушност е наменета оваа колекција? Кога и каде препорачувате да се носи?

Како што споменав, колекцијата е наменета за модерната жена, жена која сака да се носи отмено но сепак шик. Парчињата лесно се комбинираат меѓусебе што ја поттикнува фантазијата при избор на целосен аутфит, кој може да биде сосема различен од тоа што е претставено преку едиторијалот. Креациите се наменети за дневни и вечерни забави и секако за Новогодишната ноќ.

На кое Ваше парче или колекција сте најмногу горди досега и зошто?

Црвен долг фустан од колекцијата Родена од 2005г, кој  Ана Дурловска како специјална гостинка, го носеше на ревијата.Тоа е креација инспирирана од македонското културно богатство и е рачно плетен. Во бела боја ја посакале многу невести и е правена по нарачка.Тоа е безвременска креација.

Антонија Ристовска – колекција Родена 2015

Дали е тешко да се биде моден дизајнер во Македонија и воопшто во регионот? Се исплати ли трудот во една ваква креативна професија?

Убавината и креативноста на оваа професија ја прави секоја потешкотија и препрека лесно минлива. Ова не е високодоходовна дејност но мислам дека со добар производ и иновативни дизајни трудот се исплати. Особено кога најголемата поддршка ја имам од задоволните клиентки.

Кои според Вас се клучните трендови за оваа сезона? Како сметате дека треба да се облекува една современа млада девојка денес?

Клучниот тренд за секоја, па и за оваа сезона е индивидуалноста. Боите кои ги препорачувам се оние кои ме инспирираа за новата колекција – бела, сребрено сива и нијанси на сина. На младите девојки им препорацувам да  се пронајдат во одреден стил на облекување кој секако може да се надоградува со текот на годините. Младите години се период на експериментирање и можно е да се погреши во некои модни комбинации, но тоа е во ред. На тој начин можат да научат што е тоа што најдобро им прилега, кои кроеви најдобро ја истакнуваат фигурата, кои бои најдобро прилегаат на тенот. Секогаш е ин да се чувствувате пријатно во својата кожа.

Што би им порачале на нашите читателки за Нова година? На што најмногу да внимаваат кога е стилот во прашање?

Како што напоменав, најважно е да се пронајдете во стилот во кој се чувствувате најудобно. Нека биде парче што  е ИН во моментот,  бидете уникатни и  комбинирјте парчиња кои ви се допаѓаат. Нека другите се инспирираат од вашиот изглед.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button