Игор Џамбазов ми е ЉУБОВ НА ПРВ АКОРД, во книгата ќе раскажам сè, искрено со Гуру Харе
Тие на 12 октомври ќе имаат концерт во „Јавна Соба“ во Скопје.
Истрајноста на три децениско постење на македонската музичка сцена е раритет, со таква константност, конзистентност, постојаност и традиција можат да се пофалат Игор Џамбазов и Игор Атанасоски (Гуру Харе) , дуо кое зрачи музичка енергија, квалитетни звуци, љубов прераскажана низ стихови, уникатни песни…Тие често-пати се претставуваат како оние кои се против кичот, шундот, плејбекот и турбофолк.
Непосредно пред нивниот концерт кој ќе се случи 12 октомври во Скопје имавме прилика да поразговараме со Гуру Харе.
Поминаа три месеци од официјалното претставување на албумот „Првите 30“, какви коментари добивате за овој емотивен, јубилеен проект што крунисува едно, пред се пријателство, а потоа долгогодишна соработка?
фото/фејсбук
Коментарите се позитивни, впрочем тоа го покажува и продажбата на албумот, која е одлична. Овој албум треба да го имаат сите оние кои ја почитуваат домашната квалитетна музика. Сниман е, и изработен по највисоки стандарди, така што тие што ќе го купат ќе добијат вредно парче музичка историја.
Имаме одлична вест за вашите фанови, Игор и Гуру ќе можат повторно да ги слушаат и гледаат во живо и тоа во една непосредна интимна атмосфера. Ќе ви дозволам вие да ги поканите и да раскажете како е замислена оваа ноќ.
Да, тоа ќе биде интимен концерт за 200 луѓе на 12 октомври, во „Паблик Рум“(Јавна соба). Концерт на кој ќе свириме исклучиво блуз, се разбира наш авторски. Впрочем концертот е дел од фестивалот Милк & Блуз.
Да направиме една ретроспектива, се сеќавате ли кога и како се запознавте со Џамбазов? Аналогно ми доаѓа следното прашање, како започнува вашата заедничка музичка приказна?
Секако дека се сеќавам :)Тоа беше во 90тите, кога во Скопје почнуваа за прв пат свирки во живо. Нема да откривам повеќе, ќе чувам за во книгата што еден ден ќе ја напишам :) Тоа беше љубов на прв акорд :)
Како е да се работи со Игор?
Во принцип лесно. Тоа што го договараме, го исполнуваме. Секој својот дел од обврската. Многу е професионален и точен, и има добри идеи.
Што би издвоиле како најубаво за овие 30 години заедничко создавање на музика. Некој, настан, момент, ситуација , можеби анегдота…нешто што е врежано во вашето сеќавање.
Веќе кажав, чувам за во книгата. Има премногу за овие 30 години.
Покрај подготовките за престојниот концерт, дали подготвувате нешто ново во вашата лична музичка ризница, како соло изведувач?
Да секако. Пишувам нови песни, и се надевам дека следната година ќе влезам во студио. Дали тоа ќе биде во формат на албум, или пак засебни синглови не знам ама нова музика од Гуру Харе очекувајте во 2024.
Како го добивате уметничкото име Гуру Харе?
Па прекарот, или уметничкото име е повторно поврзано и со Игор. Пред тоа ме викаа Игор Харе, од кога почнав Игор да го воведувам во блузот, ме нарече негов гуру за блуз, и ете остана Гуру Харе. Дури го има напишано и во стих, во песната „Стварно добар ритам“
Како и каде се релаксирате?
Па обично пешачам со сопругата, или одиме денски на кафе, читам книги и слушам различна музика.
Кои се вашите омилени навики?
Кафе и цигари.
Што ве прави среќен?
Па среќен ме прави секој нов ден што ми е даден, семејството, пријателите, бендот, и музиката која ми е најголем дар од бога.
Како ги замислувате следните 30 години со Игор Џамбазов?
Па, би сакал да бидат исти како и овие 30, забавни, неизвесни и креативни!