Идеален „селски“ одмор покрај езеро по супер цени, земете ги децата – природна и гастрономска оаза во срцето на Албанија, на само 120 км од Струга
На агротуризам во соседна Албанија, како ви звучи ова? И тоа покрај езеро. Тука ќе најдете природа, традиција и вкус во една целина. И ни миг нема да ви биде здодевно, особено ако со себе ги понесете дечињата.

Ако сте за викенд, продолжен викенд, или неколкудневен одмор, почнете да размислувате за една сосема необична и несекојдневна дестинација, која засекогаш ќе ја запамтите. За агротуризмот во Белш каде ќе доживеете харомина со природата и каде ќе ги дегустирате најдобрите локални вкусови.

Ви препорачуваме две дестинации кои се во непосредна близина.
Агротуризам „Паја“ (Agroturizem Paja) е современ комплекс кој се наоѓа во регионот Белш, на околу 110 километри од македонската граница, во близина на езерото Сеферан. Овој агротуристички центар ги спојува богатството на природата, локалната гастрономија и традиционалниот начин на живот, нудејќи им на посетителите автентично искуство со бројни можности за рекреација и одмор.
Комплексот е основан во 2004 година од страна на искусни стопанственици кои долгогодишно работеа во туристичката индустрија во соседна Грција.
Денес „Паја“ претставува пример за успешна интеграција на земјоделство, сточарство, преработка на традиционални производи и туризам.
Advertisement
Како да стигнете до Белш од Македонија
За македонските посетители, најлесниот пат води преку граничниот премин премин Ќафасан, кој е најблискиот граничен премин кон Албанија од Струшкиот крај. Патот до Ќафасан е околу 30 километри, а откако ќе го поминете граничниот премин, продолжувате по патот SH3 директно кон Елбасан. Ова е главната магистрала што го поврзува тој регион во Албанија. Патот води низ ридски предел, но е асфалтиран и добро одржуван, па се патува лесно и со задоволство.
Од Елбасан, продолжувате кон општината Белш, каде се наоѓа езерото Сеферан. Од Белш, веќе сте само неколку километри до Паја Агротуризам, сместен покрај езерото, во прекрасна природа и агротуристички комплекс. Во непосредна близина на овој комплекс, на само неколку стотина метри, се наоѓа комплексот „Зејтарија Агротуризам“ (Zejtaria Agritourizem), кој нуди малку поинакво, но подеднакво автентично и возбудливо доживување.
Автомобил е најпрепорачлив начин за патување, а за оние кои немаат сопствен превоз, постојат и автобуски линии од Тирана до Белш, но понатамошниот трансфер до двата комплекса може да бара такси или организиран превоз од страна на комплексот.
Од птици до маслиново масло
Да почнеме со кампот „Паја“. Започнува како семеен бизнис фокусиран на преработка на грозје и производство на домашно вино и ракија, а постепено се развива во повеќесекторски агротуристички комплекс.

Денес, понудата вклучува: преработка на маслинки (задолжително пробајте од маслиновото масло кое е со висок квалитет, со органски сертификат, кое се извезува во регионот), одгледување на селски птици (Каластреј и други видови кои се дел од традиционалната албанска кујна), рибна фарма (во езерото Сеферан се одгледуваат повеќе видови риби кои се користат како основа за специјалитетите во ресторанот), земјоделски производи (одгледување на зеленчук и овошје, производство на џемови, оцети и компоти).

Комплексот располага со популарен ресторан со традиционална храна. Гастрономската понуда опфаќа јадења како мисник (месо од селска птица), рибни специјалитети на тава, домашен леб и пијалаци како домашна ракија и вино.
Цените во „Паја“ се пристапни и одразуваат одличен сооднос цена-услуга. Просечниот ручек во ресторанот, со основно јадење, пијалак и десерт, чини помеѓу 8 и 12 евра по лице, што е конкурентно во однос на сличните дестинации во регионот. За пообемни менија или специјални традиционални вечери, цените се движат од 15 до 20 евра.
Во комплексот, се разбира, вистинско доживување е и ноќевањето, но само доколку сте кампери. Ако не сте, тогаш за вас вистинска дестинација е соседниот комплекс, Зејтарија, кој нуди и соби за сместување.
„Агротуризам Паја“ не е само место за вкусна храна и одмор. Комплексот нуди разновидни активности за посетителите, од пливање и релаксација во езерото Сеферан, риболов на разновидните видови риби кои се одгледуваат во езерото до водни спортови и возење со чамец, пешачење и разгледување на природата, учење и учество во традиционални работилници поврзани со земјоделство и производство на маслиново масло, локална музика и фолклорни настапи за време на викендите и празниците.
View this post on Instagram
Зошто да ја одберете оваа дестинација?
Покрај убавата природа и традиционалната кујна, агротуризам-комплексите во овој регион на Албанија нудат вистинско бегство од градскиот метеж, дозволувајќи им на посетителите да се поврзат со природата и културата на Албанија. Дестинацијата е идеална за семејства, парови, како и за групи кои сакаат да искусат автентичен агротуризам.
View this post on Instagram
Локацијата е одлична за оние кои сакаат да комбинираат патување и рекреација, бидејќи е блиску до главните патишта и други туристички точки во Албанија, како што се историските градови и природните резервати.
Органско земјоделство
Објектот „Zejtaria Agritourizem“, е сместен на рид над езерото. Овој мал, но уреден агро-комплекс им овозможува на гостите сместување во комфорни соби по евтини цени, со приватни бањи, климатизација и поглед кон езерото.
Повеќето гости го избираат овој објект поради мирната атмосфера, локалниот третман и можноста да бидат дел од сезонските земјоделски активности. И навистина е многу интересно!
Во „Зејтарија“ главен фокус е ставен на органското земјоделие и автентичната храна. Во склоп на сместувањето се нуди домашен појадок со локални производи, додека навечер се служат традиционални вечери во семејна атмосфера.
View this post on Instagram
Цените за ноќевање се движат од 30 до 50 евра, во зависност од сезоната и видот на собата/апартманот.
View this post on Instagram
Двата објекта – и „Паја“ и „Зејтарија“ – се одлични примери за тоа како агротуризмот може да ги спои природата, локалната економија и туристичкото искуство. Додека „Паја“ нуди активна атмосфера со кампување, ресторан и бројни активности, „Зејтарија“ претставува повлечено место за мирен одмор со сместување во удобен објект. А вие лесно може да ги комбинирате и двата објекта.
Овој дел од Албанија е сè уште нецелосно откриен од пошироката туристичка публика, што му дава дополнителна вредност за оние кои сакаат да избегаат од стандардните рути и да откријат нешто ново, природно и вистинско. За македонските туристи, агротуризмот во Белш нуди блиска, пристапна и богата алтернатива на класичниот одмор со бројни активности и пријатни изненадувања.