После подолго време, Halle Berry повторно ќе ја видиме на големиот екран. Таа се договори да ја преземе главната улога во новиот трилер со наслов “The Hive” („Кошница“ – слоб. превод) во кој приказната се концентрира на оператор кој работи во итната служба (911), кој помага да се спаси тинејџерка од рацете на психопат – убиец.
45 годишната добитничка на Оскар за филмот Monster’s Ball, веќе започнала со снимањето на пробните снимки на филмот, кој што ќе биде режиран од Brad Anderson (човекот кој што го направи The Machinist).
„Возбуден сум што ќе работам со Halle. Ова е голема улога и за неа е потребна и голема актерка“, вели режисерот. А на тоа се додаваат и продуцентите кои што велат дека уште кога прв пат ја добиле и разгледале идејата за филмот, Halle Berry им се наметнала во умот како прв избор, само не биле сигурни дали и таа ќе прифати.
Инаку Halle (која што е верена со францускиот актер Olivier Martinez) требала да ја глуми главната улога во филмов уште пред скоро една година кога било планирано истиот да го сними Joel Schumacher. Тогаш работите малку се искомплицирале, но сега откако на режисерското столче седнал Brad Anderson, стварите полека си доаѓаат на место.
Иaко станува за Hollywood – ска продукција, сепак ако Brad внесе нешто од својата магија на независен режисер, која што толку добро ја направи со споменатиот The Machinist – кој поради недостаток на интерес во Америка, го снимаше во Барселона со многу тешкотии – очекуваме ново добро филмче за гледање.
Врати се на првата страна.