CelebrityИнтервју

Гордана Ендровска ни открива сé за глумата, но и каква е во приватниот живот

Чувствувам дека најдоброто од мене допрва доаѓа - искрено со актерката Гордана Ендровска

Реклама
Реклама

Гордана Ендровска  е наша позната македонска театарска, филмска и телевизиска глумица. Таа е повеќе од 20 години на тетарската сцена, има одиграно голем број претстави, многубројни улоги,  неколку тв серии и играни филмови, а исто така да не ги заборавиме и македонските народни приказни,  каде што успешно ја  има претставено својата  актерска умешност.  Вели дека и покрај се би сакала да и се случи филм но дека театарот како најжива форма се случува тука и сега.

– Мислам дека во мене имам уште многу креации и љубов да и` дадам на публиката , бидејќи со зрелоста стигнува и фазата во животот кога умееш и имаш што да кажеш. За актер мислам дека нема возрасна граница, во литературата постојат ликови од секоја животна доба, само здравје да ме служи и да не си го изгубам детето во мене-вели во разговорот за Гламур актерката Гордана Ендровска.

Маркетинг
Приватна архива
Повеќе од 20 години сте на   македонската театарска, филмска и телевизиска сцена, многу претстави одиграни, многу ликови, задоволни ли сте од сето она што досега е реализирано?

Ни приближно, мислам дека во мене имам уште многу креации и љубов да и` дадам на публиката , бидејќи со зрелоста стигнува и фазата во животот кога умееш и имаш што да кажеш. За актер мислам дека нема возрасна граница, во литературата постојат ликови од секоја животна доба, само здравје да ме служи и да не си го изгубам детето во мене, а за останатото… Ајде да оставиме на судбинската предодреденост. Чувствувам дека најдоброто од мене допрва доаѓа.

Од кога и од каде љубовта и талентот за глума?

Во средношколските денови во моја Битола каде што сум родена и ги поминав најубавите и најбезгрижните години од мојот живот, бев член на аматерска театарска група и на тој начин имав можност да стапнам на професионалната сцена на Битолскиот Народен Театар како статист бидејќи им требаа за одредени кореографии. Почувствував страшен магнетизам и пријатно чувство кога бев таму на сцената. Тој специфичен мирис го памтам и ден денес, ме асоцира на дома. Сфатив дека тој магичен простор, мене ми е некако природна средина, како отсекогаш таму да сум припаѓала…кој знае можеби сум нечија реинкарнација…ха ха ха. Па некако логично ми беше да се пријавам на ФДУ и да го одберам актерството за мој животен позив, или пак тоа ме одбра мене, не знам.

Маркетинг

Приватна архива

Се сеќаваш ли на твојот прв јавен актерски настап, каков беше и каде?

Се сеќавам и тоа многу живо. Првото појавување ми беше како статист во претставата ,,Лонг Плеј’’ од Горан Стефановски, инаку мој најомилен драмски автор. Претставата беше режирана од мојот многу почитуван и омилен режисер Владимир Милчин, професор по актерска игра во чија класа и дипломирав и од кого научив многу. Беше тоа супер искуство, моќна е таа енергија која ја добивате од публиката. За тоа се живее, за тој миг на интеракција со нив и нивната награда за крај, аплаузот. А, прво мое појавување како дипломиран актер, беше пак на сцената на Битолски Театар, во претставата „Медеја“ со истите колеги од претходно, а единствената разлика беше тоа што чувствував поголема одговорност, но и поголема самоувереност.

Приватна архива

Театар, филм или ТВ серија, кога би требало да бирате само едно нешто што би било тоа?

Со оглед на тоа дека станува збор за сосема различен пристап во актерскиот израз, сакам да ги работам сите, не можам да изберам едно, се’ ми е подеднакво провокативно. Би сакала да ми се случи филм. Од друга страна пак, театарот како најжива форма која се случува сега и тука, те носи во една друга димензија и чинам дека да си дел од тоа е непроценливо духовно богатство и благослов.

Приватна архива

Некако како актерите порано да беа повеќе вреднувани од страна на институциите, што е тоа што најмногу Ви недостасува за да имате поголеми успеси и бенефити од Вашата работа?

Немам коментар.

Омилен режисер и најдрага улога?

Сите режисери со кои сум соработувала ми се омилени. Соработката со нив ме збогатувала со ново искуство, бидејќи тоа бил чин на взаемна доверба, а најдобра улога ми е следната што ќе ја искреирам и одиграм.

Приватна архива

Некоја интересна ситуација од снимањето на македонските народни приказни?

Ги имало многу, но на една особено се сеќавам, кога морав во кадар да јадам печено пиле (кое патем се снимаше 7-8 пати) и толку се прејадов што после тоа не ми падна на памет да зготвам печено пиле цела година.

Приватна архива

Улогата на родител е најтешката улога, дали сте задоволни како родител од она што се денес Вашите ќерки? Како ги воспитувавте?

Пред се, би рекла најодговорна и најплеменита улога воедно. Јас во мајчинските води влегов млада и не сосема свесна со што ќе се соочувам, но мислам дека добро се снајдов во тоа. Не сум имала никакви предзнаења за мајчинството. Тоа, исто како и животот не се добива со прирачник и упатство за употреба. Низ се треба сам да поминеш и емпириски да го искусиш и доживееш. Затоа, се сум правела на едно интуитивно и длабоко, искрено и посветено ниво. Разликата кога ја родив Магдалена, мојата прва ќерка и кога ја родив втората ќерка, Екатерина, после 7 ипол години, беше веќе стекнатото големо искуство како мајка, кое придонесуваше со леснотија да го газиме заедничкиот пат. Среќна сум што денес и двете се самостојни личности, со свои ставови, сопствени животни принципи и професионални определби кои многу се разликуваат од мојата и професијата на татко им, актерот Владимир Ендровски. Магдалена е лекар, специјализант на кардиологија, мајка на две прекрасни момчиња, а Екатерина е студент на Фармацевтскиот факултет. Мислам дека мојата мисија како мајка ќе трае додека траам и јас на овој свет, само што сега нема потреба ќерките јас да ги водам низ животот туку можеме заедно зрело да чекориме едни покрај други и да му се радуваме на животот со сите негови предизвици.

Приватна архива

Омилен автор и книга која сте ја прочитале?

Харуки Мураками „Играј, Играј, Играј“

.

Дали Гордана готви и колку сте вешти во кујна?

Обожувам да готвам и да експериментирам во кујна, особено со рецепти и вкусови од странски кујни (италијанска, кинеска, азиска) чии зачини се многу ароматични и даваат една егзотична нота на јадењата, што не значи дека не ги готвам и нашите традиционални јадења кои ми се сепак број еден и најзастапени во менито. А вешта, па мислам дека сум доволно, а и повеќе од тоа хахаха. За тоа можат да посведочат моите гости кои ја имале таа привилегија да пробаат од моите специјалитети.

Приватна архива

Како ви започнува денот и дали имате некој посебен ритуал за негување на твојата убавина?

Денот ми започнува во тишина, со шоља горко турско кафе и со моите мисли, идеи и планови за денот што претстои. Обично сум ранобудна и уживам во смиреноста што ја носи утрото. Посебен ритуал за негување немам, повеќе сакам да ја негувам духовноста и чистата мисла, а тоа мислам дека влијае и на надворешната убавина.

Што Ве прави среќни а што Ве нервира највеќе во секојдневието?

Среќна ме прави кога можам да ги усреќувам луѓето кои ми значат, секоја прегратка што ја добивам од моите внуци Стефан и Димитар, секое нивно “баба јас тебе многу те сакам“. Од друга страна, најмногу ме нервира денешното време во кое на моменти се забораваат вистинските вредности и искривената слика за реалноста.

Приватна архива

Каде ја обновувате енергијата, каде ги полните батериите?

Во Охрид, каде што се чувствувам најсмирено.

Ако треба да се опишете во неколку збора себеси што би кажале?

Совршена во својата несовршеност.

И за крај дали Драмски театар се среди  во однос на функционалноста бидејќи условите за работа ви беа многу лоши?

Иако дури и во овие услови има сопствена магија, се надевам дека во скоро време ќе добиеме нова зграда и нова сцена каде што ќе ја испишуваме новата историја на Драмски Театар. Чинам дека Драмски тоа и го заслужува.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button