Големи, предимензионирани чанти се во мода
И додека некои од нас се уште не можат да му се нарадуваат на трендот со минијатурни чанти, на модната сцена испловија големите, предимензионирани модели во кои можете да спакувате цела соба. Главен виновник за овој тренд е модната куќа Баленсијага која неодамна ги копираше торбите за шопонг од Икеа и ја започна приказната со новиот тренд кој многу брзо го прифатија многу жени. (Се сеќавате на шарената торба која преку ноќ стана хит во светот?)
Оваа торба беше изум на новиот креативен директор на Баленсијага, генијалниот Демна Гвасалија, кој овој пат реши трендовите да ги постави во обратна насока – наместо хај-стрит брендовите да прифатат некој новитет од дизајнерските брендови, овој пат тие предизвикаа прашина во светот на модата со дизајнерска верзија на обичните шопинг торби кои во продавниците се продаваат за цена до 1 до 5 долари (за разлика од моделите на дизајнерските брендови кои можат да достигнат цена и од неколку илјади евра!).
И тоа се покажа како одличен чекор, па така денес зборуваме за уште еден тренд кој го започна овој познат дизајнер и креативен директор на модната куќа Баленсијага. Бројни славни девојки во своите колекции веќе имаат еден од овие предимензионирани модели во плакарите, кои за жал, за нас обичните смртнички поради нивната превисока цена, и не се баш најдостапни.
Но, ако сакате да бидете во центарот на вниманието, и притоа при рака да го имате сето она што ви е потребно, а кое што НЕ можете да го спакувате во обична „нормална“ чанта, сега барем знаете како да го направите тоа …
Па, дали ви се допаѓа овој тренд?