Голема загуба за македонската книжевност и култура – прерано нѐ напушти поетесата на срцата, Славица Гаџова Свидерска
Зад себе остави богато поетско, есеистичко и научно творештво.

Со длабока жалост и тага, јавноста денес беше информирана дека на 12 ноември 2025 година почина поетесата, преведувачка и есеистка Славица Гаџова Свидерска (1984–2025). Тажната вест ја соопштија од Друштвото на писателите на Македонија.
Славица Свидерска беше доктор на филолошки науки, лекторка по македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Факултетот за странски јазици во Тирана. Живееше и работеше во родната Битола, каде што беше активен член на книжевната заедница.
Зад себе остави богато поетско, есеистичко и научно творештво, со длабоки теми од областа на теоријата на книжевноста, односот меѓу уметноста и политичкото насилство, како и дискурсите на моќта. Нејзините дела се преведени на повеќе јазици, англиски, кинески, српски, хрватски, босански, чешки, словачки, турски и албански, а беше добитничка на бројни награди во земјата и во странство.

Авторка е на поетските збирки: „Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“ (2016), „Политики на стравот“ (2021), „Golgotha Feminarum“ (2023) и „Мистичен си свету“ (2025).
Во нејзиниот научен опус се издвојуваат монографиите „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013) и „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и збирката есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017).
Од НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, со која Свидерска соработуваше на многубројни културни активности, упатија искрено сочувство:
„Нејзиното заминување е голема загуба за нашата книжевна заедница и за сите кои ја познаваа нејзината искрена љубов кон пишаниот македонски збор. Славица беше авторка која преку своите дела умешно ги пренесуваше чувствата, спомените и боите на македонската стварност. Нејзината младост беше исполнета со креативност, соништа и желба да создава и да инспирира. Нека нејзините зборови продолжат да живеат и сведочат за талентот, љубовта и духот што ги остави зад себе.“
Погребот на Славица Гаџова Свидерска ќе се одржи утре, 13 ноември, од 11 до 12 часот на Светонеделските гробишта во Битола.




