Реклама
Интервју

„Очекуваат Вог фотографии, а плаќаат колку за слика за пасош!“

Реклама

Гламур интервју со фотографот Ѕвонко Петровски.

„Кај нас ги нема вистинските луѓе на вистинските позиции“

Поразговаравме со младиот и несомнено талентираниот фотограф Ѕвонко Петровски. Тој на некој посебен начин знае да ги долови моментите и емоциите преку неговиот објектив, да го сопре времето и специјално за нас, во некој следен миг, да ни ги претстави во едно потполно поинакво светло. Неговите фотографии изгледаат како да поминале низ процесот на повторното раѓање и додека ги гледаме постојано не привлекуваат да размислуваме за просторот, за времето, за постоењето… Во неговата естетика се провлекуваат лица, простори, бои и сенки и тој посебен однос меѓу нив ги исполнува неговите фотографии со некоја посебна, кадифена енергија која што зрачи со својата топлина, емоција и доверба. Неговите портрети изгледаат фантастично, и по малку митолошки, претставени во урбана средина, со истенчено чувство за боја и композиција, оковани во магија која ќе го привлече вашето внимание. Приказната што ќе ви ја раскаже со секоја нова фотографија е приказна која потполно ќе ве освои, иако нема да слушнете ниту збор…

Маркетинг

Како би го опишал твојот стил?

– Динамичен и класичен. Генерално секогаш пробувам да влечам инспирација од класичните сликари и користам дел од техниките кои ги користеле тие, адаптирани на модерното време секако, сепак и медиумот е драстично поинаков. Дополнително стилот ми зависи и од жанрот, ситуацијата, расположението, целта, и клиентот. Не се врзувам премногу кон еден фиксен стил или изглед, бидејќи истиот премногу зависи од тоа колку ми е предизвик. Од друга страна најчесто скоро и да нема место за личен стил кога станува збор за проекти кои треба да бидат дел од некоја целина, тогаш стилот е веќе поставен од клиентот и концептот. Во тој случај, стилот е само зачин врз сè тоа.

Како себеси се гледаш како фотограф кој заработува за живот, уметник или нешто трето?

– Со оглед на тоа што фотографијата ми е професија, има проекти кои се механички, има проекти кои бараат уметнички пристап…

Маркетинг

Тоа зависи од клиентот и потребата.

Дали ти се случило со клиент или модел да мислиш дека фотографијата е одлична, а тие да го мислат спротивното?

– Повеќе од што би сакал да признаам. Многу често се случува тоа, и највеќе проблемот лежи во комуникација и едукација. Клиентите често очекуваат дека ќе добијат фотографија вредна 50 000 евра, за буџет од 50 евра.

Бидејќи не го разбираат процесот и трошоците за него, колку и да е истиот објаснет, често се случува да очекуваат фотографија како за корица на „Vogue“, а да инвестираат колку за фотографија за пасош.

Од друга страна, исто толку често се случува спротивното сценарио. Клиентот имал далеку пониски очекувања за тоа што ќе добие за сумата што ја инвестира во проектот, како што всушност треба да биде.

Проблемот во целата работа не е во клиентите или фотографите сами по себе, проблемот е во култура и едукација. Со оглед на тоа што сум работел и со странци, можам од прва рака да потврдам дека кај нас (генерално Балканов) целата гранка на маркетинг е општ хаос. Нема стандарди, нема едукација, ги нема вистинските луѓе на вистинските позиции (нормално, постојат исклучоци), туку еден човек е сè, од магацин до креативен директор. И затоа ги има тие дискрепанци во очекувања за производ, наспроти цена за истиот. Надвор, скоро секогаш работиш со стручно лице, и скоро никогаш нема проблеми како тие што се сретнуваат тука.

Каде ја пронаоѓаш инспирацијата за фотографиите?

Во тотално банални и целосно неочекувани ситуации. Иронијата во целиот „процес“ на инспирација е што немаме тотално никаква контрола врз истиот. Кај мене функционира некако нелогично. Кога ми треба инспирација, никаде ја нема. Кога правам некоја тотално банална и досадна работа, како чекање редица во банка на пример, тогаш ќе почнат да течат идеи. И најчесто, се случува во момент кога немам молив и хартија за да ги скицирам и повеќето остануваат заборавени, додека не се појават пак во друга тотално банална ситуација.

И така, во бескраен циклус.

Црно бела фотографија или во боја?

– И двете. Идејата и концептот за фотографијата диктира каков стил и техника ќе има истата. Доколку концептот повикува монохроматски изглед, нема место за боја таму. Доколку концептот повикува колоритет, тогаш бојата мора да биде присутна во целост или селективно. Има фотографи кои се ограничуваат во строго црно бел свет, или обратно поради стил, наратив или носталгија, и тоа е сосема во ред, ама јас ја сакам слободата на целиот спектрум што го нуди фотографскиот процес.

Каде себеси се гледаш во иднина?

– Искрено, некаде на планина подалеку од урбаната џунгла и сите овие гужви. Апсолутно ме заморува целиот овој „динамичен“ живот, каде што сè се сведува на работа 24/7, без еден час мир и тишина. Така целта се движи во таа насока сега за сега, поедноставување на сите процеси.

Кој е по твое мислење мајстор на фотографијата?

– Не би можел да наведам еден човек, бидејќи фотографијата, како и секоја друга уметност е специфична, па така има мајстори во секој жанр, секој поджанр, и навистина се многу луѓе. Ама за волја на аргументот би рекол Ансел Адамс, Роберт Капа, Стив МекКари, Хенри Картиер Бресон и Вес Андерсон.

Секој во својот жанр, секој со своите техники, ама нив ги сметам за едни од многуте што имаат направено драстични напредоци во своите полиња. Иако Вес Андерсон технички не е фотограф, техниките што ги користи за неговите филмови важат и во фотографијата.

Дали сакаш и дали си се фотографираш себеси?

– Избегнувам да се фотографирам себеси. Тоа се случува апсолутно кога морам, инаку поудобно ми е кога сум зад камерата. Има фотографи на кои целиот концепт им се автопортрети, и тоа е супер, ама јас не сум од тие.

Дали кај нас од оваа професија може да се живее?

– Може, околу 10 години заработувам од фотографија директно или индиректно. Целиот проблем е додека ги воспоставиш сите канали на заработка, бидејќи реалноста е дека фотографијата опаѓа како пазар, луѓето се помалку ја ценат како производ, труд и уметност. Така, ако пред 10 години просечен фотограф можел да опстои од една гранка од фотографијата, денес е скоро невозможно.

Затоа мора да се оптимизира процесот на заработка, да се експлоатираат максимално сите можности.

Повеќе фотографии од Ѕвонко можете да погледнете тука >>

Подготви: Берта Мартиноска, Гламур магазин

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button