Фрчат откази и во оваа земја во која има и многу наши печалбари – 10.000 останаа без работа во еден ден
И преку „барата“ животот не е она што беше некогаш...

Министерството за здравство и социјална заштита во Америка се соочува со сериозни предизвици, пишуваат медиумите.
Имено, тие официјално ја објавија одлуката за отпуштање 10.000 здравствени работници од здравствените агенции, а оваа информација ја потврдија од министерството за Си-Ен-Ен.
Овие нови отпуштања доаѓаат откако претходно 10.000 вработени доброволно ги напуштиле своите работни места, што значи дека Министерството за краток период остана без вкупно 20.000 работници.
Фото: Фрипик
Ова би можело да остави силни последици врз здравствениот систем во Америка, посебно што оваа загуба сочинува приближно една четвртина од вкупната работна сила во оваа институција, пишува Си-Ен-Ен.
„Волстрит журнал“, кој прв ги објави овие информации, пишува дека отпуштањата се дел од пошироката стратегија за реструктуирање и намалување на трошоците во рамките на Одделот.
Сепак, експертите предупредуваат дека ваквото драстично намалување би можело значително да влијае на достапноста и квалитетот на здравствените услуги, особено во агенциите кои се занимаваат со јавно здравство, социјална заштита и медицински истражувања.
Аналитичарите истакнуваат дека последиците од овие кратења би можеле да бидат долгорочни, бидејќи здравствениот сектор во САД веќе се соочува со недостиг на кадар, особено по пандемијата со Ковид-19.
Синдикатите и организациите што ги претставуваат здравствените работници изразија загриженост, предупредувајќи дека недостигот на персонал може да го зголеми притисокот врз преостанатите работници и да го загрози квалитетот на здравствената заштита за милиони граѓани.
Претставниците на Министерството, пак, тврдат дека и покрај намалувањето на бројот на персоналот, тие ќе продолжат да ги обезбедуваат основните услуги и дека се преземени мерки пациентите и корисниците на социјална помош да не бидат засегнати од овие промени.
Сепак, останува нејасно како точно овие кратења ќе се одразат врз функционирањето на агенциите во надлежност на Министерството и дали во иднина ќе има дополнителни отпуштања.
Фото: Фрипик
Ништо ново и на Запад
Инаку, овие отпуштања во Америка не се ништо ново, посебно откако на власт дојде новиот претседател Доналд Трамп.
Како што пренесуваат американските медиуми, според податоците од различни агенции и извори, значителен број луѓе останале без работа поради кратење на буџетот и намалување на бројот на вработени во федералните институции. На почетокот на администрацијата на Доналд Трамп беа отпуштени неколку илјади работници во владините институции, а досега вкупно околу 75.000 вработени со полно работно време во сојузната влада се отпуштени или ги напуштија своите работни места. Ова е само дел од поширокиот процес на намалување, кој ги погоди речиси сите области во американскиот јавен сектор.
Па така покрај Американското министерство за здравство и социјална заштита најпогодени се и следниве сектори:
Секретарот за ветерани
Над 1.000 вработени на пробна работа беа отпуштени, додека секретарот за образование загуби најмалку 39 работници.
Оддел за енергетика
Околу 350 работници во Националната администрација за нуклеарна безбедност беа отпуштени, иако некои беа брзо вратени на работа.
Секретаријат за внатрешна безбедност
Отпуштени се 130 вработени на пробна работа, меѓу кои и вработени во Агенцијата за сајбер безбедност.
Даночна служба (ИРС)
Илјадници вработени на пробна работа се отпуштени, и тоа во време кога пријавувањето на данок е во тек.
Служба за национални паркови
Скоро 1.000 работници се отпуштени, што може да влијае на работата и безбедноста на американските национални паркови.
УСАИД и други хуманитарни организации
По доаѓањето на Трамп стотици работници беа отпуштени поради замрзнување на меѓународните програми за помош.