Фармацијата не е само бизнис, туку мисија во служба на здравјето – бизнис приказни со Венера Самарџиева
Вистинска родова еднаквост ќе се постигне со јавна подршка од институциите и видливост на жените лидери за да го подигнеме општеството кон вистинските вредности, вели Венера Самарџиева во интервјуто за гламур.мк

Кога започнавме со нашите „Бизнис приказни“, идејата беше да создадеме платформа што ќе ги раскаже инспиративните приказни на жените што храбро чекорат низ деловниот свет во Македонија – жените кои основале сопствен бизнис, менаџираат со визија и секојдневно го докажуваат значењето на интегритетот, знаењето и емпатијата во лидерството. Со нив зборуваме за почетоците, клучните одлуки, справувањето со пречките, но и за она човечко – како одржуваат рамнотежа помеѓу работата и личниот живот.
Овојпат наш соговорник е Венера Самарџиева, дипломиран фармацевт и сопственичка на аптека НИМА во Гевгелија. Низ интервјуто, Венера ни ја пренесува својата приказна, почнувајќи од младешкиот сон да биде аптекарка, па сè до 25-годишно искуство како професионалец што стои цврсто на принципите на доверба, континуирана едукација и грижа за секој пациент. Со неа зборуваме за одговорноста што ја носи раководењето на аптека, предизвиците на женското лидерство во фармацијата, визијата за иднината и вредностите што сака да ги пренесе на младите генерации.
Во продолжение, прочитајте ја оваа посветена, искрена и инспиративна бизнис приказна со Венера Самарџиева, фармацевтка која со љубов, знаење и упорност, го гради здравствениот интегритет на заедницата.

Можете ли да ни кажете нешто повеќе за вашата професионална позадина пред да основате аптека и како тие искуства придонесоа за вашиот сегашен успех?
Аптеката е моја голема љубов уште од најмали нозе и затоа се запишав во СМУ ,,Др. Панче Караѓозов”, а подоцна и на фармацевтскиот факултет во Скопје каде ги добив основите за моето професионално работење. Понатаму следеа дополнителни едукации и пракса.
Првите работни почетоци ми беа во аптеки „Галафарм“, каде се запознав со високи стандарди во работењето и се трудев што повеќе да впијам и да научам, а подоцна и тоа да го преточам во моето секојдневно работење.
Самостојно ја градам мојата професионална кариера во аптека НИМА Гевгелија веќе 25 години и активно учествувам на семинари, читам стручни публикации и присуствувам на едукации за нови лекови со цел да ја подобрам безбедноста и ефикасноста на лекувањето. Односот со пациентите е моја врвна вредност, ја градам довербата преку разбирање, точно информирање и поддршка и целта ми е да ја унапредиме фармацевтската грижа како интегрален дел од здравствениот систем.
Кои се најголемите професионални и етички одговорности што ги носи раководењето со аптека денес?
Раководењето со аптека е процес кој бара голема пожртвуваност, енергија, време, трпеливост, стручност, емпатија.
Секоја одлука што ја носиме – од избор на кадар до набавка на лекови – има директно влијание врз здравјето и довербата на пациентите. Ние управуваме со начинот на комуникација со пациентите и треба да бидеме непристрасни и со високо чувство на интегритет, истовремено почитувајќи ги законските прописи и етички стандарди.
Најважно е да обезбедиме безбедна, стручна и одговорна фармацевтска грижа со цел да ја подобриме безбедноста и ефикасноста на лекувањето и да ја зачуваме довербата и доверливоста на нашите пациенти. Освен со класично издавање лекови, промовираме и здрави животни навики и како пациентите сами да придонесат кон своето здравје преку превенција, едукација и модификација на животните навики.
Која е формулата или тајната за успешна жена бизнисмен?
Жените лидери се познати по чесноста, транспарентноста и држење до сопствениот збор со што создаваат доверба кај тимот и деловните партнери.
Треба да има самодоверба, континуирано да се усовршува, доедуцира и најважно од сè е да вложува љубов и посветеност и да балансира меѓу личниот и професионалниот живот. Предизвици секогаш постојат и жените успешно се справуваат со пречки и неправилности, одлично ги препознаваат меѓучовечките сигнали, ги разбираат потребите и креативни се во решавањето на проблемите. Клуч на успехот е усогласениот начин на живот и грижата за себе која помага во одржување на долгорочна продуктивност.

Важно е да знаеме каде одиме, да поставиме јасни цели, да ги следиме и да се прилагодуваме според резултатите.
Со какви предизвици се соочивте како жена менаџер во развојот на една фармацевтска фирма во Македонија и како ги надминувате?
Како приватна аптека се соочуваме со многу предизвици – од финансиски притисок поврзан со цените на лековите и маржите, до обезбедување на постојана достапност на сите неопходни лекови, особено во услови на глобално пореметување во синџирот на снабдување. Се соочуваме со разни административни и регулаторни прилагодувања, постојана адаптација кон дигитализацијата, на техничко ниво и во одност на заштита на податоци.
За нивно надминување, потребна е координација со надлежните институции, вложување во стручен кадар, обуки и потреба од континуирана едукација. Како аптека се стремиме да обезбедиме квалитетна фармацевтска грижа, советување и поддршка која е многу поголема од само издавање лекови.
Каков е односот кон жените лидери во Македонија, особено во помалите градови? Дали сме родово сензитивни?
Во нашето општество жената ја задржува традиционалната улога на мајка, домаќинка, личност која го обединува и се грижи за семејството. Таа е почитувана, сакана, но понекогаш невидлива во заедницата поради разни социјални, политички и други бариери.
Во малите средини, како во мојот убав град Гевгелија, се прават локални иницијативи за активно вклучување на жените во јавниот, политичкиот и економскиот живот и да се изгради слика за нив како признати и авторитетни членови на заедницата.
Формално постои родова сензитивност, меѓутоа, и силни примери на жени лидери на големи компании, сопственички и успешни менаџери на приватни здравствени установи препознаени во целиот регион.
Вистинска родова еднаквост ќе се постигне со јавна подршка од институциите и видливост на жените лидери за да го подигнеме општеството кон вистинските вредности.

Каква визија имате за иднината на жените во фармацевтската индустрија и кои вредности сакате да ги пренесете на идните генерации жени – претприемачки?
Мојата визија за иднината на жените во фармацевтската индустрија е јасна – дека тие не се само присутни, туку се и двигатели на иновации и позитивни промени во здравството. Тие со својот уникатен пристап кон грижата за пациентите имаат моќ да направат големи промени врз здравјето на луѓето.
Меѓусебе треба да се подржуваат, а не да се натпреваруваат бидејќи тимската работа и одговорноста се од суштинско значење за да ја имаме довербата, која е клучот во нашето работење.
Очекувам во наредните години сѐ повеќе да вложуваме во своето знаење и вештини, да бидеме храбри, но и солидарни, а пред сè да бидеме општествено одговорни, затоа што фармацијата не е само бизнис, туку мисија во служба на здравјето.
Како се релаксирате и каде ја црпите енергијата за секојдневието?
За да бидам продуктивна и мотивирана за работа балансирам со активности кои ми носат радост, мир и расчистување на мислите.

Мирот го наоѓам во домот со моето семејство, а енергијата ја црпам од малите нешта – читање добра книга, дружење со драги пријатели, пешачење со мојот сопруг во природа, понекое патување.
Посебно уживам во грижата за нашите цвеќиња. Тоа ми дава дава чувство на спокој и исполнетост, а кога човек има свој начин да се опушти, полесно се справува со секојдневните предизвици, дури и во стресни ситуации.

И на крај, постои ли одредена мантра, цитат или потврда што ја држите блиску до вашето срце?
Би сакала да завршам со мислата по која се водам во секојдневниот живот – да внесам мал дел добрина, мир и љубов онаму каде е потребно. Успех е ако ги правиш другите подобри со твоето присуство и да знаеш дека твоето влијание ќе трае и кога нема да бидеш таму.