Eве што ќе добијат пензионерите со новите мерки кои ги договара работната група!

Оваа недела се очекува да биде готов извештајот на работната група за пензиите.
Во мерките што ќе бидат донесени, како што изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, не е предвидено линеарно зголемување на пензиите, затоа што, како што рече, мора да се води сметка за стабилноста на пензискиот систем.
– Очекувам оваа недела да биде доставен извештајот на работната група којшто ќе биде доставен до Владата за сите заедно да одлучиме кои мерки дополнително ќе бидат донесени во новиот пакет на антикризни мерки.

фото илустрација
Меѓу тие мерки нема линеарно зголемување затоа што линеарното зголемување не им оди во прилог на сите пензионери.
Со новата методологија, само за година и пол, најниската пензија е зголемена за речиси 2.200 денари, а согласно растот на пензиите, и понатаму ќе се применува новата методологија и ќе се оди со она што е законско решение сега во моментот.
Линеарно покачување на пензиите нема да има, категорична е министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и покрај таквото барање на пензионерите преку протести, за кои таа вели дека се демократско право.

фото илустрација
Тренчевска признава дека ниските пензии не се доволни, но за тие пензионери најави мерки за подобрување на нивниот стандард. Мерките ќе се донесат, откако ќе биде готов извештајот на работната група, кој Тренчевска очекува да биде доставен до крајот на оваа недела.
Ќе имаме мерки што ќе значат дополнителен приход, финансиска поддршка на пензионерите, меѓутоа ќе бидат опфатени оние пензионери кои се со ниски пензии и кои се во најранливата категорија, изјави Тренчевска по посетата на градинката „13 Ноември“ по повод Денот на детето.
Тренчевска рече дека како Влада остануваат отворени за разговор со пензионерите, но дека не се согласува со линеарно зголемување на пензиите како што бараат пензионерите поради стабилноста на пензискиот систем.

фото илустрација
– Секое нереално покачување на пензијата и секое нереално трошење на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување значи дека ќе ги доведеме во несигурност исплатата на пензиите на сите 336.000 пензионери.
Ниту како Влада, ниту како министерка за труд и социјална политика нема да дозволам да се наруши стабилноста на Пензискиот фонд.
Од 2017 година наваму работиме на зголемување на приходите во Фондот за пензиско и тоа го покажуваме со намалување на дефицитот којшто во 2017 беше околу 47 проценти, а сега е намален на 33 проценти, истакна Тренчевска.

фото илустрација
Пензионерите кои протестираат не се откажуваат од барањето за линеарно покачување од по 3500 денари за секого, што последните денови беше корегирано на 6000 денари.
Во синоќешната Анализа на ТВ 24, претседателот на Иницијативниот одбор за протести на пензионерите Трајче Станојков побара парите кои ќе се потрошат за усогласување на пензиите според новата методологија, да се поделат кај сите пензионери подеднакво, а не да се делат процентуално.

фото илустрација
Но, пензионерите не отстапуваат. Напротив, ги зголемија барањата и најавија масовни протести во Скопје.
„Социјалните пакети нека ги остават за социјалните случаи. Ние си го бараме нашето. Тие 3.500 денари сега прераснаа во 5 илјади денари, со заеднички став на иницијативниот одбор од Република Македонија. Се планира голем семакедонски бунт“ – изјави за сител Верче Јанческа, пензионерка.
Вчера пензионерите на своите сметки ги добија покачените пензии за 5.3%. Со тоа, најсиромашните земаа 700 денари плус, а корисниците на највисока пензија 3.700 денари.




