Фашираните шницли се класика која сите ја сакаме – традиционално ги подготвуваме со мелено месо, јајца и презла или со стар леб, кои ја држат смесата цврста и им даваат убава кора при пржењето. Но, дали сте слушнале дека постои начин да направите неверојатно сочни и вкусни шницли без да ставите ниту јајца, ниту презла?
Токму така ги прават Турците, а нивниот рецепт е едноставен, ароматичен и многу ефективен. Ако ги пробате овие фаширани шницли еднаш, сигурно ќе сакате да ги подготвувате постојано.
Потребни состојки:
1 килограм мелено јунешко/говедско месо
1 кафена лажичка бибер
1 кафена лажичка лут црвен пипер во прав
1 кафена лажичка сладок црвен пипер во прав
1 кафена лажичка кумин (може, но не мора)
1 кафена лажичка коријандер (може, но не мора)
1 голема лажица рендан лук
половина шолја свеж магдонос, ситно сечкан
1 главица кромид
Начин на подготовка:
Прво исечкајте го кромидот на ситно и ставете го во вода да отстои неколку минути. Во голема чинија измешајте го меленото месо со сите зачински состојки – бибер, лут и сладок пипер, кумин, коријандер, рендан лук и сечкан магдонос. Откако добро ќе се соединат, процедете го кромидидот и додајте го во смесата со месото.
Со раце темелно измешајте ја смесата за да се соединат сите вкусови и состојки. Потоа обликувајте мали топчиња или плескавици по желба.
Загрејте масло во тава и пржете ги шницлите на средна температура додека добијат златна кора и бидат добро испечени однатре. Овие шницли ќе бидат посочни од традиционалните, а нивната богата арома и текстура ќе ве воодушеват.

Зошто овој рецепт е посебен?
Турската варијанта не користи јајца и презла, кои обично се неопходни за поврзување на месото и добивање на компактен облик. Наместо тоа, внимателниот избор на зачини и додавањето на кромид, кој се впива со месото откако ќе се процеди од водата, создава сочна текстура која го прави секој залак незаборавен.
Оваа техника не само што ја прави подготовката поедноставна, туку и ги нагласува природните вкусови на месото и зачините.