Eстрадно-забавна програма во „Ѓорче“ за празничниот продолжен викенд – еве кој ќе настапува
Овојпат програмата не само што ќе биде уште побогата и поразновидна, туку и распоредена во повеќе денови.

По одличната естрадно-забавна програма минатиот продолжен викенд, годинешното Културно лето 2025 во општина Ѓорче Петров продолжува и за време на претстојниот предпразничен осмосептемвриски викенд. Овојпат програмата не само што ќе биде уште побогата и поразновидна, туку и распоредена во повеќе денови.
Така, четврток ( 04. септември) е замислен како „Ден за најмалите“, во кој ќе бидат конципирани и такви содржини, оние кои најмногу ги сакаат дечињата.
Од 18.00 часот во централниот парк во Ѓорче децата ќе се радуваат, веселат и пејат со изведбите на нивните врсници на песничките од популерниот детски фестивал „Поточиња“.
Веднаш потоа, од 19.00 часот на истата локација програмата продолжува со магијата и жонглерските атракции на артистите од Фестивалот на уличен театар „Баскер фест“.

Во петок на 05 септември од 18 .00 часот започнува „Базарот во паркот во Ѓорче“ во кој ќе бидат изложени многу ракотворби и домашни производи. Во рамките на базарот паралелно ќе тече и музичката програма во која присутните ќе ги забавуваат со своите кавер изведби „Backdoor Band“, со шпанска музика „Infusion Spanish“ и DJ Carlito.
Во сабота, на 06 септември базарот во Ѓорче продолжува од 14.00 часот, а за музичката програма ќе бидат задолжени еден македонски етно бенд, шоумените на лимени инструменти “Brass Brothers“, DJ Zero Gravity и за крајот на вечерта забава со изведба на традиционална шпанска фламенко музика.

Неделата, 07 -ми септември е резервирана за „Звуците на традицијата во Ѓорче“, каде во денот за сите генерации е предвидена богата и разновидна културно-уметничка програма за сите возрасти, „Во духот на традицијата“ зад која стои Здружението „Палиум“.
Така од 18.00 часот започнува настанот „Зелникот на баба“каде највозрасните жени со најмладите девојченца месат зелник. За најмладите ќе биде задолжен уличниот забавувач Кристијан Бенито, додека Драгица Славеска ќе чита лични творби.
Во естрадно-музичкиот дел пред присутните ќе настапат познати и реномирани фолк изведувачи како: Дарко Билбиловски, Милица Кузмановска, Душко Ѓеорѓиевски.
По кршењето и делењето на парчиња од зелникот, вечерта ќе заврши со изведби на членовите на три културно- уметнички друштва: КУД Јонче Христовски, КУД Лилјан и ЖКУД Владо Тасевски.