Неодамна јавноста ја потресе вестта за трагичната смрт на доајенот на Драмски театар – Ванчо Петрушевски. Тој ќе остане запаметен по улогите во „Македонските народни приказни“, „Солунски патрдии“, „Женски оркестар“, „Опстанок“ и многу други кои ќе сведочат за неговиот извонреден талент. Официјално, причина за смртта на Ванчо Петрушевски е струен удар.
Во Драмскиот театар се одржа комеморација во негова чест, каде што неговите пријатели се збогуваа со емотивни пораки.
Низ солзи, Гоце Тодоровски изјави: „57 години бевме заедно… Во природно зелениот предел на Орешани, покрај реката Вардар, недалеку од метрополата се наоѓа неговата викендичка… која без него нема да биде повеќе тоа што е… Јас повеќе сигурно нема да појдам таму“
Актерот Благоја Чоревски пак рече: „Извонреден пријател и човек. Му благодарам на Бога и на животот што ме споија со него, што можев да играм, што можам да се сеќавам на него.. Кога и јас ќе отидам горе, ќе си направиме ново ‘Театарче лево ќоше”’
Актерот Рубенс Муратовски напиша: „Кога ќе си отиде глумец од моето детство, како да си оди и дел од мене. Дел од она кон кое сум се стремел. На кое сум завидувал и бескрајно го почитувал. Ванчо, беше баштаков. Но кога ќе си отиде глумец, знаеш дека неговите одиграни улоги ќе останат за навек….нека Ти е лесен патот кон светлината Ванчо….“
Сашко Коцев се збогува преку заедничка фотографија…
Актерот Васил Зафирчев изјави: Во спомен на Ванчо Петрушевски. Голем актер, редок човек и посветен колега и пријател. Благодарност за сите негови улоги со кои пораснавме, но и за сите претстави што заедно ги споделивме на сцената. Ќе недостасуваат неговата искрена насмевка, ведар дух, неверојатен хумор и вечен оптимизам! Нека му е светол патот кон вечноста и нека му се вечни славата и сеќавањето кај многу идни генерации Македонци!“
На Фејсбук се збогува и актерката Јелена Жугиќ: „Нека ти е лесна земјата и вечно името драг колега Ванчо, со голема радост ќе се сеќавам на секоја наша претстава и дружба. Почивај во мир голем човеку“