Еден осуденик месечно нè чини околу 1.000 евра, се однесуваат како во хотел: Пандов за затворениците во Македонија

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, истакна дека еден осуденик месечно ја чини државата околу 1.000 евра. Ова беше нагласено пред работниот состанок на тема „Пробација и условен отпуст“, кој се одржа вчера во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје.
Во моментов, во системот се под пробациски мерки над 900 лица, а како што рече Пандов, системот има капацитет да опфати многу повеќе.
„Пробацијата во Македонија постои веќе шест години, но се користи недоволно. Има многу поголем капацитет, а условните отпусти треба да се користат почесто и подолг период. Бројките покажуваат дека низ македонските судови има 430 осудени лица со А третман и околу 330-340 со Б2 третман. Не велам дека сите, но најголем дел од овие осудени лица може да бидат на условен отпуст, секако по препорака од секторот за ресоцијализација во затворите и од директорите на македонските затвори“, рече Пандов.
Тој го нагласи и економскиот аспект на проблемот, објаснувајќи дека еден осуденик месечно ја оптоварува државата со околу 1.000 евра, вклучувајќи ги храната, сместувањето и човечките ресурси за надзор и ресоцијализација.
Пандов истакна дека соработката со невладини организации е активна, а пробациските мерки се следат според видот на делото – од домашно насилство до злоупотреба на наркотични средства.
Тој додаде дека постојат над 100 барања за прекин на пробацијата, најчесто поради непочитување на препораките од страна на осудените лица.
Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов претходно изјави дека според последната анализа направена во затворите, околу 60 затвореници во моментот ги исполнуваат условите да добијат електронска алка и казната да ја издржуваат во домашни услови, под 24-часовен електронски надзор.
– Имаме вкупно 2.300 затвореници и 400 притвореници. Во дел од затворите исполнетоста на капацитетите е над 100%. Мојата надеж е дека со овие алки ќе се намали таа пренатрупаност. Низ призма на бројки, јас ќе ви кажам дека во моментов 60 лица можат веднаш да добијат електронска алка – изјави Пандов.
Законската рамка дозволува три категории затвореници да бидат префрлени во домашен затвор со електронска алка: стари и изнемоштени лица, бремени жени или мајки со мали деца, како и тешко болни затвореници.