БизнисИнтервју
COVER STORY

„Дури и кога патот не е јасен, преземање прв чекор може да промени сè“ – Бизнис приказни со Ирена Тушевска

„Сакам да докажам дека секоја жена може да успее, без разлика на потеклото и економската моќ“, вели Ирена Тушевска во интервју за гламур.мк

Advertisement

Ирена Тушевска е успешна жена-менаџерка за логистика на камиони кои возат во Европа и сопственичка на транспортно-логистичката компанија „Mega Trade Skrchim“, која има децениско искуство во логистика и транспорт.

Во Скопје доаѓа од мало гратче во Македонија,на почетокот работејќи паралелно со студиите за да ги покрие трошоците за школувањето. Нејзиното искуство како продавачка, келнерка и наставничка ја научило на дисциплина, истрајност и одговорност – основните вредности кои го водат нејзиниот бизнис денес.

Advertisement

Патот на Ирена во логистиката започнал по свадбата, кога заедно со сопругот одлучиле да инвестираат во транспорт. Оттаму, Ирена започнала да се интересира за логистиката и диспечерството, и полека изградиле успешен бизнис.

Како жена-менаџер во сектор во кој традиционално доминираат мажи, Ирена се соочува со бројни предизвици, но истовремено и со голем успех. Во својата компанија, сите вработени се жени, што го прави нејзиниот тим уникатен во индустријата.

Во 2024 година, Ирена се преселила во Виена, а нејзината компанија соработува со австриски, шведски, хрватски, словенечки, германски и бугарски фирми. Логистичка поддршка е на педесетина и повеќе камиони.

Advertisement
фото-приватна архива

Останува оптимистка за иднината на логистиката и верува дека жените сè повеќе ќе влегуваат во оваа индустрија.

Технологијата, флексибилноста и упорноста се нејзините клучни алатки, а таа смета дека секоја жена има потенцијал да успее, без разлика на потеклото или економската сила.

Ирена е пример за успешна деловна жена која балансира со семејните и професионалните обврски, во контекст на лидерство, посветеност и цврсти одговори на предизвиците.

Прашање: За почеток, можете ли да ни кажете накусо за Вашата професионална позадина, за претходните искуства кои, гледано од денешна дистанца, придонесоа за Вашиот сегашен успех?

Апсолутно. Пред да ја основам мојата транспортно-логистичка компанија, работев на многу различни позиции. Потекнувам од мало гратче во Македонија, а во 2005 година се преселив во Скопје за да студирам. Сепак, во тој период моите родители останаа без работа, па уште од втора година на факултет почнав да работам, за сама да ги покривам трошоците за студии.

Работев сè што можеше да се работи паралелно со студирање – од продавачка во маркет, преку работа во сендвичарница, келнерка, до давање часови по математика на студенти. Сакав барем јас да не бидам дополнителен товар, бидејќи и брат ми истовремено студираше.

Токму тие искуства ме научија на дисциплина, одговорност и истрајност – вредности кои денес се темел на мојот бизнис. Секогаш велам: мора да бидеш упорен и да не се откажуваш.

Прашање: Како започна Вашата кариера во логистика и транспорт, и што Ве привлече кон оваа специфична индустрија?

Сè започна по мојата свадба. Со сопругот размислувавме како најпаметно да ги вложиме средствата од свадбата, и решивме да купиме камион. Неговиот татко – мојот свекор – исто така имаше камиони, па постепено јас се заинтересирав и за логистиката и диспечерството.

Кога видов како функционира целиот процес, посакав да научам и да се вклучам. Сè што ми требаше беше компјутер и многу желба.

Во камионите вложивме многу, но на крај сфативме дека заработката е помала отколку од самата логистика. Често слушам „поголема инвестиција, поголема заработка“, но од искуство можам да кажам – не секогаш е така. Логистиката ми даде повеќе флексибилност и контрола.

фото-приватна архива

Прашање: Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате како жена на лидерска позиција во сектор што традиционално важи за мажи?

Како жена, понекогаш мораш повеќе да се докажуваш само за да бидеш сфатена сериозно, посебно во оваа бранша каде работиш 90 отсто со мажи.

Мораш да поставиш граница од старт! Имало ситуации каде шоферот ќе те навредува и ќе ти изнакаже разни погрдни зборови и пцовки, знам многу колешки, а и дел од вработените кај мене, кои се откажаа од оваа бранша токму поради таа причина. Моментално ретки се веќе такви шофери, но сѐ уште постојат.

На почетокот и јас ги трпев тие навреди, секој камион, секоја тура ми беше важна и едноставно се правев како да не слушам што кажуваат- игнорирав, се фокусирав само на турите. Но, потоа веќе почнав да кревам глас, не сакав ни една жена, ниедна колешка да биде навредена од некој што му е должност да ја извози турата за која што е платен.

Мислам дека доста постигнав и веќе водам со резултати, самодоверба и искрена соработка.
Кога од година во година расте бројот на клиенти, договори и превозници, перцепциите почнуваат полека да се менуваат.

Прашање: Како се справувате со неочекувани ситуации – како што се доцнења, технички проблеми или променливи регулативи при транспорт низ различни земји?

Флексибилноста и подготовката се клучни. Секогаш имаме планови за вонредни ситуации, одржуваме одлична комуникација со партнерите и во тек сме со движењето на секоја пратка.

Доста често има ситуации каде што има доцнење, дефекти, некогаш и кражби, проблем со царински документи, но, најважно од сè е да останеш смирен и фокусиран на решенија. Проблеми секогаш ќе има, но начинот на кој ќе одговориш на нив ја прави целата разлика.

Прашање: Како ја гледате иднината на логистиката – дали жените стануваат сè почесто дел од оваа индустрија, и што треба да се направи за да бидат?

Јас сум оптимист. Се повеќе жени влегуваат во логистика. Но, ние треба да продолжиме да создаваме простор – преку менторство, видливост и инклузивни практики.

Застапеноста е исто така важна: кога младите жени гледаат како другите напредуваат во логистиката, тоа им го отвора умот на она што е можно.

Прашање: Што ве држи мотивирана и што би им порачале на жените кои сакаат да влезат во слична индустрија, но се двоумат дали ќе успеат?

Мотивиранa сум од растот – и личен и професионален. Сакам да докажам дека секоја жена може да успее на кое било поле, не мора да е само оваа индустрија, без разлика од каде доаѓа и дали е економски моќна или не. Доволна е идеата и упорноста.

За жените кои се двоумат: не чекајте дозвола, секоја идеја што ја имате може да ја претворите во бизнис. Направете го првиот чекор. Не треба да знаете сè – само треба да започнете. Учете на патот, поставувајте прашања и поддржете се.

фото-приватна архива

Прашање: Кои се Вашите приоритети како успешна деловна жена?

Чесност, упорност и градење на тимска култура што ги вреднува довербата и истрајноста. Исто така, давам приоритет на создавање можности за други – особено на млади жени кои сакаат да растат во овој простор.

Прашање: Како се релаксирате и каде ја црпите енергијата за секојдневието?

Со оглед на тоа што имам две деца, едното е бебе од седум месеци, немам многу време за релаксација. Но во секој случај успевам да ги завршам сите обврски и некогаш да најдам време и за себе.

Ете, ќе кажам дека сакам да поминувам време во природа – тие моменти ме наполнуваат. Исто така, уживам во читањето, особено во биографиите на другите лидери.

Прашање: Каков е односот кон успешните жени, жените лидери во Македонија? И што мислите, дали сме родово сензитивни?

Изминавме долг пат, но има уште работа да се заврши. Мислам дека има зголемена почит кон жените лидери, но несвесните предрасуди сè уште постојат. Треба да продолжиме да ја подигаме свеста и да создаваме системи кои ја поддржуваат вистинската еднаквост – особено на работното место.

Прашање: И на крај, дали постои одредена мантра, цитат или потврда што ја држите блиску до Вашето срце?

Да – „Таа веруваше дека може, па и направи“. Ме потсетува дека самодовербата и акцијата одат рака под рака.

Дури и кога патот не е јасен, преземањето на првиот чекор може да промени сè.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button