Духовни мисли од Свети Григориј Богослов – „ако имаш ниско мислење за себе, потсетувај се дека си создаден по образот Божји, и дека си храм на Светиот Дух“
Свети Григориј Богослов е еден од највлијателните христијански мислители, чии идеи и денес имаат огромно значење. Тој е пример за мудрост, длабока вера и беспрекорен духовен живот. Се чествува на 7 февруари.
Свети Григориј Богослов е еден од тројцата Свети Отци на Црквата познати како Три Светители (заедно со Свети Василиј Велики и Свети Јован Златоуст). Тој бил познат по својата беспрекорна реторика, па го добил епитетот „Богослов“, што значи дека имал длабоко духовно и теолошко познавање.
Освен што бил одличен теолог и оратор, Свети Григориј бил и талентиран поет. Напишал над 17.000 стихови, во кои ги опеал Божјата љубов, духовниот живот и борбата со искушенијата.
Во негово време, ретко кој од теолозите пишувал во поетска форма. Григориј сметал дека поезијата е начин да се искаже длабоката теолошка мисла на убав и возвишен начин.
Григориј бил доживотен пријател на Свети Василиј Велики, а подоцна двајцата биле главни фигури во одбраната на православното учење против аријанската ерес. Нивното пријателство е еден од најпознатите примери на христијанско братство.
Неговите Пет теолошки беседи (Беседи за Светата Тројца) се меѓу највлијателните текстови во христијанската теологија, во кои ја брани Троичната природа на Бог. Поради ова дело, често го нарекуваат „Богослов на Света Троица“.
Тој не сакал да биде епископ, но бил ракоположен во градот Назијанз. Подоцна станал архиепископ на Цариград, каде што одиграл клучна улога во обновата на православната вера во градот. Вo 381 гoдина, кoга вo Сoбoрoт настанала расправија oкoлу нeгoвиoт избoр за архиeпискoп, тoј самиoт сe пoвлeкoл и изјавил: “Нe мoжат да нè лишат oд Бoга oниe кoи нè лишуваат oд прeстoлoт”.
Пoтoа гo напуштил Цариград, се вратил во Назијанз, се повлекол во тишина и молитва. Ова било реткост за високи црковни личности.
Неговото учење длабоко влијаело врз Источната и Западната Црква, а неговите дела биле проучувани и ценети од теолози низ вековите.
Духовни мисли од Свети Григориј Богослов
„Ако имаш ниско мислење за за себе, потсетувај се дека си создаден по образот Божји, и дека си храм на Светиот Дух.“
„Дали човекот кој е роб на стомакот е слободен? Дали оној кој се предава на телесните страсти е слободен? Дали гордоста и славољубието го прават човекот слободен?“
„Смирението е најголемата добродетел, бидејќи го прави човекот сличен на Бога.“
„Молитвата е најголемото достоинство на човекот; таа нè соединува со Бога.“
„Љубовта е основа на сите добродетели и извор на сите добри дела.“
„Бездната на плачот ја уништува радоста; а чистотата на срцето ќе добие просветување. Ова просветување е неисцрпно дејство на Светиот Дух, Кој ни дава да го гледаме она што не се гледа, и да го знаеме она што не се знае.“