CelebrityИнтервју

„Секој што го предал другарството погрешил. Тоа е света работа, со тоа нема играчки!“ – искрено со Сашо Ристовски

Сé што сум создал било од срце и со многу љубов и енергија, вели Ристовски

Реклама
Реклама

Нашиот познат актер Сашо Ристовски е две децении на театарската сцена, со над 30 премиери за деца, повеќе театарски премиери низ театрите во Македонија, алтернативни театарски проекти, безброј изведби, многу гостувања, награди. Многу добро познат ни е на сите и од македонските народни приказни каде многу автентично има одиграно голем број на улоги. „Благодарен и задоволем сум на сé и за сé. Благодарен сум на бога што ете по некој чуден пат, успеа да ме направи среќен и целосно реализиран во својата професија, како и во животот. Среќата е моја водилка и погледот кон позитивните работи“, затоа сум задоволен вели во интервјуто за Гламур актерот Сашо Ристовски.

Приватна архива

По скоро две децении на театарската сцена, со над 30 премиери за деца, повеќе театарски премиери низ театрите во Македонија, алтернативни театарски проекти, безброј изведби, многу гостувања, награди, од оваа перспектива денес дали Сашо е задоволен од она што досега го постигна?

Кога ќе направам една убава ретроспектива наназад морам да признаам дека сум многу задоволен. Се што сум создал било од срце и со многу љубов и енергија. Секогаш треба да сме задоволни и благодарни за постигнатото. Јас стално велам дека ако работите вистински, искрено и со максимална посветеност, резултатот е неизбежен, а паралено стануваш и задоволен. Благодарен и задоволем сум на сé и за сé. Благодарен сум на Бога што ете по некој чуден пат, успеа да ме направи среќен и целосно реализиран во својата професија, како и во животот. Среќата е моја водилка и погледот кон позитивните работи, затоа сум задоволен. Сé поднесов на цврсти нозе и подемите, падовите, успесите и задоволството. Тоа Бог ми го подари и мора да сум задоволен. Јас велам тивко, трудољубиво, без многу гордеење, сé си доаѓа на свое место.

Маркетинг
Приватна архива

Театар или серија, што ти е поголем предизвик?

Не можам да одвојам иако често сум размислувал на таа тема. Два убави предизвика, две магии кои ти ја полнат душата. Јас се пронаоѓам и во театарот и во сериите, бидејќи имам искуство и во театар и во серии и знам дека уживам да работам и творам за публиката и во театарот и пред малите екрани.

Маркетинг
Приватна архива

Бевте и директор во вашиот матичен театар, Театар Комедија. Какво искуство носите од тоа време?

Решив да ги паметам убавите денови, се друго се обидов да избришам од сеќавањата, но лузните останаа и ме научија како треба и не треба. Простив се, но никогаш нема да заборавам ништо.

Приватна архива

Јас сум бил и ќе останам истата личност, за другите незнам, нека се живи, здрави,среќни и успешни.

Вие исто така сте и основач и директор на патувачкиот „Театар Хит”, заедно со Магдалена Ризова-Черних, каде веќе неколку години сте режисер и сценарист на истиот. Како дојдовте на идеја и со какви предизвици се соочивте за да вроди со плод она што го работевте до сега ?

Јас всушност својата професионална кариера ја започнав уште како студент во патувачкиот театар кој го имаше бардот на македонското глумиште Мите Грозданов, потоа продолжив и до ден денес. Имав чест да играм со многу големи актерски имиња, но и со колеги кои се моја генерација. Едноставно тоа е една магија која ве обзема и нема назад. Патувате, се дружите, разговарате на различни теми со колегите станувате семејство. Такво семејство по кратка пауза, која морав да ја направам, повторно создадов со иницијативата кога решив да го направам Театар Хит. Ми недостасуваше патувачкиот театар многу. Тука веднаш ми се приклучи и мојата најдрага колешка и пријателка Магдалена Ризова- Черних, која исто така имаше пауза. Но, коцките се склопија и тоа беше старт. Колку што се сеќавам и реков да најде уште двајца помлади колеги кои ќе бидат со нас. Маги успеа да направи фантастичен избор и прво ни се придружи младиот актер Бранко Атанасов, а потоа за кратко време една од најдобрите млади актерки Ема Давчева. Сега сме на куп, заедно со оперативно техничкиот персонал.Мало театарско семејство кое ужива во секој миг од работата. Јас некако започнав спонтано да ги пишувам драмските текстови и се пробувам во режисерската област. Специфично е бидејќи се работи за деца и тука треба да се работи темелно и внимателно и се да биде многу убаво обмислено и оргинално. Тежок предизвик е тоа. Но јас го сакам тоа. Зошто сум личност која сака предизвици, а кога ќе добиете убав резултат, тогаш е прекрасно.

Приватна архива

Во нашиот театар сите заедно се бориме со предизвикот. Дискутираме долго, понекогаш ни се судруваат ставовите, но на крај заеднички одлучуваме за решението. Не можете да патувате во овие води без тим, индивидуалноста е грешен пат во нашата професија. Во театар Хит секој од нас има право да понуди решение, потоа гледаме кое е најдобро и истото го имплементираме. Многу често се случувало некое решение мене да не ми се допадне, но кога ќе видам дека публиката го прифаќа тогаш признавам дека било вистинско решение. Публиката е најголем показател за се.

Приватна архива

Нема некој што не знае дека сте дел од Македонските народни приказни каде оригинално ги имате пренесено сите улоги? Какво беше искуството и колку тоа придонесе за вашата популарност како актер?

Во својата кариера, а особено почеток на кариера ретко кој млад актер добива таква шанса. Таа шанса јас не ја добив лесно односно на тацна, јас ја заслужив. Ништо не сум добил на тацна во живот па и ова. Пред да се снима тој циклус на приказни се правеа пробни снимања, во кој учествуваа и други актери. Како сега се сеќавам колку мачно и тешко беше тоа снимање, мислам на пробното. Јас имав искуство, бидејќи имав снимено неколку епизоди за друга локална телевизија каде во 2006 ме покани лично легендарната Шенка Колозова. Но, овде во А1 требаше да се направи избор преку пробна пилот снимка. Од кога ја снимивме пробната епизода, дојде одлуката на челиците од А1 дека јас сум избран покрај другите актери кои беа доста поискусни од мене. Тука имав среќа што моја партнерка во сите епизоди па и во пробната беше Магдалена Ризова која многу добро ме познаваше.

Кога дојде ред да започнеме снимање, чинам над 100 епизоди јас сватив дека влегов во една исклучително комплицирана тематика. После Колозови вие да снимате? Тоа беше чудно, но решив да бидам свој во начинот на играње. Јас се што снимив и играв го играв од срце, а тоа публиката го препознава. Бев свој и не се трудев да бидам ничива имитација. Се потрудив да ставам свој печат, а со текот на годините се покажа дека сум успеал во тоа. Се сеќавам на зборовите на режисерот Драги Савевски кои беше исклучителен професионалец, топол човек и полн со разбирање, дојде ми шепна на уво: Биди ти, биди свој, супер си. Јавно му благодарам за се, знаеше точно која улога ми лежи, знаеше како да го извлече најдоброто. Што е важно знаеше дека прекрасно функционираме како тандем со Магдалена. Јас и нејзе сум и благодарен што дозволи да бидам нејзин партнер во серијата, бидејќи Ризова беше и се уште е една од најдобрите, најпочитуваните и најетаблираните актерки во Македонија. Со почетокот на емитувањето почна популарноста, почнаа луѓето да ме препознаваат, да разговараат, да се поздравуваме и секако да си го кажат своето мислење кое за мене било и ќе биде важно. Самата популарност си дојде како резултат на искрениот влог во приказните. Јас никогаш не трчав по неа, таа сама си дојде и никогаш не ме промени, ниту некогаш ќе ме промени. Погрешно е вие да трчате и да правите разно разни догодоштини за само и само да сте популарен. Тоа води во слепа улица. Треба да знаете како да траете долго, благодарение на своите дела. Тогаш слушав и разно разни муабети дека тоа не требало млади актери да го прават, да снимаат такви приказни, но тоа до мене не допираше воопшто. За мене тоа беше една глупост која воопшто и не допре до мене. Јас така решив и така остана. Да твориш за својата традиција е чест и одговорност. Кога јас ќе почувствувам дека нешто треба да направам, јас го правам и тоа е така. Се радувам што до ден денес се емитуваат тие приказни и луѓето ги сакаат. Се снимаа многу после тоа, но…публиката кажува кој е кој и што и колку вреди. Секогаш велам, дајте време на времето и дајте им простор на делата да говорат за вас.

Приватна архива

Актуелен сте со претставата „Обвинителка“ во која се појавувате во улога на режисер и актер. Во претставата, покрај Магдалена Ризова -Черних се појавува и српската актерска ѕвезда Лидија Вукиќевиќ. Дали од прва се вклопија енергиите? И како дојдовте на идеја да се направи овој проект со кој имавте настапи ширум земјава?

Токму така, комедијата Обвинителка ме врати на сцена преку голема врата, после тенденциозното симнување на сите претставите во кои играв во мојот матичен театар. Некој сакаше да ме снема од сцената, но мисијата дадена од Бога никој не може да ја спречи. Кај мене е секогаш така, кога сакаш да ме скршиш јас блеснувам хихи… Целиот проект беше по моја замисла. Седнав со авторот Огнен Неделковски му ја предложив идејата и веднаш ме свати што сакам и каква сакам порака да пратам со овој текст. Потоа заедно со целиот тим го доработивме текстот и навистина стана хит комедија на ситуации и без вулгарности, што е денес тоа реткост. Се одлучив да ја режирам оваа комедија бидејќи имав таков порив од внатре од душата, во таа прва авантура ми помогна целиот тим. Текстот,односно насловната улога и беше понудена на мега популарната актерка уште од време на Југославија, Лидија Вукиќевиќ која веднаш ја прифати понудата, а Магдалена Ризова Черних веќе знаеше дека е во план да игра. Со овој проект се обидовме преку театарскиот мост да ги обединиме двете соседни земји, Македонија и Србија. Кога никој не веруваше дека ќе успееме ние успеавме. Целиот тим се вклопи веднаш и искрено создадовме комедија која цел живот ќе е актуелна, тематски актуелна. Комична приказна како да изнајдеш начини да се спасиш од обвинителна клупа и затвор. Сега започнуваме нова турнеја која ќе започне од Скопје на 5-ти Декември во МНТ. Проектот беше финансиран од Министерството за култура во 2023 година, со минимални средства, но ние успеавме благодарение на нашите спонзори да го комплетираме и да го реализираме. Некои се сомневаа дека ќе успее, но ете со искрен влог има и Бог. Екипата функционира беспрекорно, тимот е цврст, храбар и успешен, бидејќи во оваа комедија даваме коментар на денешните случувања кои се врзани не само на локално туку и на глобално ниво. Храбра екипа пред се.

Приватна архива

Имавте некои здравствени проблеми со кои се соочивте и како ги надминавте? Применувавте диета и изгубивте 17 килограми? Што се случуваше и која диета ја применивте?

Тоа е дел од животот. Во тие моменти сфаќате дека сте кршливи и дека треба да промените многу работи. Не сакам да говорам за тоа и нема потреба, бидејќи е минато среќно завршено време. Се изборив како јас само што знам, храбро со поддршка на моите родители, мојот брат и уште неколку вистински другари кои беа со мене за се што ми треба и во секое време, затоа и до ден денес сме заедно и во добро и во зло. Другарството е света работа, со тоа нема играчка. Секој кој си поиграл со другарството, односно го предал другарство погрешил.

Што се однесува до килограмите сега не се минус 17, туку минус 57 килограми. Направив огромна трансформација. После оперативниот зафат еден период мораше да се јаде течна храна. Повеќе супи, пире, помалку зачини и увидов дека почнаа килограмите да се намалуваат и се почувствував убаво. Потоа решив од кога можев да консумирам секаква храна да сам си направам рестрикции. Од менито исфрлив: леб, тестенини, благо, газирани сокови, сувомеснати производи, брза храна…едноставно повеќе салати, супи, ориз, месо во ретки случаи, овошје, зеленчук, свежи сокови, грав, грашок, компот домашен, јајца, компир…Се целосна промена на режимот на исхрана и животниот стил дојдов до резултатот. Сега започнувам да одам на рекреативно пливање и промените ме прават среќен.

Приватна архива

Уживате секој викенд во семејната куќа во селото Теово, дали таму го наоѓате мирот од секојдневието со обврските и што преставува овој твој втор дом за тебе? Како дојдовте до идеја да произведувате органски производи?

Во Теово уживам, таму ми е мирот на душата, таму ми се родителите кои се моја најголема поддршка, а и јас нивна. Нема шанси јас да имам слободен ден, а да не сум таму во моето Теово и заедно со моите родители. Јас уживам таму, се презаситив од ноќни излегувања, гласна музика, гужви …Едноставно ангажмани имам премногу и секој слободен миг сакам да сум во тишина со луѓето кои ме прават среќен. Тој мир, спокој, чист воздух, домашното производство на храна ми ја храни душата, ме прави среќен и спремен ментално и физички за сите настапи со театарските претстави. Што се однесува до производството на домашна храна, ние фамилијарно со децении го правиме тоа, кога некој се смееа на тоа ние велевме, ќе дојде ден ќе барате сами да научите да си имате домашно и тоа и се случи. Таа желба мене ми ја поттикна мојата баба која за жал веќе 15 години не е меѓу нас, но знам дека од горе се радува дека ние продолживме со нејзината традиција, дома да си имате се насадено, какво е , такво е, здраво е. Јас сум горд што заедно со моите родители произведуваме и јадеме здрава домашна храна. Во ова време невреме тоа е привилегија.

Приватна архива

Неодамна имавте премиера на мошне актуелната комедија ,,Премиерот”? Како дојдовте на идејата сам да си ја режирате оваа навистина одлична комедија и какви се импресиите на публиката?

Тоа се случи многу спонтано, бидејќи беше самофинансирачки проект на екипата на Театар Хит. Единствена помош ни беше еден наш пријател кој ни овозможи барем дел од потребните реквизити да се обезбедат. Се вложивме сами. Тука сме многу благодарни на тогашното раководство на Македонскиот народен театар и на оперативно техничкиот персонал од театарот кои помогнаа многу за да направиме една убава политичка комедија. Таа соработка со Македонскиот народен театар продолжува и денес на што сме многу благодарни. ,,Премиерот” е повторно политички театар- комедија. Таму никого не навредуваме, не заземаме ставови, туку даваме коментар – критика. Всушност театарот е тоа, критика- коментар на општеството. Оваа комедија сега е во мирување бидејќи по планот за работа, следуваат изведби и кај нас и во регионот на комедијата ,,Обвинителка” која љубителите на театарот и комедијата ќе можат да ја видат прво во Скопје на 5 – ти Декември, а потоа продуцентите дополнително ќе ги објават термините за закажаните изведби за планираната турнеја која следува во регионот.

Приватна архива

На фестивалот за детски театарски претстави ,,Малиот принц” во Штип ја добивте наградата за најдобар актер за улогите на Озо и волшебникот Бозо во претставата за деца ,,Во домот на Волшебникот“. Дали бевте изненаден и што значи за вас оваа награда?

Искрено бев изненаден, бидејќи наградите на фестивалите некако не ми беа наклонети мене. Признанијата да, но наградите секогаш како ветер да ги дувнувал од мене. Но, за мене најголема награда е публиката. Џабе ви се колекциите на плакети и награди ако публиката ја немате во огромен број во салата и аплаузот од неа. Не се лактам за награди никогаш, кога ќе си дојде време ќе дојде и награда, како што си дојде и оваа. Важно е да ве сака публиката, тоа е вистинска награда. Но, оваа што ја добив за детската претстава ,,Во домот на Волшебникот” особено ми значи и некако ми ја круниса работата со детските претстави и ми даде ветар во грб, но и уште поголема одговорност. Се борам за квалитетна претстава, а не за награда.

Приватна архива

Што би бил кога не би бил актер?

Не знам искрено. Мене моите родители се обидуваа да ми укажат да изберам друга професија, но јас не можев ништо друго да одберам, не се пронаоѓав. Едноставно јас им велев дека сакам да бидам актер. Бев толку упорен во мојот избор што дури имаше и периоди кога некои мислеа дека нема да успеам. Јас успеав и покрај сите маки тешкотии, успеав, бидејќи прво ми ја даде поддршката мојата мајка, па татко ми и ете успеав да ја остварам мојата желба, го остварив мојот детски сон.

Знам дека сакаа добронамерно да ми укажат дека е ова тешка професија, бидејќи целиот работен век го минаа во театарот, но ете без успешно. Така да јас не сум дрво без корен, како што некои мислеа. Јас израснав во театарот и со театарот. Мојот живот е театарот, сцената, публиката…Се чувствувам среќен поради тоа и никој не може да ме спречи да го работам тоа. Тое е мојот детски сон.

Што недостига кај нас за актерите да го имаат заслуженото место во општеството и да имаат достоинствен живот која со право го заслужуваат не само актерите туку сите кои ја претставуваат културата и уметноста во една земја?

Знаете имам чувство дека во последниве години полека се враќа достоинственоста и третманот на актерот кај нас. Се случија важи чекори за подобрување на статутот на актерот во општеството, но мора и треба уште многу работи да се сторат за навистина актерите и сите уметници да го имаа тоа што го заслужуваат. Мора многу влог и поддршка на уметниците, бидејќи тие се амбасадорите на нашата држава. Секој влог кон уметникот, неговите дела, влогот во капиталните инвестиции во културата е поткревање на достоинството на уметникот, но и на државата. Тоа што мене лично ми смета и што ми недостасува е почит кон доајените, кон тие кои биле пред нас во културата, бидејќи имам чувство дека ги заборавивме. Тоа не смее. Исто така мора да се даде ветар во грб на младите уметници, бидејќи тие се иднината.

Сметам дека може да се случи се, но доколку тоа се сака. Потребно е и изнаоѓање на модули и се ќе биде во ред. Секогаш сум гледал оптимистички на работите, но исто така сум знаел и да искритикувам. Но, за жал кога давате аргументирана критика веднаш ве сметаат за непријател, тоа апсолутно мора да се искорени. Мора да се работи уште многу во односот на државата кон уметниците, но и на уметниците кон државата. Искрено се надевам дека ќе продолжи уште побрзо да се работи за да се достигне до нивото кое го заслужува секој актер и уметник во нашето општество.

Приватна архива

Што те прави среќен а што може да те извади од такт во секојдневието?

Порано многу работи можеа да ме извадат од такт, но сега е се поинаку. Едноставно е, ставате такви работи и такви луѓе на игнор и одите по својот пат. После се што поминав во одреден дел од животот, научив дека треба игнорирање на нештата кои ве вадат од такт , трпение и само со цврсти чекори напред. А, среќен ме прават многу нешта: семејството, моите неколку но вистински пријатели, патувањата, подготовка на храна, животните, сцената, претставите и публиката.

Што може да ни најавиш нешто ново кое се подготвува во иднина?

Се подготвувам за многу нови нешта, но тоа ќе го оставам да го соопштам понатаму. Време е за нови нешта кои допрва ќе ја изненадат публиката.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button