Драган Бјелогрлиќ осуден – Судот го прогласи виновен за тепачката во Ниш

Режисерот и актер Драган Бјелогрлиќ конечно ја доби правосилната судска пресуда за нашироко коментираниот инцидент што се случи во август 2021 година во хотелот „Амбасадор“ во Ниш. Вишиот суд во Белград го осуди на шест месеци условна затворска казна, со рок на проверка од две години.
Со новата одлука, судот ги отфрли сите жалби и ја потврди првостепената пресуда, со што случајот доби затворено поглавје по повеќе од четири години судски процеси и постапки.
Инцидентот што ја потресе регионалната филмска сцена се случи на 23 август 2021 година, во раните утрински часови, кога Бјелогрлиќ физички го нападнал неговиот колега, режисерот Предраг Антонијевиќ, удирајќи го повеќепати по главата.
Иако истрагата првично се водеше во Ниш, предметот беше префрлен во Белград поради процесни причини и затоа што сите вмешани — обвинетиот, оштетениот, сведоците и адвокатите — се од белградската област.
Бјелогрлиќ, кој беше обвинет за насилничко однесување, на сослушувањето го признал делото и изразил жалење. Антонијевиќ, пак, за надомест на штета е упатен да покрене парнична постапка.
И двајцата режисери тогаш престојувале во Ниш поради фестивалот „Филмски сусрети“, кој се одржува секоја година и ги собира најголемите имиња од филмската индустрија.




