Интересни новости од домашната пивска сцена
Да, добро прочитавте! И во Македонија постои домашна пивска сцена. Тоа се оние луѓе кои произведуваaт пиво во домашни услови, во кујна, во гаража, креативни секој на свој начин и со многу љубов и почит кон овој древен пијалок. Овие пива не може да ги најдете во продажба зошто се во мали количини, за себе и за своите пријатели, но затоа утре (сабота 03.03.2018 ) во кафебарот Кашмир во Скопје, помеѓу 15 и 18 часот ќе имате ретка и ексклузивна можност да пробате дел од овие мали дела на големите мајстори. Некои се создадени од 100% локални состојки и се еден вид на мал експеримент дека и од тоа што може да се најде на ова поднебје може да се создаде добро пиво.
Десетина производители ќе ги изложат своите пива, секој според своите можности и капацитети, значи во строго ограничени количини. Учесници од Грција, од Србија, од Естонија, од Велес, Куманово, Битола, Скопје, сите здружени заедно ќе ја градиме и негуваме идната нова пивска сцена во Македонија. Ќе има и некои закуски во кои пивото е додадено како состојка, како и некои креации од пивски тапи и други зезалици и прекрасна музика.
Настанот е во организација на порталот САКАМ ПИВО.МК кој се грижи за промоција на пивото и пивската култура во Македонија на едно повисоко ниво, поддржан од конвивиумот СЛОУ ФУД Водно (огранок од мрежата Слоу Фуд Македонија) која се грижи за зачувување на традиционалните вредности и гастрономскиот начин на исхрана во тоа што секој има право на избор на добра здрава традиционална и квалитетна храна од нашето поднебје која преку новиот портал SLOWBEER.МК ќе се грижи за развивање на оваа култура и на нашите простори преку креирање на пиво со состојки од ова поднебје, како и фејсбук групата „ДОМАШНО ПИВАРСТВО МАКЕДОНИЈА“.
*****************************************************************************
Затоа и нашето мото ќе биде ВРЕМЕ Е ДА ПРОБАШ ВИСТИНСКО ДОМАШНО ЗАНАЕТЧИСКО ПИВО, БИДЕЈЌИ ТОА И ГО ЗАСЛУЖУВАШ.
****************************************************************************
Идејата за ваков настан дојде пред се како логичен поглед на настаните кои се случуваат на регионалната пивска сцена, која е во енормна експанзија. До пред неколку години можеа да се избројат само неколку занаетчиски микропиварници, за да денес оваа бројка речиси секојдневно расте. Пивата имаат карактер, и постојат илјадници пивски стилови собрани во еден заеднички каталог од 2015 година објавен во САД, а се користи во цел свет. Бранот на лудилото познат како „крафт/занаетчиско“ пиварство го зафати и целиот Балкан. Затоа се одлучивме и за организација на ваков настан на локално, а во иднина и на регионално ниво. Во иднина, ако се тргне како што треба, желбата е ваков настан да се одржи и во некој соодветен галериски простор кој представува совршен спој на занаетчиското пиварство кое што е поврзано со уметноста – од моментот на креацијата во процесот на производство преку дизајнот на пивата со несекојдневни етикети до нивната промоција. Живееме во време на позитивни промени. Виното и ракијата се дел од нашата традиција и секојдневние, новите генерации се насочуваат кон новите вредности. Да ги поддржиме.
****************************************************************************
Место на настанот
горниот спрат во АРТ КАФЕ КАШМИР СКОПЈЕ
Сабота 03.03.2018 од 15 до 18 часот
Влез: партиципација 200 ден со што добиваш чаша на врата со можност за дегустација на сите изложени пива. Доколку сакаш да пиеш цело шише постои можност да си го купиш секако во договор со сопственикот на пивото.
Homebrewing
Homebrewing подразбира производство на пиво во домашни услови пред се за лична употреба и во некомерцијални цели. На овој начин пивото се произведувало уште во старите времиња и народи пред 9000 години пред да влезе и во комерцијалната продажба. Луѓето кои се определиле за правење на пиво на овој начин го прават тоа од различни причини, а во основа како хоби во кое се дава целосна слобода, креативност и љубов кон финалниот производ.
Во одредени земји каде што оваа култура е развиена на повисоко ниво луѓето се здружуваат во клубови и разни организации, организираат разни натпреварувања, собири. Во некои земји домашното пиварство е легализирано и ограничено, кај нас сеуште е на почетно ниво т.е. на нула.
ВЕ ОЧЕКУВАМЕ СО ДОБРО И ПОЗИТИВНО РАСПОЛОЖЕНИЕ
П.С. доколку доаѓате од Скопје пожелно е да дојдете со вашата омилена такси компанија.