Желатинот е познат по неговиот ефект на затегнување и затоа се користи за поткревање и корекции на образите и подбрадокот во многу салони за убавина.
Ја одржува кожата здрава и ја подмладува и ја подобрува нејзината општа состојба. Што е најважно од се, желатинот ги измазнува брчките, ја омекнува и избелува кожата и ја подобрува циркулацијата на крвта. Поради сите овие позитивни својства на желатинот, тој се користи како основна состојка на крема за подмладување која можете да ја направите сами.
Потребни состојки:
– 1/2 чајна лажичка (говедски) желатин
– 50 мл. вода
– 1 полна супена лажица мед
– 50 мл. аптекарски или растителен глицерин (глицерол)
– ¼ таблета иситнет аспирин од 200 мг
Измешајте ги убаво сите состојки и ставете ги во емајлиран сад. Загревајте го садот на врела водена пареа, 5-7 минути, со постојано мешање, додека не добиете хомогена смеса и потоа тргнете ја на страна да се олади. Додека се лади, матете со маталка или миксер на најслаба брзина за да добиете желатинеста крема. Оставете убаво да се олади и ставете во соодветна кутија (на пример од претходна крема што сте ја потрошиле) и ставете во фрижидер.
За неколку часа во фрижидерот смесата ќе се стврдне и ќе стане желатинеста крема.
Кремата се нанесува секојдневно, навечер, околу 2 часа пред спиење, и се остава да отстои 20 минути. Земете со рака количина која ви е доволна за едно нанесување, малку загрејте со прстите или дланките и нанесете на лицето, вратот и деколтето. По 20 минути избришете ги остатоците од кремата што не се впиле во кожата со хартиено или влажно марамче.
Количината на кремата е доволна за еден месец. Ако не ја потрошите, направете нова, бидејќи не се препорачува да стои подолго од 1 месец. Се чува на горната полица од фрижидерот.
Желатинот може да се искористи и на други начини.
Ленти со желатин за чистење на порите на лицето
Овие ленти со желатин ќе ви бидат од голема помош ако се борите против акни и митесери на лицето. Се меша по 1 голема лажица желатин и млеко, се загрева кратко 10-15 секунди во микробранова печка или на водена пареа, и потоа смесата се нанесува со четка на проблематичните делови од лицето, на пример на носот. Се остава да делува 10-15 минути и потоа лентата се трга со брзо движење. Постапката се повторува 2 пати неделно во текот на 1 месец.
Маска со желатин за избелување на пигментни дамки на лицето
Измешајте 20 гр. желатин со 50 мл. врела вода и додадете 20 мл. сок од лимон. Нанесете ја маската на лицето со памук или памучно крпче и оставете да отстои 15 минути. Измијте со топла вода. За најдобри резултати треба да направите третман од 10 маски, по 2 пати неделно, вкупно 5 недели.
Маска од желатин за лифтинг
Растворете 1 чајна лажичка желатин во 50 мл. топла вода. Додадете 100 гр. овесни снегулки, кои претходно сте ги оставиле да омекнат во топла вода, и половина мала лажичка мед. Нанесете ја маската на исчистено лице и оставете ја да отстои 15-20 минути. Измијте со топла вода. Се прави третман од 10 маски, на секои 2-3 дена.