Режија:David Lynch
Улоги:Nicolas Cage,Laura Dern,Willem Defoe,J.E.Freeman, Diane Ladd, Isabella Rosellinni
Она што за многумина режисери е невозможно за реализација, разработка на американската традиција на прогонети љубовници во бегство, на пат, во стилот на “Bonnie and Clyde”, во комбинација со надреални бизарни ситуации, David Lynch во свој стил перфектно го вклопува во своето остварување „Диви Во Срце“. Филмот ја доби Златната Палма во Кан во 1990 година, во истиот период кога неговиот исто така надреален серијал “Twin Peaks” ги придобиваше своите обожаватели ширум светот.
Sailor (N.Cage) и Lula (L.Dern) како што рековме, се традиционални љубовници во бегство, со оружје во колата, адреналин во глава и оган во препоните. Но тие исто така се и класично Lynch – овски невини патници на жолтиот асфалт, продукти на корумпираниот свет на кои невиноста им е неодминлива карактеристика. Таа е девојка од висока провинциске класа, тој е малолетен деликвент, кој предизвикува привлечност и гнев кај нејзината мајка од како го убива нејзиниот љубовник, а претходно ја лишува и од сексуално задоволство. Двајцата бегаат што подалеку во пустината, каде доаѓаат во контакт со различни карактери, од кои со едниот од нив, Sailor ќе изврши неуспешен грабеж на банка и завршува во затвор.
Иако ја доби главната награда во Кан, филмот сепак беше тешко прифатлив за широката публика. Брендот на Lynch од сореализам со несекојдневни комични ситуации, комбинацијата од секс и насилство ги натера тривијалните критики да дадат коментар: „Lynch си го тера своето“. Но секако, тоа е само масло на огнот на страстите на неговите вистински синеастички љубители, да егзалтираат уште повеќе при конзумацијата и на ова неговото дело. Неговата методична комбинација на детали (музика, костими, шминка, светло) прават атмосфера која обзема и ствара суспенс повеќе од самата сторија на филмот.
Во “Blue Velvet” и “Twin Peaks” ни е разоткриена грдотијата под маската на американскиот сон, во “Wild At Heart”, Lynch не носи во 50 – тите години во Америка кај што тинејџерското бунтовништво води по ѕвездените автопати, далеку од сите авторитети и кон сексуална слобода. На моменти комуницираат со реплики од пониски жанрови, Lula се изразува со:„You move me Sailor, you rock me deepest”, но романтиката добива ѕвездени моменти во сцените како онаа кога Sailor и ја исполнува “Love me tender” на својата љубена.
Ликовите на Sailor и Lula се јавуваат во шест поврзани книги на Barry Gifford ( со кого Lynch го напиша “Lost Highway”), но адаптацијата на David Lynch беше поприлично слободна. Како и да е, Gifford намаше никакви забелешки на тоа ( како што многумина новинарии очекуваа), туку напротив изјави:„Ова е фантастично!“.
Филмов е дефинитивно камен темелник за овој жанр во поновата филмографија и за филмовите на иста тематика кои ќе следат: “True Romance” на Tonny Scott и “Natural Born Killers” на Oliver Stone, а кои приказни ќе ги напише Quentin Tarantino. Можеби овој не е најдобриот филм на David Lynch, но дефинитивно е одисеја која не треба да се испушти.
{youtube}QCQwumNQL9E{/youtube}