Дина Јашари подготвува нов албум, зборуваме за патот до успехот – „многу е тешко, признавам, но потешко е да се живее без да се искористи потенцијалот“
Во периодов Дина е целосно посветена на снимање албум, кој планира да излезе напролет. Во разговорот ни открива дека во албумот ќе има и една соработка со Дуке Бојаџиев и со Пијан Славеј.
На 11-годишна возраст почнала да си снима вокали, најчесто на песни од Хана Монтана. Не очекувала дека само после неколку години ќе си купи Cubase Pro, звучна карта и микрофон и ќе си ги продуцира песните сама, во таа иста соба во Ченто.
Деби-албумот „Дома“ го издаде во 2021 година, а со истоимената песна која се најде на албумот ја освои наградата „Милан Младеновиќ“ за 2022 година, за најдобра песна во регионот. Оттогаш како сите одеднаш да слушнаа за Дина Јашари. Денес пак, добро се знае која е Дина. И таа знае како спокојно да ѝ одговори на гласноста, на популарноста. Убаво ѝ стои, вака како што ја носи, облечена во пријатност и скромност.
А за тоа како стасала како млада уметница до успехот, вели – „многу е тешко, признавам, но потешко е да се живее без да се искористи потенцијалот што го има секој од нас“.
Здраво Дина, како си, на што си посветена во овој период?
– Периодов сум целосно посветена на снимање албум, креативен процес кој трае веќе подолго време, ми требаше некој период да не настапувам за да можам да го завршам и да го пуштам на слобода.
Соработувам со повеќе луѓе, секоја песна си има своја приказна и различни луѓе вклучени во процесот. Со Лука Тошев снимаме гитари, Драган Теодосиев тапани, Андреа Мирческа бас, со Димитрије Марковиќ (Dimmlak) заедно продуцираме една песна, со Ивица Јанкуловски (Алшар Студио) снимаме неколку песни, Драги Иванов микс на повеќето песни и продуцент на една.
Во албумот ќе има и една соработка со Дуке Бојаџиев и Пијан Славеј. Толку откривам сега за сега.
Минатата година „изгази“ со повеќе концерти низ регионот, задоволна си од резултатите во 2024, од што си најзадоволна?
– Дел од одговорот го дадов предмалку, многу сум среќна што минатата година имавме неколку успешни мини турнеи, морам да признаам омилени ми беа концертите на хрватските острови – Ластово, Мљет, Хвар и Зларин.
А што недостигаше што годинава сакаш да го „доиспеглаш“ или да го дополниш?
– Нова музика има, тоа што недостасува е да се заврши и објави.
Која е разликата на настапите во странство со настапите дома, дали исто се прима енергијата? Чувствуваш ли јазична бариера?
– Понекогаш се чувствува јазичната бариера, но луѓе што сакаат добра музика не ги спречува да ја разберат и да уживаат во неа.
Среќна сум што каде и да одам има одбрана публика, а меѓу омилените моменти ми беа кога ги слушав луѓето како ги пеат моите песни како во хор на настапите во Охрид и во Скопје минатата година.
Сама ги пишуваш текстовите и музиката, какво чувство сакаш да пренесеш и кому се обраќаш? На што мислиш кога создаваш?
– Најчесто создавам за да се ослободам од мисли што тежат, како соочување со ситуации што ги носи животот. Кога го изгубив татко ми, мислам дека единствена работа што ми делуваше како терапија ми беше правењето музика, и сѐ уште е така, и веројатно ќе биде.
Кога сум среќна пишувам и за тоа што ме прави среќна, а некогаш и намерно се терам да размислувам за што сум благодарна и го претворам во песна. Во некои песни зборувам за личности во мојот живот, во некои за тоа како јас го доживувам животот, за убавите, но и за тажните, лошите, помалку убавите работи што ги гледам околу мене.
Музичкото образование го доизгради на Факултетот за музичка уметност во Скопје, колку дипломите денес им ги отвораат вратите на младите уметници?
– Моите омилени музичари се без диплома, ха-ха, можеби тоа кажува нешто. Шала на страна, убаво е да се искористат сите алатки на располагање за човек да се доизгради и да напредува во тоа што го сака.
Насоката џез и популарни жанрови на ФМУ мене лично многу ми помогна да си го најдам гласот, буквално. Знаењето што го стекнав и луѓето што ги запознав допринесоа мојата авторска музика да биде на повисоко ниво.
Што е потребно во Македонија, според тебе, еден млад уметник да стане препознатлив, да успее?
Како и во било која држава, да биде упорен, доследен, бескомпромисен и оригинален во својата работа. Многу е тешко, признавам, но потешко е да се живее без да се искористи потенцијалот што го има секој од нас.
Има ли уметнички или конкретно музички гени во твоето семејство? Со каква музика си израснала? Со каков сон, желба за професија?
– Некако отсекогаш знаев дека ќе се занимавам со музика. Среќна сум што моите родители ненаметливо ме опкружиле со квалитетна музика и алатки да можам да ја истражувам. Најмногу памтам дека се слушаа Битлси, а една од омилените песни од детството ми беше „Stayin Alive – Bee Gees“.
Татко ми свиреше гитара, и тоа како левак, самоук. Иако и јас сум левак, одлучив да си олеснам за понатаму во животот и научив да свирам мандола во мандолински оркестар, како деснак.
Покрај тоа што учев да свирам акустична гитара по дома, памтам дека некој ми инсталираше Cubase 5 (софтвер за правење музика) на компјутерот и на мои 11 години првпат си снимав вокали, најчесто на песни од Хана Монтана. На тие години само ми беше забавно да имам хоби, не очекував дека после неколку години ќе купам Cubase Pro, звучна карта и микрофон и ќе си ги продуцирам песните сама во таа иста соба во Ченто.
Неодамна беше дел од рекламната кампања #скрозјас, лансирана од dm Македонија. Зошто ни се неопходни вакви кампањи, и што е тоа што тебе те прави скроз ти?
– Ми се допаѓа што кампањата нагласува и порачува да си ги прифатиме недостатоците и да не ги претвораме во комплекси. Сите имаме борби и потешкотии во животот, треба да најдеме начин да ги прифатиме и користиме за да направиме нешто добро од нив, а јас успевам да го правам тоа преку музика.
Што си посакуваш во новава година на професионален и на приватен план?
– Конечно да го завршам и објавам албумот на пролет, концерти, турнеи и сѐ слично што доаѓа со тоа. Лично да не прегорам и да знам кога да запрам со работа, да бидам малку побрза во враќање на мејлови и да кревам на телефон ха-ха. Има уште многу, ама нека останат овие сега за сега.