Момчето кое музичката кариера ја започна пред 15 години во музичкото талент шоу М2, сега веќе успешен пејач, но и посветен сопруг и татко. Од еден поинаков агол за тоа како е да се искомбинира родителството, татковството и семејството, но сепак да се остане успешен и во кариерата зборуваме со Димитар Андоновски.
Како еден пејач се навикнува на татковството? Како ти поминува првата година од добивањето син?
Татковството е едноставно најубавата улога која може да му се случи на еден маж. На почетокот кога Михаил пристигна дома ми беше сосема необично и чудно, но од ден на ден се повеќе и повеќе навлегував во улогата на татко. Како што расте Михаил така расте и нашата поврзаност.
Првата година ни помина неосетно и брзо. Година во која научивме многу нови работи, година која имаше многу непроспиени ноќи, година која ги промени нашите животи. Првата година од добивањето на мојот син првенец ни донесе мили и прекрасни моменти кои ќе ни останат врежани во срцето засекогаш.
Колку се снаоѓаш во улогата на татко? Кои задолженија околу синот ти одат најдобро?
Да не изгледа дека се фалам, но фала му на Бога добро се снаоѓам. Михаил е мирно дете и знае да слуша. Двајцата сме поврзани и навистина уживам во оваа животна улога со мојот син. Во оваа прва година и немав некои големи задолженија, бидејќи повеќе е зависен од мама. Но, како што расте, растат и моите задолженија околу него ?.
Како поминувате еден викенд?
Викендот е работно време за мене. Но, секако и покрај работните обврски, свирките, музичките задолженија, се наоѓа време и за моето семејство. Викендите претежно ни се испланирани за одење во парк, на чист воздух во природа или на гости во Прилеп. А, во Недела имаме семеен ритуал обавезно да одиме на неделна црковна служба, како би ги исполниле една од нашите христијански обврски.
Како изгледаше вашата прва средба со бебето?
Првата средба со мојот син беше исполнета со силни емоции на среќа и благодет. Детето е најголем благослов од Бога. Чувството од тој ден го носам сеуште со мене.
Покрај бројните професионални и семејни обврски, колку останува време за спортување или некое хоби?
Со оглед на моите професионални ангажмани навистина ретко и тешко останува време за било какви активности.Но, гледам да најдам време за рекреирање, прошетки и опуштање бидејќи навистина е потребно.
Колку е сменет Димитар откако ја има улогата на сопруг и татко?
Новите улоги и обврски во животот ме променија на подобро. Среќен сум и уживам во секој момент. Благодарен сум на Господ што семејството ми е живо и здраво.
Што е она што следно може да го очекуваме на професионален план?
На професионален план продолжува соработката со Тајфата, закажани се однапред бројни настапи и свирки ширум Македонија, а во тек е и издавање на нова музичка тема.
Исто така можам да се пофалам со нов проект во театар. Работам на музиката за театарската претстава “Пиреј” во Прилепскиот театар “Војдан Џернодрински” во режија на Љупчо Ѓорѓиевски. Освен тоа работам и на музика за Велигденски видео запис кој го изработува “Бигорскиот манастир”.
Фото: Фејсбук/ приватна архива