Многу луѓе имаат потреба да започнат некоја диета не само поради вишокот килограми туку и поради чувството на надуеност, отоци и поради тоа што се чувствуваат тешко и нелагодно.
Диетите за детоксикација се наменети токму за решавање на ваквите проблеми. Со нив ќе изгубите неколку килограми, но најважно од се – ќе го прочистите телото од наталожените отрови и ќе се чувствувате многу поубаво и полесно.
Ако се чувствувате подуено, тешко и тромаво, и ако сте отечени и забавени, тогаш многу добро ќе ви дојде да спроведете една диета за прочистување на организмот. Поради начинот на живот и нередовната и неправилна исхрана многу луѓе се соочуваат со различни проблеми, немаат редовна столица, имаат замастена јетра, бубрезите работат со помал капацитет поради тоа што не се внесуваат доволно течности, цревата стануваат мрзливи поради простите шеќери и масти што се внесуваат…
Диетите за детоксикација вклучуваат голема количина на вода, влакна, минерали и витамини. Се препорачува целосно да се откажете од преработената храна и да се задржите само на овошје, зеленчук и многу течности, вклучувајќи и зелен чај. Користете само житарки со цело зрно, а од млечните производи доволно ќе бидат само пробиотски јогурти. Влакната од овошјето и зеленчукот ќе ја забрзаат работата на цревата кои поради големата количина на течности брзо и лесно ќе се празнат, бубрезите ќе се разработат и ќе го исфрлат вишокот вода, а јетрата ќе се одмори бидејќи нема да мора да преработува индустриска храна.
Постојат различни програми за детоксикација, а ние овде ќе ви предложиме една полесна варијанта која трае три дена и се заснова на свежо овошје и зеленчук и мала количина протеини. Со диетата за детоксикација можете да се ослободите од неверојатни четири килограми за само три дена, да го прочистите организмот и да ја подобрите општата здравствена состојба.
Нема да ви треба многу време за подготвување на храната бидејќи скоро и да нема готвење, што значи дека оваа диета можете да ја држите и кога по цел ден имате обврски, на работа сте, или на факултет.
Станува збор за ниско калорична диета, бидејќи дневно се внесува само 900-1.000 калории. Првиот ден, на секои два часа од утро до пладне се пие протеински шејк, а веднаш потоа вода. За вечера се јаде зеленчук и мала количина протеини. Следните два дена, на секои два часа од утро до пладне се јаде свежо овошје, а вечерата се состои од свеж зеленчук и мала количина протеини, или пак протеински шејк.
Порциите овошје се ограничени на приближно 100 калории, а дозволената количина протеини првиот ден изнесува околу 100-150 гр., а во наредните два дена околу 80 гр. Храната вклучена во оваа диета содржи малку калории, а многу хранливи материи. Во текот на диетата не е дозволено да се пие кафе, алкохол, млеко и млечни производи, чаеви и сокови. Поволно е тоа што диетата трае само три дена, така што нема да ви биде многу тешко да се воздржите.
Овошјето и зеленчукот ќе ви помогнат да го прочистите организмот од штетните материи наталожени поради исхраната заснована на преработки, адитиви, алкохол, брза храна и сл. Водата и овошјето ќе го раздвижат системот за варење, а редовните оброци на два часа ќе го забрзаат метаболизмот и со тоа и губењето на килограмите.
Протеинските намирници вклучени во диетата имаат многу важна улога во топењето на масните наслаги а воедно ги одржуваат мускулите. Со три дена на оваа диета вашиот организам ќе почне брзо да ги топи масните наслаги, посебно во пределот на стомакот, при што мускулната маса не се смалува. Поради малиот внес на калории не се препорачува никаква физичка активност во текот на диетата, бидејќи може да дојде до контра ефект па организмот да почне да ги топи мускулите.
Иако имаат многу позитивни ефекти на здравјето не се препорачува диетите за детоксикација да се држат повеќе од 3-4 пати месечно, и тоа со паузи. Според тоа, ако сакате да ослабите повеќе од четири килограми, направете пауза од најмалку пет дена пред повторно да ја спроведете оваа диета. За да ја задржите линијата, кога не сте на диета не треба да претерувате, туку да имате урамнотежена исхрана заснована првенствено на овошје, зеленчук, посно месо и риба, со смален внес на шеќери, јаглени хидрати и масти.
ПЛАН ЗА ИСХРАНА Ден 1 Од 8 до 16 часот на секои два часа треба да се испие 180 мл. протеински шејк, а веднаш потоа 250-350 мл. вода Вечера: 3-6 шолји салата од свеж зеленчук, зачинета со 1-2 лажички маслиново масло или ленено масло, 100-150 гр. посно месо или риба (варено или печено без масло) или варени белки од јајца. Ден 2 и 3 Од 8 до 16 часот на секои два часа треба да се изеде порција свежо овошје, околу 100 калории, а веднаш потоа да се испие 250-350 мл. вода Вечера: 3-6 шолји салата од свеж зеленчук, зачинета со 1-2 лажички маслиново масло или ленено масло, 180 мл. протеински шејк, 80 гр. посно месо или риба (варено или печено без масло) или варени белки од јајца. Првиот ден од диетата се пие исклучително протеински шејк кој треба да го поттикне топењето на масните наслаги. Овој напиток претставува замена за оброк, може да се купи во аптеки или подобро снабдени супермаркети, а го има во повеќе видови и различни вкусови. Внимателно прочитајте го составот бидејќи шејкот кој се користи за оваа диета не треба да содржи млечни протеини (казеин, калциум казеинат и натриум казеинат), вештачки засладувачи (аспартам, калциум ацесулфам и сукралоз), бел или кафеав шеќер, фруктоза, како ни вештачки бои и ароми. |