Ослабете 4 кг за 5 дена без последици по здравјето!
Доколку сакате брзо да го прочистите организмот, да изгубите неколку килограми, а притоа да ја подобрите функцијата на органите за варење и на јетрата треба да ја пробате диетата со шејк од интегрален ориз. Ова е одлична диета за сите што сакаат брзо да изгубат неколку килограми пред некој важен настан, летување и сл. без последици по здравјето. Основата на диетата претставува шејк од интегрален ориз кој се подготвува брзо и лесно и не чини многу пари. Со оваа диета брзо и ефикасно ќе се ослободите од неколку килограми, ќе го прочистите организмот и ќе добиете чиста и сјајна кожа.
Главната состојка на диетата со шејк од интегрален ориз, како што кажува и самото име, е интегралниот ориз кој се конзумира во форма на оризово млеко, кое се комбинира со други намирници, главно овошје и зеленчук. Ваквите комбинации претставуваат лесно сварлив оброк, кој сепак заситува и го снабдува организмот со сите неопходни хранливи материи.
Диетата се држи 5 дена и во овој период може да се загубат до 4 кг. без гладување. Потоа се прави пауза од 5 дена, по кои може пак да се повтори диетата. Во периодот помеѓу два циклуса на диетата треба да се јаде умерено, во помали оброци, да се избегнува шеќер и мрсна храна, бидејќи по 5 дена на оваа диета организмот се прочистува и потоа не е спремен да обработи прости шеќери и масти во количините во кои претходно сте ги внесувале, па може да дојде до реакција во форма на мачини, дијареа и т.н.
План за исхрана
Оброците се исти за сите 5 дена на диетата. Секој ден мора да се конзумираат 4 шејка, по ваш избор дали ќе бидат овошни, зеленчукови или во основната форма. Сепак, секој ден мора да се конзумира барем еден зеленчуков шејк.
Овошните/ зеленчуковите шејкови мора да се пијат веднаш по подготовката, додека основниот може да стои 8 часа во соодветен сад (термос). Ова е посебно згодно за вработените кои можат да го понесат на работа и да го пијат кога ќе почувствуваат глад.
Количината која треба да се испие не е точно определена и треба сами да ја утврдите во зависност од вашите претходни прехрамбени навики, тежината и чувството на глад.
Шејкот треба да биде пријатно топол кога се пие, никако ладен, така што ако користите замрзнато овошје за неговата подготовка, треба претходно да го оставите да се размрзне.
Распоред на шејкови за еден ден
Утрински шејк (во периодот 7 – 9 часот) Шејк од овошје
Направете шејк од 0,5 л. оризово млеко и 80 гр. од едно од следниве овошја (свежо или замрзанато): јагоди, капини, малини, вишни, цреши.
Пладневен шејк (се конзумира во периодот 12 – 14 часот) Шејк од зеленчук
Се подготвува на истиот начин како и овошниот шејк само што се користи 80 гр. зеленчук по избор: парени цветови од брокула, парен прокељ, парени моркови, парена блитва или парен спанаќ. Доколку се определите за парена блитва или спанаќ задолжително додадете сок од четвртина лимон за да се неутрализира оксалната киселина што ја содржат.
Попладневен шејк (во периодот 16 – 18 часот) Шејк од зеленчук
Исто како и за ручек со тоа што можете да додадете во изборот на зеленчук и домат или 100 мл. пасирани домати.
Вечерен шејк (во периодот 19 – 21 часот): Шејк од оризово млеко и банана
Важно: на оваа диета никогаш не треба да бидете гладни. Доколку почувствувате глад – тука е основниот шејк кој може да се пие во неограничени количини.
Како да направите млеко од интегрален ориз?
Потребно: 1 чаша интегрален ориз, 20 чаши вода.
Оризот се чисти и мие и се пропржува на сува тава додека не добие златно-кафеава боја. Постојано промешувајте со дрвена лажица за да не загори. Потоа ставете го во соодветен длабок лонец, додајте ја водата и на врвот на ножот сол. Се вари два часа и потоа се процедува низ газа. Добивте оризово млеко кое претставува основа за сите шејкови. Доколку при подготовката на оризовото млеко користите експрес лонец, намалете ја должината на варење на еден час, а количината на вода на 10 чаши. Вака подготвеното млеко може да стои 3 дена во фрижидер.
Основен шејк
Ставете половина литар млеко во блендер, додадете лажичка јачменов слад или мед и блендирајте околу една минута или додека не стане пенливо. Наместо слад или мед можете да ставите третина лажичка цимет или пак ванила во прав.
Шејк со овошје/ зеленчук
Постапката е слична како и за основниот шејк, со следниве додатни напомени:
· количината на овошје/ зеленчук е максимално 1/6 од количината на млеко, односно на половина литар млеко можете да ставите најмногу 80 гр. овошје/ зеленчук
· ако шејкот е премногу густ, можете да додадете вода, но не повеќе од 2 дл.
· шејкот треба да биде пенлив и да нема делови овошје/зеленчук во него
· шејкот треба да биде вкусен, затоа слободно зачинете го со сол, бибер, и ароматични билки. Избегнувајте готови подобрувачи на вкусот!