Многумина се откажуваат од самата помисла да започнат некоја диета, посебно кога ќе видат дека диетата трае на пример две недели или пак во полош случај, три месеци, бидејќи за целото тоа време ќе мораат да се лишат од омилената храна.
Што е најинтересно од се, кога сте на диета некако сте опседнати со храната, па најчесто ви се јаде нешто што не смеете да јадете и едвај чекате да заврши диетата па да се почестите. И не ретко се случува копнеејќи по одредена храна да ја прекршиме диетата, па потоа да се каеме и да се прекоруваме што не сме одолеале на искушенијата. Одлично решение за ваквите проблеми нуди експертката за диети Хелен Фостер. Диетата што ја осмисли таа вели дека пет дена треба да се придржувате на диетата и да внимавате што јадете, додека за време на викендот можете да се опуштите и да се почестите со вашата омилена храна.
Значи, пет дена во текот на неделата се придржувате на нискокалорична диета која го поттикнува метаболизмот и вежбате, а за време на викендот можете да направите пауза, да се одморите и да јадете што сакате. Звучи примамливо, нели?
Во текот на диетата треба да се придржувате на следниве едноставни правила:
Во текот на работната недела, од понеделник до петок, треба да јадете најмалку 5 оброци дневно. Најдобро е да имате 3 нискокалорични главни оброци и 2 ужинки. На овој начин ќе го поттикнете метаболизмот и топењето на масните наслаги и ќе го забрзате согорувањето на калориите. Планирајте однапред што ќе јадете и обрнете внимание главните оброци да имаат по околу 400 калории, а ужините 100 калории.
При изборот на храната, бирајте намирници кои го поттикнуваат метаболизмот и го забрзуваат согорувањето на калориите како лути пиперчиња, цитрони, млечни производи со ниска масленост, немрсно месо како риба, пилешко, мисиркино месо и немрсно црвено месо, јаткасти плодови, соја, круши, сушено овошје, зелен чај и сл.
Пијте барем 2 литра вода на ден. Водата многу помага во слабеењето. Според истражувањата на Универзитетот Хумболт во Берлин, само 40 минути откако ќе испиеме чаша вода, согорувањето на калориите во телото се зголемува за дури 30%. Значи, ако не внесувате доволно вода вашиот метаболизам ќе се успори.
Вежбањето е клучен фактор за успешност на диетата, бидејќи помага да се согорат калориите и да се забрза метаболизмот. Не мора да се зафатите со никакви напорни вежби, доволно е на пример да пешачите и да вежбате само десетина минути дневно.
Во текот на викендот можете да се одморите од диетата и да уживате во храната што ја сакате. Вашата цел е за време на викендот да ја одржите тежината која сте ја постигнале во текот на неделата. Затоа не треба да се прејадувате и треба да јадете само кога сте гладни. Можете да јадете пица за вечера на пример, но само ако сте навистина гладни. Многу луѓе посегнуваат по храна не од глад, туку поради емоционални потреби. Ова треба да го избегнувате. И за време на викендот треба да ја задржите шемата од 3 главни оброци и 2 меѓуоброци. Потребни се околу 20 минути за пораката дека сте сити да стигне до мозокот и затоа внимавајте на знаците – ако храната веќе не ви е толку вкусна, доволно сте се најале. Исто така, внимавајте на големината на порциите и задржете се во нормалата, немојте да претерувате. Јадете ја храната што навистина сакате да ја јадете, но сепак внимателно – ако ви се јаде плескавица, јадете плескавица, но на пример со салата, а не со голема порција на пржени компири, леб и мајонез! Ако сакате колбаси, не значи автоматски дека со нив треба да јадете и пржени јајца, туку исто така можете да земете салата и парче интегрален леб. Не внесувајте непотребни калории со преливи за салати, кечап, мајонез, шеќер, газирани сокови и сл., туку напротив – постојано трудете се да скратите од секаде од каде што може да се скрати. Овошјето и зеленчукот треба да ви бидат прв избор. Слободниот викенд можете да го искористите за активности кои ќе ви помогнат во планот за слабеење. Можете да прошетате во природа со семејството или пријателите, да возите велосипед, да пливате или да танцувате во дискотека! Доволно е да вежбате само 30 минути секој ден во текот на викендот за да ја одржите тежината без разлика што ќе јадете во тие денови.