Џорџо Армани во последното интервју ја отвори душата – за што најмногу жалеше во животот и каде отиде неговото огромно богатство
Богатството на Армани се проценуваше на повеќе од 12,1 милијарди долари, а неговата модна куќа годишно остваруваше приходи од околу 2,7 милијарди долари. Еве каде отиде цело тоа наследство.

Светот на модата остана без еден од своите најголеми визионери, Џорџо Армани, кој почина на 91-годишна возраст. Дизајнерот, чиј стил и минимализам го променија лицето на глобалната модна индустрија, само неколку дена пред смртта за „Фајненшл Тајмс“ зборуваше за својата кариера, за приватните жртви што ги поднел и за единствената работа поради која жали.
Армани искрено призна дека најголемата тага во неговиот живот било времето кое не успеал да го помине со оние што ги сакал:
„Не сум се сметал за рaботохоличар, но работата ме водеше и ме исполнуваше. Денес жалам што премногу се посветив на неа, а премалку на семејството и пријателите,“ изјави дизајнерот, додавајќи дека тоа е цената која ја платил за успехот.
Каде заврши неговото богатство
Богатството на Армани се проценуваше на повеќе од 12,1 милијарди долари, а неговата модна куќа годишно остваруваше приходи од околу 2,7 милијарди долари.

За да ја обезбеди иднината на својата империја, уште во 2016 година создаде јасен статут за наследување.
Според тој план, контролата и друштвениот капитал на компанијата ќе останат во рацете на луѓето што му биле најблиски: неговата сестра Росана, нејзините две ќерки, неговиот внук, како и долгогодишниот соработник и пријател Лео Дел’Орко. Тие веќе беа дел од управувањето со компанијата и членови на управниот одбор, што ја гарантира стабилноста на модната куќа „Армани“.
Дополнително, дел од богатството ќе биде насочено кон хуманитарната фондација Армани, која со години вложува во здравство, образование и културни проекти низ светот. Со оваа комбинација на семејно наследство и општествена одговорност, дизајнерот се погрижи неговото име да продолжи да живее и по неговата смрт.
Чувство на осаменост
Иако целиот свет го гледаше како симбол на стил, Армани зад сцената често зборуваше за човечката страна на успехот. Во едно интервју од 2020 година за „Гардијан“ тој призна:
„Ме плаши чувството на осаменост. Ако би можел повторно да го проживеам животот, повеќе време би посветил на блиските.“
Тој ретко зборуваше за приватниот живот, но повеќепати истакнуваше дека модата за него не е само бизнис, туку начин да ја изрази својата потреба за ред, хармонија и убавина.
Сепак, цената на таа посветеност беше токму личната празнина – помалку време за приватни радости и повеќе часови посветени на креации што ја воодушевуваа публиката низ целиот свет.

Вистински аманет
Со смртта на Армани завршува една ера, но неговото наследство ќе продолжи да живее не само во модата туку и во културното сеќавање на светот.
Од првата колекција до глобалната експанзија што вклучуваше облека, парфеми, мебел, козметика, па дури и чоколади и цвеќиња, Армани успеа да создаде цел универзум на стил.
Она што зад себе го остави не е само империја вредна милијарди, туку и лекција: дека големиот успех носи и големи жртви, а времето поминато со најблиските останува нешто што не може да се надомести.