ДЕТСКИ РАЦИНОВИ СРЕДБИ – започнуваат со историски час во првото училиште на Рацин и „Бдеење пред мугрите“
Од 12 до 14 ноември во Велес.

Од 12 до 14 ноември Велес го отвора срцето ширини – широко за Рациновите наследници. 58 пат во Велес се одржуваат Детските Рацинови средби во чест на Бесмртниот, Црвен поет, Коста Апостолов Солев Рацин, најмасовната, најубавата, најкреативната, културна манифестација за учениците од основните и средните училишта.

Манифестацијата со најдолга традиција и континуитет има меѓународен карактер и истата е поддржана од Министерството за култура и туризам, како проект од национален интерес.
Со историски час во првото училиште на Рацин и „Бдеење пред мугрите“ како симболична најава на белите мугри и силно светнатиот ден и поворка во предвечерието, учениците од основните и средните училишта ќе го најават официјалниот почеток на 58.Детски Рацинови средби и празничните денови во чест на Рацин.
Во рамките на Програмата на 58. Детски Рацинови средби ќе бидат реализирани повеќе активности кои вклучуваат голем број на учесници: ученици, наставници, автори, издавачи, уметници, грнчари, актери и др.
По повод 58. Детски Рацинови средби беше распишан меѓународен поетски конкурс, ликовен конкурс, конкурс за крупна ликовно-литературна изработка и конкурс за ИКТ проекти, на тема: „Кога денот од стих се раѓа“. Се одржува и натпревар во ораторство и рецитаторски натпревар.
Детските Рацинови средби ќе завршат со свечено доделување на наградите на најдобрите учесници кои учествуваа на конкурсот.




