Денес е „Светол вторник“ – најсреќниот ден во годината, еве зошто
Овој вторник се смета за најубавиот вторник во годината и поради верувањето дека браковите склучени на овој ден носат среќа и плодност.

Верниците денес го слават третиот ден од Велигден, односно Велигденски вторник, а меѓу народот е познат како „Светол вторник“ и се верува дека токму овој вторник е најсреќниот ден во целата година.
Се смета дека семејствата во кои токму денес се раѓа дете се особено радосни, а новороденчето ќе има долг и со радости исполнет живот.
Advertisement
Овој вторник се смета за најубавиот вторник во годината и поради верувањето дека браковите склучени на овој ден носат среќа и плодност.
На овој ден се препорачува да се приреди богата трпеза, семејно и пријателско собирање со роднини, кумови, соседи и пријатели, а домаќините честопати ги пречекуваат и роднините од далеку.
Слично како за Божиќ, и на овој ден е пожелно да се започне нешто ново – но никако тежок домашен труд. Се смета дека не треба да се перат алишта, да се шие или крпи облека.
За оние што ги инспирира убавото априлско време да патуваат, постои убаво верување поврзано со „Светол вторник“ – дека е добро да се отпатува некаде и дека секоја желба искажана на патот ќе се исполни.
Овој посебен вторник е дел од т.н. „Томина недела“ која завршува со денот посветен токму на апостолот Тома.
Исто така, се нарекува и „воден“, бидејќи е дел од „водената недела“, кога се верува дека е добро да се оди до река или поток, па дури и да се испрска човек со вода – за која се смета дека ги брка лошите духови и демоните.
Народот вели – ако вечерва небото биде ведро и полно со ѕвезди, нè очекува особено плодна и бериќетна година.
Сите велигденски денови, вклучително и овој вторник, се многу значајни за христијаните, бидејќи се слави победата на животот над смртта, но и се потенцира верата која е незаменлива.