Денес е ден на светецот кој преживеал во пламен – моќна молитва за сите преживеани од пожарот
Чудото за кое се зборувало и на Првиот вселенски собор.

Македонската православна црква денес ги празнува Светите седум свештеномаченици Херсонски: Василиј, Јефрем, Евгениј, Елпидиј, Агатодор, Етериј и Капитон.
Сите тие биле епископи во Херсон во различни времиња и сите пострадале од неверниците (само Етериј починал мирно) – било од Евреите, Грците или Скитите. Сите овие светители пострадале во IV век.
„Сите тие заминале во тие диви краишта како мисионери, испратени од ерусалимскиот патријарх, за да ја шират светлината на Евангелието. Сите биле мачени и настрадале за својот Господ“, пишува во житијата.
Василиј го воскреснал синот на еден кнез во Херсон, што ги налутило Евреите, па го обвиниле. Бил врзан за нозете и влечен низ градските улици сè додека не се упокоил. Јефрем бил убиен со меч.
Евгениј, Елпидиј и Агатодор биле тепани со стапови и камења „сè додека душите свои не ги предале на Бога“.
Етериј живеел во времето на Константин Велики, па во слобода и мир ја водел Црквата, изградил голем храм во Херсон и мирно се упокоил.

Чудото на светецот кој преживеал пламен
Кога последниот од нив, Капитон, бил поставен за епископ, Скитите од него побарале знак за да поверуваат.
Му предложиле сам да влезе во огнена печка, и ако не изгори, тие сите ќе поверуваат во Христа. Со молитва и надеж во Бога, Капитон го ставил на себе архиерејскиот омофор, се прекрстил и влегол во разгорената печка „држејќи го срцето и мислите свои воздигнати кон Бога“.
„И останал во пламенот околу еден час, и без никаква повреда, ни на телото, ни на облеката, излегол здрав. Тогаш сите извикале: Еден е Бог, христијанскиот Бог, голем и силен, кој го сочува својот служител во огнената печка!“
По ова чудо, целиот град се покрстил, како и народот што живеел во околината. За ова чудо многу се зборувало на Првиот вселенски собор во Никеја.
Сепак, нешто подоцна, незнабожечките Скити го фатиле Капитон на некој пат и го удавиле во реката Днепар.

На што се заштитници Светите седум свештеномаченици Херсонски
Овие светители се заштитници на:
Луѓе во опасност – особено оние кои се соочуваат со физички и духовни искушенија.
На пожарникарите и луѓето кои работат со оган или се изложени (биле изложени) на оган – поради чудото на Свети Капитон, кој преживеал во разгорена печка.
Патници и мисионери – бидејќи самите биле испратени во далечни земји за да ја шират верата.

Молитва кон Свети Капитон – заштитник од оган и закрилник на преживеаните од пожари
О, свети и славен Христов мачениче,
Свети Капитоне, кој со вера чекореше во пламенот
и со силата на Бога остана неповреден,
моли се за нас, грешните, заштити ги домовите наши
и спаси ги душите наши од огнени искушенија!
Ти, кој ги запечати срцата на неверниците со чудото свое,
стори и ние да го чуваме пламенот на верата во себе.
Закрили ги, Господи, сите што страдаа во пожар,
дај им утеха и сила да продолжат по Твојот пат.
Чувај ги домовите наши, заштити ги нашите најблиски
и не дозволувај огнот да ни ја изгори душата!
Ти, кој го победи пламенот,
биди наша заштита од видливи и невидливи пожари,
и упати ги молитвите наши пред престолот на Семоќниот.
Амин!