Водена од мотото „Минато, сегашност, иднина – Секогаш е време за мода“, новата сезона на Моден Викенд Скопје ќе се одржи од 1 – ви до 9 – ти април.
Седмото издание, пролет / лето 2013, ќе стави акцент на модата како неизбежен дел од секојдневието кој се провлекува во секоја секунда од човековото постоење. Во рамките на седмата сезона ќе бидат претставени повеќе од 20 модни дизајнери.
Оваа сезона „Моден Викенд Скопје“, покрај модните ревии и изложби, ќе организира и проект „Ретроспектива на модата во Македонија 1983 – 2013“, поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, со кој ќе се долови процесот на создавање на колекции кои не познаваат граници. Една ретроспектива која ќе Ве врати назад во времето, ќе го поврзе тоа што било со тоа што се создава денес и ќе се погледне напред во тоа што не очекува понатаму.
Исто така се реализира и конкурс организиран од Амбасадата на Соединетите Американски Држави – Скопје и Модниот викенд Скопје (FWSK) на тема „ПОП! Мода“. На победниците на конкурсот ќе им биде овозможено да ги презентираат своите дизајнерски идеи на модната вечер, што ќе се оддржи во Амбасадата на САД. Проектот е поддржан од страна на Текстилната Трговска Асоцијација на Македонија – Текстилен Кластер и неговите членки.
Изминатата недела беа реализирани фотосесии за кампањата и за каталогот за новата сезона на Моден Викенд Скопје – пролет/лето 2013, со кои FWSK тимот го одбележа започнувањето на претстојното издание. Како заштитни лица на новата кампања се појавуваат три модели, кои претставуваат три различни генерации: Ирина Илиевска, Ивана Гелева и Јорданка Михајловиќ.
За реализацијата на изгледот на кампањата се погрижија: Зоран Шурбевски (шминка), Студио Cool Cut (фризура) и Горан Сиџимовски (стајлинг), а за каталогот: Небојша Пешевски (шминка) и Бубе Ин (фризура). ЗА ФОТОГРАФИЈАТА СЕ ОДГОВОРНИ АНИ И ДИМИ.
Официјален партнер за убавина и шминка и оваа сезона се Космо дрогерии во соработка со Менхетн, за фризура – Rolland Group, а официјална модна агенција е ПОДИУМ. Моден Викенд Скопје ја продолжува соработката со AVON, кој повторно се појавува како официјален парфем.
www.fashionweekendskopje.mk