CelebrityИнтервјуНаши ѕвезди

Дарко ме освои со неговата скромност – искрено со Маја Гроздановска Панчева

Нескромно можам да кажам дека за една мајка е најбитно своите деца да ги воспита правилно, а јас во тоа успевав и воопшто не жалам што ја запоставив кариерата за тоа- вели во интервјуто за Гламур Маја

Реклама
Реклама

Гламур интервју со Маја Гроздановска-Панчева

Маја Гроздановска-Панчева важи за една од најубавите пејачки на македонското естрадно небо. Своевремено кога се појави на поп сцената со нејзиниот специфичен алтовски вокал, со нејзината природна харизма и убавина преку ноќ ги освои симпатиите на публиката. Таа веќе 9 години е дел од хорот на МОБ, а за себе вели дека е ранобудник и утрото го започнува со утринско кафе. На прашањето какви спомени и буди нејзината кариера вели дека тоа се спомени кои не се забораваат. Што сé друго ни откри оваа прекрасна дама, мајка и сопруга на легендарниот Панчев прочитајте во продолжение…

Приватна архива

Прашање: Маја, како Ви започнува денот и кој е Вашиот утрински ритуал?

Ранобудник сум, утринско кафе и подготовка и план за целата недела според работните обврски и обврските на децата, и покрај тоа што се веќе големи.

Прашање: Уште кога прв пат се појавивте на музичката сцена привлековте големо внимание со Вашиот алтовски вокал, но и со Вашата безвременска убавина. Како всушност започна Вашата музичка приказна?

Мојата кариера започна во 90-те години, кога настапував на некои фестивали, ,,Струмичка пролет”, ,,Интер фест Битола”. Но, најсреќна бев кога ме примија на аудиција да пеам на „Скопскиот фестивал“. Не можам да ви опишам колку бев среќна кога добив телефонски повик и ме известија дека сум примена. Ја изведував песната ,,Пурпурна соната”. И тука започна се…

Маркетинг

Прашање: Низ годините имате создадено бројни извонредни песни, но и снимено фантастични видео записи за кои можеме слободно да кажеме дека се светски. Какви спомени Ви буди сето ова од денешна дистанца?

Секако дека тоа се спомени кои не може никогаш да се заборават. Од денешна дистанца, приметувам дека и помладата генерација се восхитува на песните од тоа време, и навистина ми е многу мило. Тоа значи дека сме создавале музика која е безвременска. Кога би говорела за моите спотови, секогаш сме се труделе да направиме нешто ново на сцената и најчесто сме успевале во тоа.

Приватна архива

Прашање: Што е тоа на што најчесто или најрадо се сеќавате од Вашиот период на активност на естрадата?

Фестивалите се тие на кои што бев присутна, каде што постоеше прекрасна дружба со моите колеги. Во тој период се оформи и група ,,Бумеранг” каде што членуваше мојот брат Танче Гроздановски и Маријан Атанасовски. Најубавото чувство е кога настапувате некаде и имате feedback од публиката. Тоа ни се случуваше на нас каде и да одевме и тоа не се заборава.

Маркетинг

Прашање: Што најмногу Ви недостига од детството и какви спомени Ви буди тоа? Каде Маја, односно во кој дел од Скопје израсна?

Јас пораснав во една прекрасна населба Влае, која е широка, пространа, а мојата куќа беше блиску течението на реката Вардар. Имам убави спомени од таа населба и секако детството ни останува секогаш во сеќавање.

Прашање: Што е пресудно за да се остане забележан на поп сцената? Што беше подобро во тој период, а што сега?

Како и тогаш, така и сега, сметам дека самата промоција на песната е најбитно нешто. Колку таа е присутна во етерот, толку повеќе се запаметува, така и самиот изведувач, без оглед на стилот на самата песна. Кога нешто почесто се слуша, нема шанса да не се запамети.

Прашање: Какво е Вашето мислење за денешните млади таленти и што е пресудно за да бидат успешни како што бевте и Вие?

Многу ми е мило што постојат голем број на млади таленти кои имаат прекрасни гласови. Треба само искрено да веруваат во тоа што го работат, публиката знае да го препознае тоа.

Приватна архива

Но, секако дека постојат и други битни работи каде што треба најдобро да се промовираат, гостувања, настапи, и секако според мене, ѕвездата која ја носат со себе.

Прашање: Некако како да недостасувате на естрадата, но дали и таа Ви недостасува и дали можеме да очекуваме „камбек“?

Искрено, во последно време некако почувствував дека навистина ми недостасува. Не би сакала да говорам ништо, времето си врви, но не е доцна за „камбек“.

Приватна архива

Прашање: Ангажирана сте веќе подолг период во МОБ. Колку тоа Ве исполнува и дали повеќе можеби се пронајдовте таму отколку на поп сцената?

Да, повеќе од 10 год. веќе сум во хорот на МОБ. Можам искрено да кажам дека е вистинско уживање да сте дел од тој колектив таму, и да ја делите сцената со врвни музичари.

Не би можела да направам некоја паралела, затоа што се работи за музика, во она кое со љубов го работите, затоа мислам дека добро се пронајдов на двете полиња.

Прашање: Која од Вашите песни Ви е омилена?

Не би можела конкретно да издвојам, бидејќи сите ми се омилени на посебен начин. Би ги издвоила ,,Дај ми да заспијам”, ,,Заборави на се”, ,,Сеедно не ми е”, не можам за една да се одлучам.

Прашање: Маја, во брак со легендата на македонскиот фудбал, Дарко Панчев. Со што Ве освои Дарко и која е тајната за успешен брак?

25 години во 2025 год. а јас сум родена на 25.05. Mожеби постои нешто во овие броејќи, во тајната за успешен брак.

Приватна архива

Ме освои со неговата скромност, со постојаниот осет за хумор и секако неговата внимателност на секое поле.

Прашање: Имате две прекрасни ќерки Надица и Марија. Каква мајка е Маја и колку сте горда на Вашите ќерки од она што се денес?

Можеби е најдобро нив да ги прашате, но верувам дека добро координираме во секакви ситуации, а самото тоа што сум горда на нив до досегашното, кажува се.

Приватна архива

Нескромно можам да кажам дека за една мајка е најбитно своите деца да ги воспита правилно, а јас во тоа успевав и воопшто не жалам што ја запоставив кариерата за тоа.

Прашање: Вашата убавина е безвременска, зрачите со посебен шарм, секогаш сте позитивна и насмеана. Едноставно како да не стареете воопшто, зрачите со Вашиот свеж и ведар дух. На што се должи тоа?

Благодарам на убавите зборови, но веројатно сето тоа се должи на мојот карактер, и секако позитивен дух, кој верувам ќе ме држи уште долго време. Помага и физичката активност, но највеќе позитивното размислување во однос на луѓето и животот, те прави да се чувствуваш убаво.

Прашање: Во што би можеле да кажете дека овие 50-ти се подобри од некогашните 20-ти? Што е предноста на едните, а мана на другите?

Секоја доба си има своја убавина. Кога сме помлади гледаме поинаку на работите и на животот, а кога сме поискусни и позрели на истите тие работи гледаме со други очи.

Предноста на младоста е енергијата и безгрижноста, додека во подоцнежните години таа енергија се претвора во поголема грижливост и искуство.

Прашање: Низ годините на секој од нас ни се менуваат приоритетите и амбициите. Какви се Вашите сега и дали се имаат променето?

Амбициите се исто како и желбите. Како и порано така и сега тие се насочени кон она што го работам. Колку времето дозволува толку желбите се остваруваат.

Прашање: Што значи за Вас реализирана жена, која е вашата дефиниција за тоа?

Реализирана жена е онаа која што во кругот на својата фамилија и на својата професија успеала да го оствари она што го сака.

Прашање: Да се биде успешен на поп сцената и да се биде ѕвезда и уште повеќе да се живее и создаде семејство со друга ѕвезда, а во исто време да се остане скромен, достоинствен и приземен е голема доблест. А Вие сте токму таква. На што се должат овие Ваши карактеристики?

Сето тоа е до карактерот на самиот човек и духот кој го поседува. Ние не се гледаме помеѓу нас како ѕвезди, на прво место е љубовта и разбирањето. Мора да се најде баланс помеѓу материјалното и духовното, затоа што материјалното во даден момент ќе ни дозволи нешто во животот, но духовното е многу поважно, духовното те исполнува.

Приватна архива

Прашање: Што може да ја направи среќна една жена?

Многу работи можат да ја направат жената среќна, но според мене најважни се фамилијата и пријателите.

Прашање: Како Маја се негува и дали имате некои естетски корекции на Вас? И ако не дали можеби во иднина нешто би направиле?

Како и секоја жена така и јас внимавам на негата и изгледот. Досега не сум правела никакви корекции, но на одредени третмани одам и јас. Тука пред се мислам на козметика Темов, кои што работат на природна база и помагаат во моето негување. Пред неколку години запознав една прекрасна личност д-р.

Искра Петровска Шешова, која е сопственичка на „Dermatological aesthetic clinic“, која ја има најмодерната апаратура, која со своите третмани прави да се чувствуваш и изгледаш подобро, посебно во годините кога жената има потреба од тоа.

Прашање: Како го минувате слободното време, имате ли некое хоби?

Времето го поминувам најмногу на работа, со фамилијата, но наоѓам време да вежбам во „Body concept“, да излезам со другарките на ручек или на кафе, понекогаш излегуваме навечер на некоја журка, но најмногу се опуштам кога дома играм на PS4.

Прашање: Што најчесто готвите?

Знам да готвам многу работи и си уживам во тоа. Најзаслужна е мојата мајка Маре која уште од мала ме научи на овие тајни. Дома најмногу уживаат кога ќе им замесам нешто, но ги обожаваат и моите сарми, лазања и пилешка супа со кнедли.

Прашање: Кога би имале можност да глумите во некој филм, каков и кој филм би сакале да биде тоа?

Би глумела во некој филм каде што има танцување, или во „Mission Impossible“.

Прашање: Дали сакате повеќе да Ви ја кажат вистината во лице или да Ве заштитат со лага?

Во зависност од ситуацијата секогаш е подобро да се каже вистината. Но, во дадени моменти можеби е подобро да поверувате во лагата, ако вистината е болна.

Прашање: Вашето животно мото?

Прави секогаш добри работи, но не очекувај ништо за возврат.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button