Дали за Св. Архангел Михаил се прави пченица? Домаќинките веруваат едно, свештениците велат друго, а ние ви носиме и рецепт за благослов
Една од најчестите дилеми пред празникот е: дали за Св.Архангел Михаил се подготвува жито?

Денот посветен на Свети Архангел Михаил, оваа година се празнува во петок, 21 ноември, и е посен ден, односно посна слава. Во многу домови подготовките за славата веќе започнаа, од посни јадења, пред се посни сармички, до слатки и украсување на трпезата. Утрината на денот на празникот, домаќините традиционално одат во црква за осветување на славскиот леб и за благослов на домот.
Но, една од најчестите дилеми пред празникот е: дали за Св.Архангел Михаил се подготвува жито?

Постојат народни верувања дека за оваа слава не треба да се вари жито (пченица), бидејќи Свети Архангел Михаил се смета за „жив“ светител кој по потреба слегува меѓу луѓето за да им помогне. Токму затоа дел од народот верувал дека житото, како симбол на упокоените, не е потребно.
Меѓутоа, според зборовите на свештениците, житото е задолжителен дел од славата.
Варената пченица не е симбол на смртта, туку на животот – на оние кои живееле и живеат во вера со Бога и својата крсна слава. Сите светци се живи, зашто пред Бога никој не може да биде мртов. Бог е Бог на живите, а не на мртвите.
Подготовката на славското жито не е тешка, а препораката е да се направи ден или два претходно, убаво да се украси и потоа на денот на славата да се однесе во црква заедно со славскиот леб/погача.
РЕЦЕПТ за благословено жито (коливо)
Традиционален православен рецепт.
СОСТОЈКИ:
500 г пченица (чиста, зрнеста)
150–200 г шеќер
200 г мелени ореви
1 ванилин шеќер или 1 кафена лажичка ванила
Малку цимет (по желба)
100 г суво грозје (по желба)
Рендана кора од 1 лимон
3-4 лажици презла (за сушење/врзување)
Мелен орев, шеќер во прав или цвеќенце за украсување
ПОДГОТОВКА:
Пченицата добро измијте ја со повеќе води, додека да стане бистра.
Потоа потопете ја во ладна вода да отстои најмалку 5-6 часа или преку ноќ. Ставете ја во големо тенџере со свежа вода. Варете ја на тивок оган додека зрната омекнат целосно (обично час, час и по).
Манастирски совет: Пченицата мора да се вари на тивко, за да остане зрнеста и да не се претвори во каша.
Сушење – најважниот чекор
По варењето, исцедете ја преку цедалка.
Раширете ја пченицата во тенок слој по чиста памучна крпа или хартиена салвета и остави ја да се суши најмалку 2-3 часа, а најдобро преку ноќ.
Ова е трикот: Ако не е добро исушена, житото ќе се разводни и ќе се „распадне“.
Мелење на дел од житото (по желба)
Манастрирскиот рецепт сугерира да се меле околу 1/3 од варената пченица зашто тоа овозможува подобро врзување и кремаста структура.
Остатокот се остава во зрна.

Мешање
Во голем сад измешајте:
сварена, исушена пченица
шеќер
ванилин шеќер
мелени ореви
цимет
лимонова кора
суво грозје
Додајте 2-3 лажици презла за да се стегне смесата.
Обликување и украсување
Ставете го житото на тацна и обликувај го рамно или во мала купола.
Украсување (традиционално):
мелен орев
шеќер во прав
мала крстовидна шара од ореви, рибизли, цвеќе или чоколадни трошки
Во манастирите често го прават крстот со гранулиран шеќер или со ореви, за да изгледа поедноставно.

ПРАВИЛА ЗА БЛАГОСЛОВЕНО ЖИТО
Се прави ден порано (или два), за да се стегне.
На денот на славата се носи во црква заедно со погачата или лебот.
Се јаде после осветувањето.



