Да се биде актер за мене е нешто едноставно, обично и дел од секојдневието -искрено со Владанка Крстевски
Не ги делам работите на добри и лоши туку на различности од кои може многу да се научи, вели Владанка Крстевски
Владанка Крстевски од Куманово е една од новата генерација на талентирани, специфични и уникатни македонски актерки. Таа со нејзината фасцинантна глума не ве остава рамнодушен. Полна со емоции, харизма, ја носи било која улога на сцената со виситински жар.
Многумина ја познаваат и од ТВ екраните како водителка на емисијата „Качамак“ на телевизија Сител.
Таа е млада и амбициозна актерка која одлично се снајде во водителските води. Мајка на мало синче и жена заљубена во Филип. Низ овој разговор ќе дознаете интерсни детали за нејзиниот приватен живот, но и поучни пораки кои ни ги испрати спонтано актерката преку одговорите кои ќе го мотивираат читателот.
Уживајте низ разговорот со Владанка.
1. Какво е чувството да си македонска актерка?
Да се биде актер за мене е нешто едноставно, обично и дел од секојдневието. Во Македонија актерите се обични луѓе и искрено мене ми е многу драго поради тоа. Сакам да сум носител на разумни и гласни идеи, човек кој ќе поместува граници и кој ќе раскажува приказни. Не ми е страв од најразлични работи и немам предрасуди – баш напротив пробувам се и сешто да гушнам. Не ги делам работите на добри и лоши туку на различности од кои може многу да се научи. Сето ова ми е лекција од факултетот можеби тоа е најдоброто чувство што го паметам. Да се биде актер за мене значи да се биде човек кој вреди исто како и другиот дури и помалку.
2. Кажете ми како се одлучивте за оваа професија, која беше појдовната точка и каков беше патот до тоа да станете глумица?
Иако не бев свесна, сите околу мене од најмали нозе велеа дека ќе станам актерка. Чудно е но можеби трасирањето на патот го прават и тие муабети “родена глумица” кои доаѓаат од најблиските кога ќе направиш некоја драма. Едно е сигурно – сакав да сум на сцена. Од мала, рецитирав, танцував и обожавав светот да се врти околу мене. Потоа во средно дефинитивно бев решена дека ќе станам правник, се додека еден ден не видов дека во мојата гимназија има аудиција за мјузиклот Брилијантин – и тоа беше тоа. Се појавив, и ја добив улогата на Сенди. Од тој момент знаев дека јас ќе бидам актерка.
3.Имавте ли поддршка за изборот на оваа професија?
На почеток беше шок за моите, бидејќи не сум од уметничко семејство, целото тоа им беше непознато. Приемни испити, актерски игри, пеење, играње. Едноставно сите сакаа – но, никој не веруваше дека ќе ме примат на Факултетот за драмски уметности. Но, се случи чудо – ме примија и од тој момент моите едноставно се вљубија во театарската уметност. Заедно со мене учат, и ми се најголеми фанови на секоја претстава и на секое појавување на сцена, филм или било каде.
4. Откријте ни нешто повеќе околу вашата кариера. Вашиот постојан ангажман е во Кумановскиот театар, дали тоа значи дека вашата глума можеме да ја гледаме само на штиците што живот значат или имате и други ангажмани како актерка?
Јас сакам да работам се! Се поврзано со сцена, театар, телевизија, филм. Па може да ме видите секаде. Не сум човек кој бира – мојот живот е збир на моменти и доживувања, па така гледам и на професијата. Сакам да искусам се, што повеќе ангажмани, што повеќе претстави, филмови, емисии – буквално се. Едноставно тоа ме прави среќна. Имам уште неколку проекти на кои работам во овој момент но не би откривала 😊
5. Јавноста ве познава и од ТВ екраните. Вие сте водителката на емисијата „Качамак“, како влеговте во оваа приказна?
Влегов сосема случајно, не планирано – но морам да признаам дека за мене ова значи голема лекција. Да се биде водител е нешто сосема различно од да се биде актер. И јас не бев свесна за тоа на почетокот. Имам одличен тим до мене во Сител кој се грижи за се околу мене и бескрајно сум им благодарна.
6.Што ви донесе ова искуство?
Не знаев што да очекувам, ама ми изгледаше како нешто што може да биде интересно – и навистина е. Запознав толку многу луѓе од целата држава. Толку многу приказни, вредни индивидуи кои создаваат кај нас, луѓе со визија да менуваат. Некако Качамак ми стана личен мост помеѓу традицијата и модерното. Па носејќи го урбаното со себе – го запознав и традициоланото. Ова искуство ми донесе плеада нови бои на моето животно платно. И сум бескрајно благодарна за тоа.
7. Раскажете ни за вашата љубовна приказна со Филип. Како и кога се запознавте?
Jaс и Филип сме заедно 11 години. Не го паметам животот пред него искрено.
Се запознавме на шанк, во еден бар во Куманово – и испивме една текила уз муабетот кој беше многу спонтан. После тоа се се случуваше спонтано.
Никогаш меѓу нас немаше тензии, и кога имаше моменти на кршење и составување. Секогаш оди некако глатко секое бранување. Затоа би рекла дека сме како вода, продолжуваме да течеме.
8. Кога сфативте дека тој е тој!?
Знаев дека тоа е тоа уште во моментот кога ме прифати целосно. Филип не е човек од светот на уметноста, но ги прифати сите мои погледи и ставови без осудување. Тогаш знаев дека тој е тој.
9. Како вашиот сопруг реагира на вашата јавна професија, дали е љубоморен?
Moјот сопруг е среќен кога сум среќна. И многу сака што сум глумица 😊 Мислам воопшто тоа не му смета. Не е љубоморен тип, ми ја разбира позицијата, професијата и едноставно никогаш не ни зборуваме за тоа. Често се шегуваме на наша сметка 😊 Како што реков – баш ради ова знаев дека тој е тој.
10. На кој проект сте најповеќе горда што сте го сработиле?
„Прво лице еднина“. Мојата монодрама. Ја работев со Драгана Гунин 2019 година во Театар Куманово. Оваа претстава беше и е моја лична карта и љубов кон театарот. И мојата борба кон него.
11. Кои се вашите амбиции за во иднина?
Да продолжам да ги гушкам сите предизвици што ќе ми ги шутне животот. Секој ден имам амбиција да бидам подобра од вчера. Во секој поглед. Можеби најголема амбиција ми е да го воспитам син ми Жан да биде добар човек, потоа се друго.
12. Изгледате одлично за мајка на мало дете, на што се должи тоа?
Искрено не вежбам сега, но се надевам наскоро ќе почнам пак 😊 Се должи на трчање по мало детенце низ парк. Секое седнување и излегување со него е мое кардио 😊 Па собирањето играчки по дома, возењето тротинет, велосипед 😊 Жан е крив и што се здебелив и што ослабнав 😊
14. Кој дел од телото си го сметате за најубав?
Ух, ова е тешко прашање – и навистина немам одговор. А ако ме прашате што најмногу сакам кај себе – тогаш дефинитивно тоа е насмевката – бидејќи тоа е нешто што сакам и кај други луѓе.