Цвеќиња што ги имаме во Македонија, а кои се јадат – смируваат, го регулираат притисокот и шеќерот во крвта
Делотворно делуваат во регулирање на шеќерот во крвта, на крвниот притисок, го намалуваат стресот и го подобруваат варењето.

Многу растенија кои нѐ опкружуваат имаат докажани здравствени придобивки, па вреди да ги вклучиме и во нашата исхрана. Цветовите, покрај тоа што го красат нашиот дом, во последните години стануваат сè попопуларни како дел од здравата исхрана, особено во културите на Азија и Блискиот Исток каде се користат со векови. А од неодамна се наоѓаат и на нашата трпеза со оглед на тоа што ги имаме во изобилство во Македонија.
Но, важно е да се знае дека не е секој цвет за јадење и дека одредени видови можат да бидат отровни. Затоа, конзумирањето на цветови треба да биде умерено, и никогаш да не ги заменуваме со медицински терапии, туку да ги користиме како корисен додаток.

Овие цвеќиња се јадат и ни го подобруваат здравјето:
Хибискус
Иако најпознат е чајот од хибискус, самиот цвет може да се јаде и има потенцијал да помогне во намалување на крвниот притисок и холестеролот.
Сепак, се уште се потребни дополнителни истражувања за неговото влијание врз кардиоваскуларното здравје, иако старите верувања се дека е одличен за регулирање на крвниот притисок.
Глуварче
Сите делови од глуварчето – цветот, коренот, стеблото и листовите – можат да се јадат и имаат антиоксидантно, антивоспалително и антиканцерогено дејство.
Оваа билка може да помогне во согорување на мастите, регулирање на холестеролот и шеќерот во крвта, подобрување на варењето и зајакнување на имунолошкиот систем.
Лаванда

Покрај пријатниот мирис кој го намалува стресот и анксиозноста, цветот на лаванда се користи и во готвењето, особено во десерти.
Помага во подобрување на квалитетот на сонот.
Невен
Познат како делотворна состојка во креми, невенот традиционално е цвет што се јаде и има антиинфламаторно и антивирусно дејство.
Богат е со флавоноиди и антиоксиданси кои помагаат во борба против оксидативниот стрес.
Камилица

Покрај чајот, камилицата може да се додава и во различни јадења. Помага при затвор, намалување на воспаление, стрес и менструални болки, а го подобрува и квалитетот на сонот.
Овие цветови можат да бидат одличен додаток во секојдневната исхрана и начин за поддршка на здравјето, но секогаш со претходна консултација со стручно лице.