Цеден сок, кафе, пуканки од штандовите во Градски парк – Каде е најевтино?

Неработен ден, сонце и убаво време, тоа значи преполн Градски парк. Нашата екипа денеска беше на работна прошетка, околу пладне, и тоа во скопскиот Градски парк.
Мајки со колички, деца со топки, фризби, летаат змејови, заљубени парови на клупите… насмеани лица и расположени луѓе. Заедничко кај сите покрај убавото расположение е и тоа што речиси секој држи во рацете кафе, сокче или пуканки.
Одлучивме да направиме обиколка и да ги посетиме штандовите низ паркот и да забележиме како се движат цените од штанд до штанд.

На штандот на „Авенија кафе“ креативните имиња на пијалоците ќе ви го привлечат вниманието. Ѕуница, Калеш Анѓа, Вражалка, Седум Осмини, се само дел од имињата на вкусните напитоци.
Овде за 150 денари можете да добиете квалитетен витамински микс од овошје и зеленчук.


Ако сакате кафе ќе треба да издвоите од 70 денари, па нагоре во зависнот од вашиот избор.

Гужва како и секогаш имаше пред „Номад“. Овде понудата е слична.

За цедено скоче треба да издвоите од 130 денари па нагоре. За микс од три или четири овошја ќе ви наплатат 160 денари.
Кафето на овој штанд чини од 80 до 170 денари.

Следно застанавме и кај „Вело кафе“. Овде се служи превкусно кафе, доколку не сте го пробале топло ви го препорачуваме.

Еспресо е 70 денари, макијато 90, а нескафе е 100 денари. Доколку сте љубител на вкусови 20 денари е доплата за капка од специфичните вкусови кои ги нудат.


Го најдовме и најевтиниот штанд. Со скромен изглед, но со одлична понуда. Овде можете да си нарачате цеден сок за само 100 денари, а микс од две или повече овошја за 130 денари. Се наоѓа на 100 метри одалеченост од штандот на „Авенија кафе“.

И кафето овде е најевтино 60 денари еспресо, а 80 денари нескафе.

Паркот нуди и благо, ако ви падне шеќерот. На штандот за крофни од 80 до 200 денари ќе можете да се заблажите.

За оние кои сакаат да грицкаат пуканки ќе треба да одвојат минимум 70 денари од новчаник за најмалото пакување пуканки.

Доколку сте со деца, шеќерната волна ќе ви биде задолжителен трошок, затоа издвојте 50 денари за овој „луксуз“.

Се надеваме дека ви помогнавме и дека следниот пат полесно ќе одберете каде ќе го купите вашиот пијалок додека се релаксирате на сончевите зраци во убавиот Градски парк.





