Цеца се огласи по скандалот – секое знаме го прифаќам со љубов, ноќта во Велес ќе ја паметам само по едно?!

По бурните реакции за синоќешниот инцидент на концертот во Велес, српската пејачка Светлана Цеца Ражнатовиќ во изјава за „Слободен печат“ истакна дека нејзиниот гест не носел политичка порака и дека сè било дел од вообичаената комуникација со публиката.
Концертот, што се одржа во спортската сала „Гемиџии“, заврши со инцидент кога пејачката подигна бугарско знаме, потег кој предизвика свирежи, негодување и заминување на дел од присутните. Настанот, кој требаше да биде вечер исполнета со музика и забава, доби политичка димензија и предизвика лавина коментари на социјалните мрежи.
-Секогаш со радост го прифаќам секое знаме од мојата публика, без разлика од каде кој доаѓа. Жал ми е ако тој чин некого повредил, но тоа не ми била намерата, особено не да ги навредам домаќините, вели Ражнатовиќ за „Слободен печат“, додавајќи дека вечерта сепак ќе ја памети по позитивната енергија и љубовта од публиката.
Во врска со бурните реакции на интернет, пејачката нагласуваа дека најважно е што публиката и таа „знаат како навистина си поминале на концертот“ и дека, „ништо и никој не може да застане меѓу неа и нејзините обожаватели“.



