Чуварка на традицијата- како професорката Наташа Неданоска го претвори селскиот дом во доживување за сите сетила
Во селото Рамне во близина на Охрид, една исклучителна жена го оживува семејното наследство преку едно посебно место каде што кујната е чувар на традицијата, а секој гостин станува дел од приказната.

Во време кога сè повеќе луѓе трагаат по мир, искреност и поврзаност со природата, „Пирустија Неданоски“ стана симбол за тоа како изгледа вистинскиот селски туризам во Македонија.
Сместена во селото Рамне, оваа семејна приказна не нуди само храна, туку и доживување – чекор назад во времето, каде што традицијата, гостопримството и локалните вкусови се на прво место. Наташа Неданоска, инаку професорка по македонски јазик, е жената која тои зад овој уникатен проект. Со љубов и посветеност го претвори семејниот имот во вистинска гастро-оаза која ги зближува луѓето и ги потсетува на заборавените вредности.
За Наташа, селскиот туризам не е бизнис, туку начин на живот – домаќински, топол, одржлив и исполнет со смисла.

„Пирустија Неданоски“ е прекрасен пример за тоа како може да се развива селски туризам во Македонија. Како започна сето тоа? Што Ве поттикна да го претворите семејниот имот во гастро-оаза во срцето на селото?
– Најнапред нè поттикна потенцијалот на природата. Всушност, со самото раѓање на децата, ние знаевме дека сакаме да ги растеме што поприродно и во согласнот со планинската убавина. Така, камената куќа во Рамне ни стана викенд прибежиште, па полека-полека почнавме со облагородување на местото и куќата за наши подобри услови.
А секако, кој работи, мора и да јаде- па ги искористувавме сите ресурси за подготовка на храна- стари алатки, огништето, планинските плодови, создадовме своја бавчичка и мини фарма… дојде сосема природно да се развиваме во тој правец.

Кај вас нема класично мени и фиксни работни часови – гостите доаѓаат по доживување, а не само по ручек. Како реагираат на овој поинаков пристап и што најчесто ги изненадува?
– Менито е основно, буквално сè што е сезонско и што може да се најде во нашата градина, во нашиот шпајз или кај локалците. Ние ништо не измисливме, само сè она што го правиме за нас во нашето секојдневие, сега им го нудиме и на посетителите.
Се договараме што ќе подготвуваме заедно и каков да биде филот во коматчето, праз или спанаќ, блитва или коприви или некој нивни микс. Останатото е само прашање на избор, дали ќе биде кисело млеко или домашно вино, дали ќе биде ракија или ликер, дали ќе биде овошна торта или раванија, кафе или чај, компот од дренки или вишни или сок од нане…

Кое е доживувањето кај нас? Тоа е да ни дојдат на гости, да се почувствуваат како да одат кај свои роднини на село, да ги понудиме со сè што имаме складирано како зимница или свежо, да месиме, сучиме и печеме заедно, да се прошетаат низ село, кај фармата и низ градината, да си скинат некој производ и сè што ќе вкусат да е направено токму за нив и пред нив, а дел и заедно со нив! Доживувањето е да се чувствуваат спокојно и комотно, како дома, во нашата куќа.

Колку ви значи традицијата во сето ова? Има ли некое јадење што го подготвувате по рецептот на баба и кое секогаш ве враќа во детството?
-Традицијата никогаш, апсолутно никогаш не излегува од мода. Всушност традицијата, од секој тип, не само храната, е чувар на вредностите, дел од идентитетот на еден народ, сведок за минатото, корен и стабилност кон иднината. Традицијата нам многу ни значи и си ветивме дека во овој дел цврсто ќе ја чуваме.

Кога велиме дека ние ништо не измисливме, само го продолживме, го пресликавме живеењето на нашите предци, тоа е навистина така. Но, не е тоа од сега, за да правиме своевидна „претстава“ и да бидеме „мал театар“ за да гаиме рурален туризам! Не! Ние вака живееме отсекогаш, од нашите први заеднички почетоци, од нашите први дружби со пријатели во нашиот селски двор, од првите семејни собири и прослави, а го продолжуваме со нашите гости.
Сè што готвам е наследство од мојата баба Цвета, мајка ми, тетка ми и бабата на сопругот, а секако за неколку стари јадења сум се консултирала и со селските жени. Покрај комадот, би ги издвоила и кошмишпитето, преснецот и бовчите, како наследство кое го носам со себе, а првото ѓомлезе го направив со баба Лојза, бабата на сопругот, па следуваа првите питулици, со тетка Фанче…И така се редеа старите традиционални охридски јадења кои дефинитивно сакаме да ги зачуваме.

Како ги вклучивте вашите деца во целата гастро приказна држејќи ги постојано заинтересирани?
-Децата не ги вклучивме зашто тие всушност се нашата инспирација да живееме вака, поради нив, за да се хранат здраво, домашно, еколошки, нетретирани производи, што почисто и во што почиста средина.
Најважна придобивка од сето ова е зачувување на семејната традиција и, за жал, подзаборавени вредности кои до неодамна сите ги негуваа. Децата, но и ние, имаме секој своја животна и професионална насока, буквално дијаметрално спротивни. Но, селското домаќинство е нашата заедничка љубов и тука сме свои и сплотени.

Кои се новитетите за летото 2025, кои се тие вкусови што мора да се пробаат кога некој ќе дојде кај вас?
– Новитет кај нас е тоа што ништо нема да промениме (се смее, н.з). Сè мора да се проба и секој е добредојден да дојде по неколку пати. И иако години наназад ние ништо не менуваме, имаме исти гости кои навраќаат повторно и повторно, а тоа ни е доказ дека сме на вистински пат!
Што за вас претставува успех денес – полна трпеза, среќни лица или можеби тоа што децата растат со оваа енергија на грижа, љубов и создавање?
-Успех е ако нè препознаваат по добро. Ако од кај нас си заминале со драг спомен и споделена енергија. Колку е само убаво кога влегуваат како странци, а си одат со топла прегратка! Какви убави фотографии прават за долго сеќавање, а кога си дошле дома, седнуваат да ни ги пратат.
Успех е кога се разбираме само со поглед меѓу нас и се смешкаме задоволно зашто сме ги направиле среќни нашите гости. Успехот го мериме по долгите впечатоци кои нам ни ги оставиле нашите посетители. Нема поголем успех да уживаш во она што го работиш, а луѓето да го препознаваат тоа.

Кога ќе погледнете нанапред – каде ја гледате „Пирустија Неданоски“ за неколку години? Поголем простор, нови проекти или можеби само повеќе тивки и среќни моменти со луѓе што го ценат она што го создавате?
-Имаме убави идеи поврзани со часовите „Учиме да сучиме“, вклучувајќи ја помладата популација, со крајна цел – раѓање љубов кон традиционалната храна, поттик за практикување и ценење на истата, но најважното- пренесување на следни генерации. Тоа им го оставам во аманет.

Секако дека би се менувале во насока на креирање на групите, осмислување на креативни работилници и целодневни ангажмани, етно кампови или селски доживувања, но со јасна визија дека не отстапуваме од традицијата т.е. сè во служба за неа.