Чудотворната икона во Македонија го слуша плачот на неродилките – „по три години солзи – добив дете, знаев дека таа ме слушна“
„Три години се обидувавме. Се молев, плачев, се откажував. Но еден ден дојдов овде, во тишината на манастирот, застанав пред иконата и реков: 'Ако ми е судено, дај ми сила и дар'. После три месеци — тестот беше позитивен. Секојпат кога ќе го видам моето дете, се сеќавам на овој миг. Знам дека не бев сама.“

На брегот на едно од најубавите езера на Балканот, скриен меѓу карпите и зеленилото, на само шест километри од Струга, на самиот крај на селото Калишта, се наоѓа манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што, освен волшебно спокојство, според сведоштвата на многу жени, се случуваат и чуда.


Иконата на Пресвета Богородица насликана со црн лик е една од највредните во Македонија и се верува дека има неверојатна лековита моќ. Иконите на кои Богородица е насликана со црна боја се навистина ретки.

Токму тука, пред иконата на Пресвета Богородица, жените со години доаѓаат со една иста молитва: да зачнат дете.
Тивка радост
Сместен во мирно и изолирано место, со поглед кон светкавата површина на езерото, овој манастир не е обележан со гласни чуда, туку со тивки радости што се појавуваат неколку месеци по посетата. Најчесто, чудотворната икона на Богородица е поставена во самата (голема) црква и за време на литургиите, кои ги служи отец Санџаковски – отец со исклучително образование, духовност и моќ да допре до срцата на верниците.

Иконата, позната меѓу народот како „Богородица во црно“, е редок иконографски приказ, со темен тен и одежди, што ја прави уште позагадочна.

Се верува дека токму во неа има скриено нешто што го надминува видливото – благодат што го допира срцето, ја смирува душата и ја дарува утробата на неродилките кои се молат за дете.
„Три години се мачев со хормонски терапии, доктори, прегледи, и веќе се откажав. Една пријателка ми кажа за манастирот. Не бев религиозна, ама нешто ме влечеше. Се поклонив пред иконата, плачев како дете. Три месеци подоцна, тестот беше позитивен. Сега имам син, и секоја година се враќам таму“ – раскажува Марија од Скопје.

Весна од Битола пак, сведочи: „Отидов таму за викенд со сопругот, веќе десет години брак, без деца. Влегов во црквата за време на литургија, се молев без зборови. Само со срцето. По литургијата зедов во пластично шише света вода од изворот и ја однесов дома. Секој ден пиев по капка од водата, а кога сосема ја потрошив, после 40-на дена, докторот ми кажа дека сум бремена. Не верувам дека тоа беше случајност.“
Слични сведоштва се слушаат секоја година, а уште побројни се оние кои ја чуваат тајната само за себе.
Свето место што не се заборава
Манастирскиот комплекс вклучува неколку светињи – меѓу нив и пештерските цркви посветени на Свети Атанасиј и Пресвета Богородица. Се верува дека токму во пештерата се криеле првите христијани од прогоните.

Манастирскиот двор го красат стари дрвја, меѓу кои е и чинарот стар повеќе од 700 години – жив сведок на минатото.
Од една од црквичките извира вода за која верниците тврдат дека е лековита – особено при проблеми со очите и главоболки.
Манастирот не е познат само по историјата и архитектурата, туку и по чудата што верниците ги доживуваат
За време на Втората светска војна, се раскажува дека иконата била фрлена во езерото, заврзана со челични синџири. Но, чудото се случило – иконата секогаш се враќала на брегот, пред манастирот, недопрена.
И денес, кога ќе се погледне во иконата, верниците велат дека чувствуваат внатрешен допир, длабоко спокојство што се претвора во огромна надеж и сила.
Молитва што се шепоти со срце:
Пресвета Мајко, Ти што ја роди Љубовта,
Погледни на мене, жена скршена од молк и од копнеж.
Подари ми живот во утробата моја,
Радост во домот мој,
И сила да верувам.
Како што си се застапувала за многу,
Застапи се и за мене, сега и секогаш. Амин.