Чудесен летен рај за малку пари – скриено албанско село со кристално море, ниски цени, бесценета плажа и неверојатна кујна
Борш е идеална дестинација за оние што бараат мир, природна убавина и автентично искуство на албанската ривиера. Со чисто море, прифатливи цени и гостопримлива атмосфера, ова место нуди незаборавен летен одмор кој нема да ви го испразни паричникот.

Ако барате совршено летно бегство со чисто море, прифатливи цени и автентична атмосфера, селото Борш на албанската ривиера е идеален избор.

Сместено на околу 2,5 часа возење од Драч, ова мирно крајбрежно место нуди долга песочна плажа, тиркизно море и гостопримливи локални жители.
Борш се издвојува со својата 7-километарска плажа, една од најдолгите во Албанија, опкружена со маслинови насади и планински пејзажи.
За разлика од популарните туристички места како Ксамил, Борш останува тивок и недопрен, идеален за оние што бараат мир и природна убавина.

Каде да се сместите и по која цена?
Во Борш, можете да најдете различни опции за сместување, од семејни пансиони до мали хотели. Хотел Ривиера, на пример, сместен на самата плажа, нуди соби со поглед на морето по цена од 1.800 до 2.500 денари по ноќ. Guesthouse Aris е семеен пансион со домашна атмосфера и традиционален превкусен појадок, со цена од околу 1.500 денари.

Одлични за сместување се и апартмани како Borsh Beach Apartments, со кујна, погодни за семејства, каде цените се движат од 2.000 до 3.000 денари по ноќ.

Што да јадете
Кога станува збор за храна, Борш нуди автентична албанска кујна со свежи морски плодови и локални специјалитети.

Оброк во ресторан со свежа риба, салата и пијалак чини околу 600 до 800 денари. Кафе или освежителен пијалак во кафуле на плажа ќе ве чини 60 до 120 денари. Локалните производи како маслиново масло, мед и свежо овошје се достапни на пазарите по поприфатливи цени отколку во Македонија, а нудат врвен квалитет.
Освен релаксација на долгата песочна плажа, посетителите можат да ја истражат и околината. Ѓипе Кањонот е скриена природна атракција, совршена за пешачење и фотографирање, а и таму има скриена неверојатна плажа која вреди да се посети.

Селото Лукова е, исто така, блиску и нуди убава плажа и автентично рурално доживување.
Планинарите и љубителите на природа ќе најдат патеки за истражување со фантастични панорами.

Најдобро време за посета е јуни или септември, кога температурите се пријатни, а бројот на туристи значително помал. Валута во Албанија е лек, но на повеќе места прифаќаат и евра. Со англиски јазик пристојно ќе се разберете, а со италијански – беспрекорно.