CelebrityНовости

Четириесет години по „Бушава азбука“ – доаѓа „Буквождер“, новиот чувар на македонскиот јазик, еве кога ќе почне!

Advertisement

Од 8 ноември, на Македонската радио-телевизија ќе започне со емитување новата македонска анимирана серија за деца „Буквождер“, чија прва епизода ќе биде прикажана со почеток во 20:15 часот. Серијата, во режија на Георги М. Унковски, е забавно-образовен проект што ја слави магијата на јазикот, пријателството и заедништвото.

Во центарот на приказната се малите херои Дарија, Марко и Филип, кои заедно со своето чудесно бувче Ѕе тргнуваат во низа авантури исполнети со хумор, музика и корисни знаења за јазикот и секојдневниот живот. Секоја епизода носи нова мисија и порака што ја прави подеднакво интересна и за децата и за возрасните. Гласовите на главните ликови ги позајмуваат Ивана Павлаковиќ, Дамјан Цветановски и Ангела-Александра Ивановиќ, а сценариото е на Калија Киселичка. Уметнички директор е Томи Џуровски, дизајнот на звук е на Сашко Поттер Мицевски и Марко Наумовски, а анимацијата ја потпишуваат Горан Менков, Никола Димов и Дамјан Михаилов. Монтажата е дело на Марјан Николовски, а музиката ја компонирал Георги Шарески.

Advertisement

Продуценти на серијата се Горан Игиќ и Мите Кузевски. Режисерот Георги М. Унковски вели дека е особено горд што проектот конечно ќе ја доживее својата премиера, нагласувајќи дека „Буквождер“ е создаден со многу љубов и со феноменална екипа, со цел да донесе свежа и многу потребна забавно-образовна содржина за најмладите гледачи. „Буквождер“ претставува ново официјално поглавје во рамки на проектот „Бушав свет“, токму во годината кога се одбележуваат 40 години од првото емитување на легендарната „Бушава азбука“.

Проектот е копродукција на „2БА Продукција“, „Види вака раскажувачко студио“ и МРТВ. Продуцентот Горан Игиќ истакнува дека целта е да се поврзат световите на „Бушава азбука“ и „Буквождер“ и да се испрати порака за љубопитност, образование и заедништво, но и да се пополни празнината од четири децении со една нова, нераскажана приказна која ќе нè доближи до реализацијата на „Бушав буквар“, последното дело на Горан Стефановски.

Првата сезона од „Буквождер“ содржи десет епизоди, а покрај нив се подготвуваат и дополнителни содржини – песни, едукативни видеа, сликовници и игри за развој на креативноста кај децата. Македонската јавност ќе може да ја гледа серијата и на YouTube-каналот на „Бушава азбука“ и на каналите на „Види вака“, со цел „Буквождер“ да стигне до што е можно повеќе деца и родители, и во земјата и во дијаспората.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button