Српската фолк-пејачка Цеца Ражнатовиќ вчера се приклучи на акцијата за чистење на Белград што беше поздравено од страна на нејзините фанови, но и поддржано од голем број граѓани на Србија.
Цеца у акција! (фото: Ало.рс)
За разлика од таквите акции во соседството во кој најголемата секс бомба во регионот ќе земе црни вреќи во рацете и ќе застане рамо до рамо со волонтерите на некои невладини организации, кај нас бомбите имаат една потполно поинаква конотација, односно со нив се чисти плевелот од политичката сцена.
Фото: М. Најчевска
Токму и затоа професорката Мирјана Најчевска пред неколку дена на нејзиниот Фејсбук профил напиша дека овој народ го заслужува сето она што му се случува, притоа објавувајќи неколку фотографии од Бањанска река на кои се гледа колку многу е загадена реката и колку немаме обѕир кон нашата околина.
ПОЛИТИЧАРИ, ОСТАВЕТЕ ЛОПАТИТЕ, ЗЕМЕТЕ ГРИБЛА!
:
Еве еден предлог кој доколку се усвои Македонија ќе биде почиста!
Бидејќи Цеца е жена од соседството, а не наша пејачка, а наши најголеми фолкерки се нашите политичари, предлагам Груевски и неговата свита, како и Заев заедно со неговите бомбаши, откако ќе завршат со прес-конференциите и што ли уште не планираат да прават при посетата на градовите во Македонија, да се облечат кежуал или спортски , да ги засукаат ракавите, да земат грибло и заедно со своите симпатизери да почнат да ги чистат речните корита. (Или барем кога веќе им даваат баснословни суми пари на српските фолкерки, а на нашите пак, субвенции, пред да почне концеротот, кога следниот пат ќе ги офајдуваат со народни пари, барем нека ги натераат да учествуваат и во акција за чистење на речните корита, со ракавици и грибло!)
Еве за да не речете дека мислиме само на светската метропола на барокот, предлагаме за почеток тоа да го направат во Катланово, односно кај мостот во Катлановска бања. Местото е прекрасно, господ давал колку што можел, но доколку сега појдете таму ќе видите еден грозоморен и страшен куп шишиња и пластични кесиња закачени околу коритото кои ја прават глетката како од хорор филм.
Фото: М. Најчевска
Што се однесува до Скопје, доволно е само да седнете неколку минути покрај Вардар и да видите колку пластични шишиња, кеси и канти ќе изброите како си пловат мирно кон Солунско поле, онака ноншалантно, носејќи им „срдечен“ поздрав на овие соседиве, заборавам им го името, по ѓаволите …
Од друга страна пак, ни градовите од внатрешноста не се нешто подобри (секоја чест на исклучоците, ако воопшто ги има!). Еве како пример ќе го земам Штип, град во кој неодамна бев на посета и во кој има изградено нова „трим“ патека (да, да истата трим патека која е опседната со демони, но, зарем не сте знаеле дека според некои религиски верувања, па дури и спроед фенг шуи, демоните, односно лошите енергии се собираат онаму каде што е најгадно? Но за демонот од Штип во некоја друга прилика ..)
Е сега на самата патека има знак нешто во стилот „Ве молиме не фрлајте ѓубре на патеката“, и патеката е.. па да речеме, чиста, ама ако погледнете на само неколку метри од неа, односно кон коритото на Брегалница, ќе забележите такви гадотии што кога не би биле од оваа држава и не би го знаеле нашиот менталитет ќе помислите дека тука не постојат контејнери и дека ѓубрето се фрла во реката.
Детски парк со лулашки во Штип (зошто бре не ставете една табла на која на интересен начин, со цртежи, ќе пишува не фрлајте ѓубре, не загадувајте ја околината, бидете културни, паметни, убави… )
Па, што мислите, дали е време да се подзамислиме, и сите задно, да се обидеме оваа наша држава да ја направиме ако ништо друго барем почисто место за живеење. Барем тоа го можеме, нели? И запомнете, за ова, како и за многу други работи од кои ќе ни биде поубаво на сите, не ни требаат пари, туку.. култура! Ама онаа вистинската, без калкулации, клиентелизам, псеудо-патриотизам и манипулации…
Мадам Васка, стара подржикоњка …