Оваа традиционална руска рецепта ја пронајдовме на блогот Staceysnackonline.
Станува збор за типично руско јадење кое Русите го нарекуваат „шарлотка“, а всушност претставува едноставна пита со јаболка. Може да се подготви и со друг вид на овошје.
Потребни состојки:
· 5-6 поголеми јаболка
· 3 јајца
· 200 гр. шеќер
· Мала лажичка екстракт од ванила
· 125 гр. брашно
· Цимет
· Шеќер во прав
Вклучете ја рерната да се грее на 170C. Земете една округла тава или калап и обложете го дното со мрсна хартија. Излупете ги јаболката, исчистете ги од семките и исечете ги на коцки со средна големина и наредете ги директно во обложената тава за печење.
Со миксер матете ги јајцата и шеќерот додека не добиете пена и не се растопи шеќерот, потоа додадете ја ванилата и брашното, па се убаво измешајте. Ќе добиете прилично густа смеса која треба да ја прелиете преку јаболката и да печете 55-60 минути. Кога питата ќе биде готова оставете ја во тавата десетина минути, а потоа свртете ја на голема рамна чинија така што јаболката ќе дојде од горната страна. Посипете шеќер во прав и цимет.
Лесно, едноставно и евтино, а многу вкусно. Вреди да се проба!