Бизнис приказни со Сашка Костовска-Длака: „Жените не само што се добри со пари, туку се вистински алхемичари во нивното оптимизирање“
„Најголемиот финансиски предизвик за жените во Македонија не е само пристапот до капитал, туку начинот на кој системот ги перципира нивните финансиски амбиции“, вели Сашка Костовска-Длака, експертка за финансии, професионален финансиски фасилитатор и Главен извршен директор на „МКПЕЈ“ Дооел Скопје во интервју за гламур.мк

Во светот на финансиските технологии и дигиталните трансформации, улогата на жените станува сè поважна, но и предизвикувачка. Сашка Костовска-Длака, експертка за финансии, професионален финансиски фасилитатор и Главен извршен директор на „МКПЕЈ“ Дооел Скопје, е една од оние жени кои не само што го прифатија предизвикот, туку и активно го обликуваат финансискиот пејзаж во Македонија.
Со долгогодишно искуство во банкарскиот сектор, платежните системи и дигиталните финансии, таа денес стои на чело на иновативна иницијатива која може да донесе револуција во начинот на кој се управува со електронските пари во нашата земја.
Во ова интервју, со Костовска-Длака разговараме за финансиските предизвици со кои се соочуваат жените, пристапот до капитал, економските трендови и важноста на менталитетот кога станува збор за финансиската независност.
Костовска-Длака ни открива и како личната мотивација, динамиката и постојаната потрага по знаење и развој ја водат кон нови достигнувања.

ПРАШАЊЕ: За почеток, можете ли да ни кажете накусо за Вашата професионална позадина, за претходните искуства кои, гледано од денешна дистанца, придонесоа за Вашиот сегашен успех?
Финансискиот сектор отсекогаш ми бил интересен, таа динамика ме привлече и ме насочи кон платните системи и дигиталните финансиски услуги, каде што вистинската трансформација допрва се случува.
Секогаш сум била водена од неисцрпна енергија која, за среќа, ја носам како природен дар и која не прифаќа стагнација. А кога нешто навистина ќе ме привлече, кога во нешто гледам потенцијал или вредност, се вложувам целосно – без резерви.
Моите клучни професионални искуства се длабоко вкоренети во „Халкбанк“ каде што ја стекнав неопходната деловна интуиција, стручност и стратешко размислување, и во „КИБС“ АД Скопје, каде што работев во сржта на платежните системи, учествувајќи во развојот и имплементацијата на клучни финансиски процеси во земјата.
Јас не сум човек што може да седи и да чека работите сами да се случат. Некои ќе кажат – немирен дух, други – постојана потреба од движење. Јас го нарекувам потреба да се создава и да се гради. Сега, како Главен извршен директор на „МКПЕЈ“ Дооел Скопје, работам на првата иницијатива за отворање на институција за електронски пари во Македонија, отворајќи ново поглавје во развојот на финансиските услуги во нашата држава.

ПРАШАЊЕ: Кои се најголемите финансиски предизвици со кои се соочуваат жените во Македонија кои сакаат да бидат независни или да започнат сопствен бизнис?
Најголемиот финансиски предизвик за жените во Македонија не е само пристапот до капитал, туку начинот на кој системот ги перципира нивните финансиски амбиции. Формално, можностите постојат – жените можат да основаат компанија, да аплицираат за кредити, да пристапат до различни програми за поддршка. Но, она што не се гледа веднаш, но што суштински ја обликува нивната економска реалност, се невидливите бариери кои не се експлицитно напишани, но се длабоко вкоренети.
Прво, постојат суптилни очекувања за тоа што е „соодветно“ за жените во деловниот свет. Кога маж аплицира за финансирање на ризичен, но иновативен бизнис, тоа често се гледа како претприемачки дух и храброст. Кога истото го прави жена, наидува на суптилно обесхрабрување – совет да биде „повнимателна“, да започне со нешто „пореално“ или „посигурно“.
Овој ментален модел не е законски дефиниран, но е присутен во институциите, финансиските кругови и дури и во семејните очекувања.
Второ, економската историја на недвижностите ја ограничува финансиската слобода на жените. Често, банките во процесот на одобрување на кредити бараат имот како гаранција, а недвижностите традиционално во минатото се воделе на машките членови на семејството. Тоа значи дека жените кои сакаат да основаат или прошират сопствен бизнис честопати се ограничени во пристапот до кредитни механизми, не поради недостаток на капацитет или идеја, туку поради недостаток на инструмент за обезбедување.
Трето, невидливата цена на времето. Жената што избира финансиска независност или претприемништво паралелно носи уште еден товар – општествените очекувања поврзани со семејството, домот, балансот меѓу приватното и професионалното. Ова не е банална пречка, тоа е системски предизвик што значи дека многу жени се принудени да прават компромиси кои мажите поретко ги прават.
Значи, кога зборуваме за финансиски предизвици, не зборуваме само за бројки, заеми и бизнис-планови. Зборуваме за една подлабока структура, за културни и економски механизми кои жените треба да ги надминат пред да стигнат до оние вистинските финансиски можности.
ПРАШАЊЕ: Како ја гледате улогата на жените во македонската економија денес? Дали се зголемува нивното влијание?
Денес, Македонија има жена гувернер, жена претседател, а значаен дел од водечкиот менаџмент во банкарскиот и корпоративниот сектор е составен од жени. Но прашањето не е само дали жените се присутни, туку дали нивниот пристап станува дел од економскиот модел.
Традиционално, економскиот систем се дефинира низ машка призма – агресивен раст, доминација, брзи профити. Жените носат поодржлив пристап, фокусиран на долгорочна стабилност, иновации и заедничко градење, наместо конкуренција по секоја цена.
Податоците покажуваат дека во земјите каде што жените имаат поголемо влијание во економските политики, финансиските кризи се поретки, инвестициите се поизбалансирани, а компаниите се поотпорни на турбуленции. Не затоа што жените се „попретпазливи“, туку затоа што економијата што ја градат е попроцесна, поорганизирана и ориентирана кон долгорочна стабилност.
Според мене, жените во Македонија отсекогаш биле дел од економијата – клучни чинители во водечките компании, незаменливи во процесите на одлучување, „кичмениот столб“ на компаниите, но ретко на челна позиција. За среќа, денес тоа се менува – сè повеќе го прават тоа во свое име, под свои услови и со своја визија.
ПРАШАЊЕ: Постојат ли доволно ресурси и информации за жените во Македонија кога станува збор за пристап до капитал, инвестиции и финансиска едукација?
Во нашата држава постојат одредени можности за жените во однос на пристап до капитал, инвестиции и финансиска едукација, но тие сè уште не се доволни.
Неколку комерцијални банки нудат специјализирани кредитни линии за жени претприемачи, често во партнерство со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Банки како НЛБ, Халкбанк, ПроКредит Банка и Стопанска Банка имаат програми со поволни услови за бизниси во сопственост на жени, како што се пониски каматни стапки, олеснети гаранции или менторска поддршка. Развојната банка во соработка со меѓународни институции, исто така нуди кредитни линии со поволни услови за женско претприемништво.
Во однос на финансиската едукација, Националната платформа за женско претприемништво, програмата „Жени во бизнис“ на ЕБОР и иницијативите на Народната банка придонесуваат за подобрување на финансиската писменост кај жените.
Сепак, пристапот до капитал останува ограничен поради административни бариери, недостаток на информации и потребата за дополнителни механизми за финансиска поддршка. Потребни се пофлексибилни грантови, олеснети критериуми за кредитирање и мрежи за менторство за да се зајакне женското претприемништво и да се создадат одржливи бизниси.
ПРАШАЊЕ: Кои се најдобрите начини за жените да најдат финансиска поддршка – дали преку банки, фондови, грантови или неформални мрежи?
Жените можат да најдат финансиска поддршка преку банкарски кредитни линии (НЛБ, Халкбанк, ПроКредит, Развојна банка), грантови и фондови (ЕБОР, ЕУ, УСАИД) или преку приватни инвеститори и неформални мрежи (crowdfunding, клубови на бизнис ангели, менторски програми).
Но, најдобрите начини за жените да најдат финансиска поддршка зависат од нивните специфични потреби, фазата во која се наоѓа нивниот бизнис и нивната финансиска структура. Финансиските консултанти за пристап до финансии, чиј дел сум и јас, најдобро ги поврзуваат овие можности со реалните потреби на жените претприемачи, помагајќи им да го изберат и обезбедат најсоодветниот финансиски ресурс.
ПРАШАЊЕ: Кои трендови во македонската економија може да им помогнат на жените да ја подобрат својата финансиска состојба во следните неколку години?
Мислам дека трендовите во македонската економија не се основа за голем оптимизам, па затоа жените што сакаат финансиска независност мора да се потпрат на себе – сега, за неколку години и за навек.
Големиот Блаже Конески многу точно забележал: „Таму кај што мислиш дека е крајот, таму почнува патот“. Кога немаш можности и опции, мораш да бидеш оптимист и сама да ги создадеш.
Но, златна карта секогаш е инвестирањето во знаење и вештини – пристап до подобро платени работи, freelancing или сопствен бизнис. Плус, флексибилните работни модели нудат начин да се заработува без ограничувања на локалниот пазар. На крајот, без навраќање кон минатото и со што поголема адаптибилност, стабилноста зависи од способноста да препознаеш и искористиш можност кога ќе се појави.

ПРАШАЊЕ: Што мислите за менталитетот „жените не се добри со пари“? Дали ова е само стереотип или има основа?
Овој менталитет е само стереотип што со векови се одржува, но реалноста е сосема спротивна. Жените не само што се добри со пари, туку се вистински алхемичари во нивното оптимизирање. Во суштина, жените имаат дарба дадена од природата да мултиплицираат, да раѓаат, да оплодуваат сè што ќе им биде дадено.
На крајот, зарем не е подобро да се одговори со прашањето – А кој навистина ги прави парите да вредат?
ПРАШАЊЕ: Каков е односот кон жените лидери и воопшто кон успешните жени во Македонија? И што мислите, дали сме родово сензитивни?
Односот кон жените лидери во Македонија е амбивалентен – напредокот е евидентен, но културните и системските бариери сè уште ги условуваат нивните можности.
Родовата сензитивност често се сведува на декларативно прифаќање, додека суштинските промени се спроведуваат побавно. Вистинската еманципација ќе биде постигната кога успехот нема да биде перципиран низ родовата призма, туку низ призма на компетентност и визија.
ПРАШАЊЕ: Кои се Вашите приоритети како успешна деловна жена?
Да оставам нешто што ќе продолжи да создава вредност дури и кога јас веќе не сум таму.

ПРАШАЊЕ: Како се релаксирате и каде ја црпите енергијата за секојдневието?
„Огинчето“ ми е во семејството, синовите – нашата најголема гордост и радост. По природа сум авантурист, секогаш во движење, а патувањата ми се голема страст и неизоставен дел од животот. Неверојатно се полнам со енергија и јасна мисла преку сериозното и посветено возење велосипед, минувајќи најмалку 120 км неделно.

Планинарењето на Водно ми носи свежина – неверојатна привилегија е што за само 15 минути можеме да се најдеме во една поубава реалност. Дружбите со саканите пријатели ми се драгоцени – луѓето ми значат.
Музицирањето ми е своја форма на терапија – најчесто пеам, а понекогаш ја земам виолината кога инспирацијата го бара тоа. Тоа е мојот најприроден вентил и простор за ослободување.