Бизнис приказни со Радмила Павловска, жената што ја движи бизнис енергијата на Скопје – мек сум, но убедлив менаџер
Повеќе од четврт век искуство, градење брендови, менаџирање големи компании и несебично менторство ја прават Радмила Павловска симбол на успешна деловна жена во Македонија и уште повеќе - дел од душата на бизнис енергијата која пулсира низ градот.

Радмила Павловска одамна го има заслужено местото меѓу највлијателните имиња во македонскиот деловен свет. Во бизнисот влегла од млади години и со текот на времето изградила богата кариера како менаџер, консултант и предавач, оставајќи силен печат во стратегискиот маркетинг, брендирањето и корпоративното управување.

За многумина таа е душата на скопскиот и македонскиот женски деловен свет, голем професионалец кој инспирира со својот став, искуство и енергија. Од неа учеле многумина, а таа и денес со огромна радост го споделува своето знаење и искуство со новите генерации. Освен во деловната сфера, Павловска е реализирана мајка на Миа.
Во интервју за гламур.мк зборуваме со Павловска за деловните предизвици, за искуствата кои ја обликувале нејзината кариера, за менторството кое го практикува со младите, како и за тоа што значи да се биде успешна жена во македонскиот бизнис свет.
Прашање: Како започна Вашиот пат кон деловната сфера и што Ве водеше до позицијата што ја имате денес?
– Како и сите други работи, сѐ беше случајно, сплет на околности кои отворија нови хоризонти и донесоа неочекувани искуства. Јас сум електроинженер по едукација, маркетинг специјалист и експерт за менаџмент според искуство. Во моментов работам како менаџер на фирмата „Лагуна Ком“ која се занимава со козметика за професиоинална употреба.
Пред тоа преку мојата консултантска куќа „Bar Code Consultancy and Expertise”, седум години работев како виш консултант за развој на бизнис, претежно на проекти финансирани од ЕБОР и повеќе индивидуални проекти. Имам повеќе од 25 години професионално искуство во сферите на стратешкото планирање, градењето на брендови, маркетингот и односите со јавност, развојот на нови продукти, угостителството и малопродажбата. Во тој период предавав стратегиски маркетинг на приватната маркетинг академија „Creative Hub” од Скопје.
Моето професионално искуство е градено преку долгогодишно менаџирање во неколку големи македонски компании како што се Гемак, Клиника „Жан Митрев“, Линк Телеком и др.
Во 2007 го имам лансирано првиот и единствен магазин за угостителство во Македонија- Бар Код коj успешно го водев седум години.
Препознаена сум како мек, но убедлив менаџер.

Прашање Што е за Вас успешна деловна жена?
– Успешна деловна жена е онаа која носи мерливи и видливи резултати, а при тоа шири позитина енергија и ја охрабрува околината. Со текот на годините дојдов до неколку заклучоци од кои три се најважни.
Прво, универзален рецепт за успех не постои. Секој нареден успех е приказна сам за себе. Понатаму, оној кој има капацитети и решителност во себе, кога-тогаш ќе има успех, без оглед на предизвиците и тешкотиите. И последно, но не е најневажно, не може да се успее без да се има отворен ум, да се размислува “out of the box” и да се биде храбар.
Прашање: Кои се факторите кои влијаат една жена да стане успешна?
– Секој од нас е уникатна креација, спој на карактер, образование, домашно воспитание, сопствени искуства и ред други работи. Поради ова, секоја успешна жена има свој единствен пат до успехот. Според мене, клучно во сето ова е да се одбере вистинската доза од сѐ. И премногу и премалку од било кој фактор не нѐ доведуваат до добар исход.
Потребно е да се има храброст, знаење, упорност, флексибилност, чесност и да се прифаќаат промените.
Комуникацијата е исто така многу важна. Постојат луѓе кои се способни и паметни, но не знаат тоа да го споделат на вистинскиот начин. Добрата комуникација значи многу слушање од една страна, но и внимателно презентирање на информациите од друга страна.
Тимот е исто така важен фактор. На крајот на денот се се сведува на тоа дека луѓето се најважни. Добри соработници неминовно носат успех.

Прашање: Кои се предизвиците за деловните жени кај нас?
– Предизвици има премногу.
Ние, генерацијата “X”, родени по бејби-бумерите и пред миленијалците сме познати по својата самодоверба, честопати поради искуствата со справување со сложените социјални и економски промени кои ги искусивме. Иако растевме со почетоците на дигиталната технологија што не прави комотни со користењето на новите дигитални алатки, сепак прифаќањето на вештачката интелигенција и брзото прилагодување кон брзите технолошки промени за многумина се проблем.
Ќе треба многу напор за повеќето претставници на деловниот свет кај нас да разберат дека технолошкиот напредок може смо да им помогне, а не да ги замени.
Понатаму, постои и проблемот на старите и новите вредности. Во минатото промените на вредносните системи се случуваа во текот на децении. Сега се се случува за година или две.
За жал, менталитетот на нашиот народ во последните години некако инволуира наместо да се развива и претставува голема кочница за напредокот. Тоа го гледаме на секој чекор, а никој не презема ништо. Не велам дека треба да се спроведе некој голем проект за зачувување на универзалните вредности, всушност решението е многу едноставно – ланецот на добри промени секогаш започнува во самите себе. Доволно е секој од нас да се труди да стане подобар човек и така да го започне процесот на позитивни промени.
Можам да зборувам уште за многу други предизвици како што се економските проблеми, потешкотиите да се фати чекор со трендовите во светот, ејџизмот, миниjатуризмот нa домашниот пазар, но сето тоа се теми кои и други ги третираат па не би се концентрирала на нив.

Прашање: Како ги полните „батериите“ на приватен план?
– Најмногу ме „оживува” и ми дава енергија учењето нови работи. Сметам дека знаењето е најдобриот начин да се постигне напредок на личен план.
Исто така, многу ме исполнува кога менторирам млади луѓе и ги охрабрувам да успеат во животот. До сега имам менторирано околу шест, седум млади луѓе и сите до еден прераснаа во успешни личности со кои се гордеам. За мене ова е еден еден од начините на кој секој може да остави наследство зад себе.
Од „обичните” работи, ме исполнувале разни работи во различните фази од мојот живот. Во последно време сум опседната со креативно world cuisine fusion готвење и креативно “table setting”. Ме орасположува музиката и често ја користам како терапија.

Прашање: Имате ли некоја мисла или цитат што го носите при срце?
– Имам многу и ми функционираат со години. Еве неколку:
– „Трагедијата во животот не е во тоа што не си ја постигнал својата цел. Трагедијата е во тоа да немаш цел која сакаш да ја постигнеш“ – Бенџамин Мејс (The tragedy in life doesn’t lie in not reaching your goal. The tragedy lies in having no goal to reach – Benjamin Mays),
– „Посмел го сметам оној што ги совладува своите желби, отколку оној што ги победува своите непријатели, зашто најтешката победа е победата над себеси.“ – Аристотел (I count him braver who overcomes his desires than him who overcomes his enemies, for the hardest victory is victory over self),
– „Успехот е патување, а не одредиште.“ – непознат автор (Success is a journey, not a destination – Unknown),
– „Она што сме го направиле само за себе умира со нас; она што сме го направиле за другите и за светот останува и бесмртно е.“ – Алберт Пајк (What we have done for ourselves alone dies with us; what we have done for others and the world remains and is immortal -Albert Pike),
– „Токму пред сонот да се оствари, Душата на Светот решава да го испита сето она што било научено на патувањето.“ – Алхемичарот (Just before a dream is fulfilled, the Soul of the World decides to test everything that was learned on the journey -The Alchemist),
– „Напорната работа ќе те однесе далеку, но уживањето и забавата додека ја правиш ќе те однесат уште подалеку.“ -р екламна кампања за Џони Вокер (Hard work will take you far, but enjoying it and having fun while doing it will take you further- Johnnie Walker campaign ad)
– Кога последен пат направи нешто за првпат?“ рекламен слоган на Emirates Airlines (When was the last time you did something for the first time?- Emirate Airlines аd slogan),
БИДЕТЕ ДОБРИ СО СЕБЕ, БИДЕТЕ ДОБРИ СО ДРУГИТЕ.