Реклама
Интервју

Бизнис приказни со проф. д-р Радмила Димовска – „купчето камења престанува да биде купче штом се роди идејата за катедрала“

„Во текот на мојата кариера, видов како естетската стоматологија од луксуз станува достапна за сè повеќе луѓе. Со технолошкиот напредок, цените стануваат поприфатливи, а квалитетот постојано расте. Мојата цел отсекогаш била да им овозможам на пациентите најдобри решенија, без разлика на нивните можности“.

Реклама

Разговараме со проф. д-р Радмила Димовска, специјалист по ортодонција и единствен субспецијалист во Македонија за третман на деца со расцепи, која кариерата ја гради од 1995 година, во приватната поликлиника „Круна МС“. На Меѓународниот Балкански Универзитет продолжува со академска кариера, а се ввпушта и во новиот предизвик како координатор на новоотворената Балкан дентал клиник.

Во 2023 година, проф. д-р Димовска ја завршува субспецијализацијата за лекување на пацинети со расцеп на усна и непце и станува прв доктор-субеспецијалист од оваа област во Македонија.

Поканет предавач е на бројни релевантни конгреси и симпозиуми ширум светот, а во изминатите 30 години, членка е на ADA, EOS, WFO, поранешна членка на Американ колеџ во Скопје, една од основачите на Приватните стопански комори на Македонија, претседателка на Ротари клуб Камен Мост – Скопје.

Маркетинг
фото-приватна архива

Стоматологијата во Македонија е професија во која има доста жени. Дали тоа значи дека нема „стаклен таван“ во ова поле, или сепак жените сè уште се соочуваат со одредени предизвици?

– Во текот на моите 30 години работа во стоматологијата, сведок сум на голем напредок во оваа професија, особено кога станува збор за улогата на жените. Денес, жените се бројчано доминантни во стоматологијата, но тоа не значи дека патот до успехот е секогаш лесен.

На почетокот на мојата кариера, постоеше одредена скепса дали жените можат да бидат успешни и во хируршките и во лидерските аспекти на стоматологијата. Со труд, посветеност и континуирана едукација, докажавме дека квалитетот на работата е она што навистина значи, а не полот.

Маркетинг

На стоматолошките факултети, бројот на студентки значително го надминува бројот на студенти, што покажува дека жените доминираат во оваа област.

Сепак, иако жените се бројчано повеќе застапени, тоа не значи дека не постојат предизвици. „Стаклениот таван“ најчесто се појавува кога се зборува за напредување во кариерата, особено во академските и лидерските позиции.

Причините за ова можат да бидат традиционалните општествени очекувања, но и фактот што жените често се соочуваат со баланс помеѓу професионалниот и семејниот живот.

Дополнително, приватната пракса бара многу време и посветеност, што може да биде предизвик за жени кои истовремено имаат семејни обврски. Иако постојат успешни жени кои се сопственички на ординации, главното прашање останува дали постои еднаква можност за сите да напредуваат без бариери.

фото-приватна архива

Кои се најголемите стереотипи со кои сте се соочиле како жена стоматолог? Дали пациентите различно гледаат на машки и женски стоматолози? Дали сте почувствувале некаква пристрасност?

– Во изминативе три децении, сум се соочила со различни перцепции за жените во стоматологијата. На почетокот, некои пациенти претпочитаа машки стоматолози за покомплексни интервенции, но со текот на времето, довербата во жените професионалци значително порасна. Денес, благодарение на искуството и напредокот на стоматологијата, пациентите гледаат на стручноста, а не на полот на лекарот.

фото-приватна архива

Се вели дека насмевката е најсилното оружје на една жена. Колку навистина убавата насмевка влијае врз самодовербата и професионалниот успех на жените?

– Насмевката е еден од најпрепознатливите аспекти на нечиј изглед и комуникација. Истражувањата покажуваат дека луѓето со убава насмевка се доживуваат како посамоуверени, попрофесионални и посоцијални.

Кај жените, ова е уште позабележливо, бидејќи во многу професии изгледот игра одредена улога. Луѓето кои имаат здрави и правилни заби често се чувствуваат супериорно. Тие полесно комуницираат и оставаат позитивен впечаток, особено во професиите кои вклучуваат јавен настап или работа со клиенти.

Многу пациентки бараат ортодонтски или естетски корекции токму поради оваа причина – не само за убавина, туку и за подобро чувство на самодоверба.

фото-приватна архива

Во мојата долгогодишна практика, имав можност да видам како трансформацијата на насмевката позитивно влијае врз самодовербата на пациентите. Неретко, пациенти доаѓаат со несигурност, а по завршен третман, нивниот став и однесување целосно се менуваат.

Ова е една од најголемите награди во мојата кариера – да знам дека не сум само доктор, туку некој кој им помага на луѓето да се чувствуваат подобро и посреќно.

Дали жените почесто од мажите инвестираат во естетски корекции на забите?

– Според моето искуство, жените отсекогаш биле позаинтересирани за естетската стоматологија, но во последните години гледам и сè поголем број мажи кои се грижат за својот изглед. Причината е едноставна – убавата насмевка не е само прашање на естетика, туку и на самодоверба и комуникација.

Ова се должи на неколку фактори:

• Поголема свесност за изгледот и неговото влијание врз општествените и професионалните односи

• Посериозен пристап кон личната нега и убавината

• Поголема отвореност за иновации и нови технологии во стоматологијата

Секако, и мажите сè повеќе инвестираат во естетски корекции, но жените остануваат водечки пациенти во оваа област.

Кои трендови во естетската стоматологија ги гледате како најреволуционерни во наредните две-три години?

– Кога започнав со работа, далечната 1995, технологијата беше многу поинаква. Денес, дигиталната стоматологија овозможува брзи и безболни третмани, 3D печатењето го револуционизира процесот на реставрација, а естетските материјали се толку напредни што резултатите изгледаат природно и долготрајно.

Дигиталната ортодонција сѐ повеќе зема замав. Возбудливо е да се види како ова поле напредува, а јас со задоволство го следам секој нов тренд.

Неколку трендови значително ќе ја променат естетската стоматологија во следните години: Дигитална ортодонција-револуција во светот на ортодонцијата – голем напредок гледаме и во проѕирните алајнери, кои стануваат сè попопуларни, особено кај возрасните пациенти.

Друг возбудлив тренд е биолошката ортодонција – истражувањата се насочени кон методи кои ќе го забрзаат поместувањето на забите на природен и биолошки оптимален начин.

Освен тоа, употребата на мини-импланти за контрола на забното поместување ни дава нови можности за третман кај сложени случаи.

Како ортодонт, особено сум возбудена за напредокот во третманите кај пациенти со расцеп на усна и непце. Новите протоколи и интердисциплинарниот пристап овозможуваат подобри и постабилни резултати, што значи подобар квалитет на живот за пациентите. Ова е извонредно време за ортодонцијата, и навистина е чест да се биде дел од оваа професија веќе 30 години!

фото-приватна архива

Од другите новитети би ги издвоила:

• Дигитален дизајн на насмевка (DSD) – компјутерски симулации кои овозможуваат пациентите да видат како ќе изгледа нивната насмевка пред интервенцијата

• 3D печатење– побрз и попрецизен начин за изработка на коронки, фасети и мостови

• Минимално инвазивни процедури – како неинвазивно избелување и микроабразија

• Биокомпатибилни материјали – подобрени материјали кои изгледаат поприродно и се поотпорни

Дали естетската стоматологија треба да биде достапна за сите или сепак, ќе остане привилегија за оние кои можат да си ја дозволат?

– Во текот на мојата кариера, видов како естетската стоматологија од луксуз станува достапна за сè повеќе луѓе. Со технолошкиот напредок, цените стануваат поприфатливи, а квалитетот постојано расте.

Мојата цел отсекогаш била да им овозможам на пациентите најдобри решенија, без разлика на нивните можности.
Напредокот во технологијата и зголемената конкуренција доведуваат до постепено намалување на цените, што значи дека во иднина овие процедури ќе станат подостапни.

Членка сте на Ротари клуб, каде традиционално доминирале мажи. Како жените можат да направат поголемо влијание во вакви кругови?

– Кога започнав со работа, постоеше поголем јаз во начинот на кој се гледаше на успешните мажи и успешните жени. Денес, се забележува позитивна промена, но сè уште има простор за подобрување.

Најважно е да продолжиме да ја градиме свеста дека успехот доаѓа од трудот и знаењето, а не од полот.

Жените сè почесто стануваат дел од професионални и бизнис здруженија кои традиционално биле доминирани од мажи, како што се Ротари клубовите. Најдобар начин за да се направи поголемо влијание е преку активно учество, иницијативност и демонстрирање на експертиза. Пример за тоа е што оваа година Претедател на Ротари Интернационал е жена, а во мојот клуб РК Камен Мост Скопје, повотрно е жена претседател.

Жените треба да бидат гласни во своите ставови, да предлагаат проекти и да ја користат својата способност за вмрежување. Клучот е во поддршката – кога една жена ќе постигне успех, таа треба да ги охрабри и другите жени да преземат лидерски улоги. Важно е да се биде присутен и да се покаже иницијатива.

Каков е односот кон успешните жени во Македонија? Дали сме родово сензитивни?

– Во Македонија има сè повеќе успешни жени во различни професионални сфери, но пристрасноста сè уште постои. Жените лидери често мораат да вложат повеќе труд за да ја докажат својата компетентност, во споредба со мажите на истите позиции.

Родовата сензитивност се подобрува, но предрасудите и очекувањата за „женски“ и „машки“ професии сè уште постојат. За целосна рамноправност, потребно е општеството да ги вреднува успесите врз основа на квалитетот и резултатите, а не врз основа на полот.

Мантра или цитат на кои секојдневно се навраќате?

Првиот ден кога стапнав на работа ја слушнав оваа реченица која е мојата мантра изминативе 30 години:

„Не постои неосвоива трврдина, само различен пат да стигнеш до неа“.

Со други зборови, квалитетот и посветеноста секогаш ќе најдат пат до успехот. Ова е нешто што секогаш ме водело – без разлика на предизвиците, фокусот на професионалноста и грижата за пациентите секогаш носи најдобри резултати.

Цитат со кој често се служам , а го кажал Антоан де Сент Егзипери е „купчето камења престанува да биде купче камења од моментот кога ќе се роди идејата за катедрала“.

Мојата катедрала ја градам упорно и со голем труд веќе 30 година, преку приватната поликлиника КРУНА МС, за да продолжам на Меѓународниот Балкански Универзитет со академската кариера и новиот предизвик, координатор на новоотворената Балкан Дентал Клиник.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button