Бизнис приказни со Катерина Дунимаглоска – жената што создаде бренд за емоционална интелигенција кај деца
Со храброст, креативност и трпение, Катерина Дунимаглоска ги надминува предизвиците на претприемништвото и докажува дека жените лидери можат да создадат длабоки општествени промени.

Во време кога пазарот е преплавен со комерцијални содржини, а брзото темпо на живот ја потиснува емоционалната свесност, Катерина Дунимаглоска ја гради својата деловна приказна со јасна мисија: да создаде вредност која не се мери само во бројки, туку во допрени срца и трансформирани детски светови.
Како претседателка на здружението „Кејт Хаус“, таа со години успешно комбинира емпатија и претприемништво, претворајќи ја грижата за децата во стабилен бренд со влијание. Со исклучителна посветеност и визија, Дунимаглоска ги надминува предизвиците со кои се соочуваат жените во деловниот свет – од ограничени ресурси до недоволна поддршка – и покажува дека и емотивната интелигенција може да биде деловен-модел.
Во интервјуто што следува, зборуваме за храброста да се почне нешто ново во Македонија, за одржливоста на социјално одговорниот бизнис и за тоа како изгледа кога женското лидерство се води од срце, но со јасна стратегија.

Прашање: Како започна Вашиот пат кон оваа сфера и што Ве водеше до позицијата што ја имате денес?
– Мојот пат започна од сонот што го носев уште како дете, да бидам учителка, водич, инспирација. Љубовта кон децата и чувството дека секое дете заслужува да биде видено, слушнато и поддржано, беа мојот компас.
Со текот на годините, низ лични искуства и професионални обуки, созреа идејата за „Кејт Хаус“ – безбедно место каде растеме заедно: деца, родители, наставници. Место каде преку љубов ќе го пронаоѓаме ,,најдоброто од себе “, наслов кој подоцна прерасна во едукативна детска книга.
Прашање: Колку е тешко да се работи на вредносниот систем кај децата во дигитален свет?
– Предизвикот е голем, но не е невозможен. Клучот е во присуството и свесната поврзаност. Кога детето ќе почувствува дека е прифатено и сакано такво какво што е, тогаш природно се отвора за вредности како емпатија, почит, храброст. Во светот на екрани, ние нудиме простор за вистински контакт, разговор и игра.

Прашање: На кои проекти сте најмногу насочени и од кои резултати сте најзадоволни?
– Особено сум горда на програмата „Јас Сум Моќен/на“, која ги поддржува децата во личниот раст, развој на емоционална интелигенција и верба во себе.
Исто така, проектите за намалување на екранско време и зајакнување на врските помеѓу браќа и сестри имаат силен одек. Резултатот што најмногу ме радува е ,,Насмевка на дете што повторно верува во себе”.
Најголем проект во моментов ми е НЛП за деца кој го реализираме заедно со мојата драга пријателка м-р Ана Салтирова Давидовски базиран на НЛП технологоја.
Прашање: Со какви предизвици се соочува жената лидерка во Македонија и како ги надминувате?
– Често се соочуваме со недостаток на институционална поддршка и ограничени финансиски ресурси. Но, она што нè движи е визијата. Верувам во моќта на мали чекори и голема упорност. Поддршката ја градиме сами – преку заедница, автентичност и искрено лидерство што излегува од срцето.


Се радувам дрка постојат многу млади, меѓу нив и мои ученици, кои веруваат во своите идеи и создаваат промени во заедницата а кои се мои подржувачи и подршка и од срце сум им благодарна на ,,STARTUP CLUB SKOPJE”.
Прашање: Што покажува вашето искуство, кои вредности најмногу им недостигаат на денешните деца?
– Недостасуваат самодоверба, отпорност и вештини за регулирање на емоции. Во свет што постојано брза, децата имаат потреба од темпо што ќе им дозволи да бидат деца – да се прашуваат, грешат, сонуваат, растат. Нашата мисија е да им помогнеме да го слушнат својот внатрешен глас и се водат од него.

Прашање: Што би им препорачале на млади жени кои сакаат да започнат сличен проект?
– Прво, верба во својата визија – дури и кога другите не ја гледаат.
Второ: Почни пред да се чувствуваш „подготвена“. Движењето носи сила.
Трето: Опкружи се со луѓе што те разбираат, поддржуваат и потсетуваат зошто почна.

Прашање: Како ги полните „батериите“ на приватен план?
– Со тишина. Со медитација. Со книга. Со игра со децата. Со латино танц кој ме полни со чиста позитивна енергија. Со прошетки во природа и моменти на планина кога се враќам во себе. Најмногу се полнам кога сум искрено присутна – без агенда, без притисок, само јас.
Прашање: Имате ли некоја мисла или цитат што го носите при срце?
– „Светот не се менува со големи гестови, туку со мали добрини направени со голема љубов.“
Овој цитат ме потсетува дека секоја насмевка, секој збор поддршка, секој допир на душа е дел од промената што ја сакаме да ја видиме.